Македонија
Заев на Парискиот мировен форум: Од сите нас зависи каков ќе биде светот по Ковид-19
Од сите нас зависи каков ќе биде светот по Ковид-19, но сега ја имаме шансата која не смееме да ја пропуштиме да го направиме подобар. Ова го истакна претседателот на Владата, Зоран Заев, кој денеска учествуваше на Парискиот мировен форум, кој оваа година се одржува целосно во дигитален формат и преку видеоконференциска врска.
На форумот учествуваат повеќе од стотина шефови на држави и влади, лидерите на меѓународните организации, како и други влијателни личности од меѓународниот бизнис, од граѓански организации, од академската сцена, од верски организации и други.
Во своето видеообраќање Заев истакна дека денеска светот е исправен пред заеднички непријател кој за многу кусо време покажа дека не ги признава границите.
Нагласи дека пандемијата предизвикана од коронавирусот не само што го загрози најскапоценото – човечкиот живот, туку ја турна на колена светската економија и речиси ни го одзеде социјалниот живот.
„Со право, граѓаните го свртеа погледот кон нас, лидерите, со очекувања да изнајдеме брзи и ефикасни решенија. И ние ја примивме пораката! Секојдневно и без одмор, во национални рамки, во европски, и еве како овие три дена – на Парискиот форум за мир, и во светски рамки, се обидуваме да изнајдеме соодветен одговор на кризата која треба заеднички да ја надминеме. Тука сме сите заедно да размениме идеи и најдобри практики со цел да изнајдеме решение за овој предизвик“, потенцираше Заев.
Тој додаде дека длабоко е уверен дека единството и солидарноста се потребни повеќе од кога било и дека светските лидери треба во практика да ги покажат овие вредности кои ќе бидат на висина на предизвикот – да не познаваат граници и да бидат глобални.
„Од сите нас зависи колку светот по Ковид-19 ќе биде ист или различен, но сега ја имаме шансата, која не смееме да ја пропуштиме, да го направиме подобар!“, рече Заев.
Во своето обраќање на церемонијата на свеченото отворање на работата на Парискиот форум за мир, претседателот на Франција, Емануел Макрон, подвлече дека како никогаш досега на светот му треба нов консензус за прашањата од интерес на сите граѓани на глобално ниво, како што се пандемијата со Ковид-19, тероризмот и климатските промени.

Како приоритет тој го истакна прашањето за заедничката соработка и солидарност на утврдувањето на безбедна и ефикасна вакцина и за потребата од мултилатерална поддршка на глобалниот план КОВАКС, чија цел е да обезбеди фер дистрибуција на вакцините против Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради сообраќајка во прекин сообраќајот на патот Битола-Државна граница со Грција
Во 20:00 часот на крак А-3 Битола – Државна Граница со Р.Грција во близина на крстосница за с.Бистрица и с.Оптичари, случена е сообраќајна незгода, поради што сообраќајот на патниот правец Битола – Држ. граница е во прекин и истиот ќе се пренасочи низ.с.Бистрица и с.Породин соопшти АМСМ.
Македонија
Сиљановска-Давкова со Ахмет бин Мохамед Ал Џарван: мирот и толеранцијата се императивни претпоставки за демократија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ахмет бин Мохамед Ал Џарван, претседател на „Глобалниот совет за толеранција и мир“, во придружба на неговите соработници.
Информирајќи дека семејството на пријателите на „Глобалниот совет“ постојано се проширува, Ал Џарван потенцираше дека стотина парламенти, ширум светот, потпишале меморандуми за соработка со оваа препознатлива и почитувана институција.
Тој, во парламентарната демократија и во меѓукултурниот дијалог препознава мировни механизми за промоција и гаранција на мирот и толеранцијата на сите нивоа и во сите средини.
Претседателката ја поздрави хуманата мисија на Глобалниот совет, истакнувајќи дека е добредојдена и делотворна во амбиент на сериозни безбедносни закани.
За неа, Меморандумот за соработка, којшто деновиве го потпиша Глобалниот совет со македонското собрание е чекор напред во одбраната и поттикнувањето на хуманите цели на човештвото, без оглед на разликите по било кој основ.
Таа особено се радува на потпишаниот договор за стипендии на студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“, нејзината матична институција, како охрабрувачки за најдобрите студенти, но и оние со лоша материјална положба и неопходна потреба од финансиска помош.
За соговорниците, мирот и толеранцијата се императивни претпоставки за демократија, развој и просперитет во национални, регионални и меѓународни рамки.
Македонија
(Видео) Во Ресенско поплавени над 50 куќи, магацински простори и земјоделско земјиште, состојбата се следи во сите засегнати региони, соопшти ЦУК
Поради обилните врнежи, на подрачјето на Општина Ресен дошло до излевање на Болнска и Источка река во селата Царев Двор и Дрмени, при што се поплавени над 50 куќи, магацински простори, визби и земјоделско земјиште, соопшти Центарот за управување со кризи.
„Поплави се евидентирани и кај с. Долна Бела Црква од излевањето на Голема Река, чиј моментален водостој изнесува 210 см.
Ангажирани се екипи на јавните претпријатија, „Македонија пат“, ЈКП „Пролетер“, како и приватни машини – вкупно 7 пумпи за испумпување вода и повеќе багери за расчистување и интервенции. Во населбата Црквиште се користат сите расположливи пумпи за санација на поплавените објекти.
ЈП “Македонија пат“ информира дека на повеќе делници има наноси од земја, кои се расчистуваат по приоритет“.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, нагласуваат од ЦУК, е во постојана координација со градоначалниците на засегнатите општини.
„Поради обилните врнежи во повеќе региони низ државата се зголемени водостоите на реките, а има и поплавени терени, подруми и земјоделски површини. На терен се ангажирани екипи на јавните претпријатија, механизација и приватни компании за испумпување вода, расчистување и интервенции.
Состојбата, според ЦУК се следи во сите засегнати региони: Ресен, Битола, Демир Хисар, Охрид, Крива Паланка и околината.
„Дежурни екипи остануваат на терен и во текот на ноќта, а Центарот за управување со кризи будно ја следи состојбата и за понатамошни интервенции“.
Фото: принтскрин

