Македонија
Заев за лажните пасоши: Не може да се обвинуваат премиерот и министерот оти спровеле успешни акции
„Не може да се обвинуваат премиерот и министерот за внатрешни работи или слично бидејќи спровеле успешни акции“. Вака премиерот Зоран Заев одговори на повиците за одговорност кои доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ поради лажните пасоши издавани на меѓународни криминалци. Заев тврди дека знае со кои политичари се среќавал Седат Пекер, кој е еден од криминалците кои добиле македонски пасош со лажен идентитет, но не гледа вина во тоа.
„Кога некој открива, осознава и активно процесуира криминал, тој треба да се награди а не да одговара. И тоа се вредностите секаде во светот, така и кај нас. Како што рече и Спасовски, ова е неколкумесечна акција која се работи со меѓународни партнери, за да се спречат ваквите постапки и да се казнат. Луѓето кои се извадени пред суд, се откриени. Дале преку 214 државјанства, со измислени матични броеви преку граѓанин од дома. Сето тоа што се случувало низ годините, децениите, на крајот има успешна завршница да не се повтори никогаш повеќе, а тоа е успешна акција на МВР“, рече Заев.
За лицето Седат Пекер, кој се барал за сторен криминал во Турција, а за кој ВМРО-ДПМНЕ објави дека во Македонија го имал идентитетот Џадин Амедовски, премиерот Заев кажа дека тој бил избркан од државата.
„Некој се обидувал да кокетира со некои политички субјекти во целиот овој период, веројатно да се спаси или да направи политичка тема, но ние нема да дозволиме. Господинот којшто го споменавте е еден од тие кои добиле таков пасош. Тој е осомничен за одредени дела во Турција. МВР направи екстрадиција, го избрка од државата. Тој што работел на фалсификат документи, нелегално издавање пасош, е дел од самата постапка која е процесуирана. Дали се гледале коалициски партнери, луѓе од мојата партија – не може да се знае дали некој работел на нелегални пасоши и слично, па не гледам никаква вина во тоа. Запознаен сум кои од колегите, партнерите, партиите, имале средба на негово барање, но апсолутно не може никој да каже дека тие имаат вина поради тоа, бидејќи ако некој побара средба, треба да имаат средба“, додаде Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

