Македонија
Заев: Не може газди на приватни фирми да бидат раководители на сектори во администрацијата
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на денешната прес-конференција најави дека во следниот мандат ќе се укинат патните трошоци за пратениците во Собранието. Заев рече дека во идина сите функционери, без оглед дали се градоначалници, пратеници, директори, вклучувајќи ги и судиите, ќе имаат обврска јавно да ги прикажат сите трошоци.
„Воведуваме законска обврска за јавна објава на трошоците на сите функционери во централната, локалната, но и во судската власт. Алатката за отчетност на трошоците на функционерите со закон ќе ја направиме да биде задолжителна и за градоначалниците, и за пратениците и за судската власт. Се покажа дека отчетноста ги тера функционерите да штедат, а тие пари одат кај граѓаните. Тие што водат институции во име на граѓаните мора да се отчетни, транспарентни и чесни. Ќе ги укинеме патните трошоци за пратениците во Собранието“, рече Заев.
Првиот човек на владејачката партија рече дека една од мерките што ќе ја преземе идната власт ќе биде намалување на бројката на јавната администрација, и тоа 20 отсто.
Според него, во јавната служба ќе останат да работат професионалци, односно тие што се спремни да им служат на граѓаните.
„Секако, нема да ги бркаме луѓето да си одат дома и да останат без работа. Ова е цел процес, кој е почнат и успешно ќе продолжи. Во моментот се прави анализа на сите што работат во јавнатата администрација, а се основачи или менаџери на фирми. Веројатно таму постои злоупотреба на работното место. Не може да бидете газда на фирма, да управувате со неа, а тука сте раководител на некој сектор. Со ова мора да завршиме. Ќе се заблагодариме, дечки, имате приватна фирма, успешни сте, ве молам, ослободете го местото. Вториот дел е каде што на луѓето ќе им понудиме пакети. Сите оние што ќе склучат договор за работа во приватна компанија и тоа за трајно вработување, ќе добијат испратнини во 6 бруто-плати“, рече Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Засега нема услови за евакуација на македонските државјани од ОАЕ и Катар, се разгледуваат алтернативи за државјаните во Израел
Повеќе од 400 македонски државјани се обратиле до дипломатско-конзуларните претставништва со барање за информации околу можноста за евакуација, додека околу 30 од нив изразиле подготвеност да заминат при првата можна прилика, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, по ескалациите на Блискиот Исток.
Од Министерството информираат дека со сите пријавени лица се одржува редовна и континуирана комуникација, а во тек се подготвителни активности за евентуална асистенција и нивна безбедна евакуација, зависно од развојот на состојбата на терен.
Дипломатско-конзуларните претставништва, како што се наведува, ги преземаат сите неопходни мерки за подготовка и безбедна реализација на евакуацијата на граѓаните кои изразиле подготвеност за тоа. Министерството е во постојана комуникација со пријателски земји и меѓународни партнери со цел координирано спроведување на постапката.
Во однос на Обединетите Арапски Емирати и Државата Катар, во моментов не постојат безбедни услови за евакуација. За македонските државјани кои се наоѓаат во Израел, веќе активно се разгледуваат и координираат потенцијални алтернативи за нивно безбедно извлекување.
Министерството останува целосно на располагање на граѓаните преку дежурниот телефон и дипломатско-конзуларните претставништва, и ги повикува сите македонски државјани во регионот доследно да ги почитуваат упатствата на локалните безбедносни органи.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546
Македонија
(Видео) ЛДП ја поздравува одлуката на ЕК за почеток на преговори за укинување на роамингот за Западен Балкан
Либерално-демократската партија (ЛДП) го поздравува предлоготот на Европската комисија за почеток на преговорите за интеграција во режимот на бесплатен роаминг во ЕУ, односно укинување на роаминг трошоците за земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија.
Со воведување на бесплатниот роаминг помеѓу корисниците од ЕУ и Западен Балкан ќе се олеснува комуникацијата и значително ќе се намалат телефонските сметки на милиони корисници.
„Уште од 2021 година ЛДП ја започна оваа иницијатива, за во 2025 година на состанокот на Советот на групацијата АЛДЕ во Хелсинки, биде усвоена резолуцијата на ЛДП за вклучување на земјите од Западен Балкан во европскиот режим Роаминг како дома (Roam Like At Home – RLAH)“, вели во изјава за медиумите членката на ЛДП, Тамара Гарческа.
Гарческа додава дека резолуцијата предвидува целосно интегрирање на Македонија и соседните држави најдоцна до 2030 година и тоа да биде исклучиво по мерит систем, односно вреднувано по постигнатиот реформски напредок.
„По интеграцијата на Украина и Молдавија во системот на бесплатен роаминг, повеќе нема простор за оправдувања зошто и земјите од Западен Балкан да не бидат вклучени. ЛДП отсекогаш била чекор пред времето со храбри и оригинални идеи како оваа, сме работеле исклучиво во интерес на граѓаните и горди сме што години заложби и лобирање на нашите иницијативи, денес се слушаат погласно и се на чекор до финално реализирање“, завршува Гарческа во својата изјава.
Македонија
По речиси една година од пожарот во „Пулс“, семејствата ќе ги добијат личните предмети на настраданите – телефони, обувки, накит
Одделението за внатрешни работи Кочани информира дека, во врска со трагичниот настан – пожарот во клубот „Пулс“ на 16 март, од денеска, 2 март 2026 година, почнува постапката за враќање на личните предмети пронајдени на местото на настанот.
Се известуваат сите повредени лица, блиски членови на семејствата на починатите, како и други лица кои биле присутни за време на настанот, дека во периодот од 2 до 6 март 2026 година, во времето од 09:00 до 18:00 часот, можат да се обратат во просториите на Одделението за внатрешни работи Кочани, на ул. „Тодосија Паунов“ бр. 12.
Целта на посетата е идентификација и враќање на личните предмети кои биле пронајдени при увидот и им припаѓаат на повредените и на починатите лица. Меѓу предметите што ќе се враќаат се: мобилни телефони, паричници, накит, часовници, ташни, облека и обувки.
Враќањето ќе се врши по претходна идентификација од страна на сопствениците или од блиски членови на семејствата на починатите, нагласуваат од ОВР Кочани.
Фото: ЕПА

