Македонија
Заев: За 10 до 15 дена ќе има исход од преговорите за влада, сите опции се отворени

Претседателот на СДСМ и пратеник во Собранието, Зоран Заев, посочи дека во деновите што следуваат ќе се разговара со сите политички партии за состав на нова влада, а за 10 до 15 дена очекува да има исход од преговорите. Тој рече дека коалицијата предводена од СДСМ може да формира влада со ДУИ, Алијансата и Алтернативата, но додаде дека тоа зависи од отстранувањето на национализмите, прочистувањето на правосудството, проверката на имотот и капиталот на секој функционер што е избран и од кадровскиот потенцијал.
„Сите опции се отворени во преговарачкиот процес. Ќе разговараме за влада која е решена и што ќе се бори со криминалот и корупцијата на сите нивоа. Секој ќе си ја сноси својата одговорност, без разлика дали е познат или непознат, експерт, функционер. Особено внимание ќе посветиме на проверката на потеклото на парите и капиталот и прочистување на судството. Екодржава ќе биде една од најсериозните теми на која ќе се посветиме. Идните фактори во идната влада ќе мора да се посветени и на силна реформа на јавната администрација, но и промена за намалување на администрацијата за 20 проценти, помал број министри и поголем број и побрзи услуги за граѓаните. Владата за која ќе разговараме ќе води грижа за најсиромашните граѓани, ќе даваме поддршка на економскиот сектор. Ние во овој момент почнуваме со сериозни разговори, поставени на сериозни принципи, кои ќе донесат влада што ќе движи напред. Влада посветена на економијата и правдата. Влада што ги отвора преговорите за членство со ЕУ, влада што со секое ново отворено поглавје од преговорите ќе воведува нови европски стандарди за подобар живот, тука во нашата убава земја“, рече Заев.
Од денеска членови на партиите ќе имаат состаноци со сите партии од албанскиот политички блок, а Заев истакна дека на првите средби не се очекува напредок во преговорите.
„Очекувам дека за 10 до 15 дена ќе имаме исход од овие преговори и дека многу бргу ќе ги кренеме сите македонски институции во полн капацитет за да може да се справуваат со најголемиот предизвик – Ковид-19. Пред нас е есен што носи нова учебна година, нова грејна сезона, нови предизвици за болниците, нова борба за јавното здравје и економскиот напредок. Нè чека двојно повеќе и подобра работа со ангажман на секој од нас“, додаде Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.