Македонија
Заев: Образованието на секоја етничка заедница е придонес за општествена интеграција
Премиерот Зоран Заев, придружуван од првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, присуствуваше и се обрати на свеченоста по повод одбележувањето на петгодишнината од основањето на Универзитетот „Мајка Тереза“, која се одржа во Музејот на современата уметност во Скопје.
На настанот, на кој присуствуваа претставници и ректори од други државни универзитети, студенти, дипломци и магистри, се обратија и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“ Азис Положани.
Премиерот Заев истакна дека Универзитетот „Мајка Тереза“ од своето основање до денес стана сериозен чинител во системот на високото образование во Република Северна Македонија.
„Одлуката за основање на Универзитетот и за создавање на уште еден кампус во главниот град на нашата земја на кој наставата ќе се одвива на албански јазик, според современи стандарди за високо образование, наука и истражување, ја прифативме како општествена инвестиција во интерес на младите генерации“, рече Заев, додавајќи дека низ овие пет години остварувањето на мисијата на Универзитетот ги прошири своите димензии и денеска настава на одделни студиски програми се одвива и на македонски јазик.
Тој посочи дека Универзитетот „Мајка Тереза“, каде на пет факултети, од кои четири од технички-технолошки профил и еден за општествени науки, и каде се образуваат речиси 3.000 студенти ја остварува својата мисија при формирањето да создава кадри од техничко-технолошките профили како предуслов за забрзување на економскиот развој и за зајакнување на социјалната кохезија на општеството.
„Образованието на јазикот и писмото на секоја етничка заедница, како основи на националниот идентитет преку кои се чува и се афирмира духовното наследство, претставуваат и потенцијал за општествена интеграција, кохезија и развој на една заедница која не може да опстојува изолирана и самодоволна“, оцени премиерот.
Испраќајќи порака, дека студентите се лидери на иднината и дека обврска на сите е да им создаваме услови за исполнување на нивните соништа и амбиции, за стекнување солидно, европско образование за да живеат исто, дома, како и нивните врсници во Европа, премиерот Заев подвлече дека како одговорност пред Владата останува завршување на постапката за трајно просторно сместување на универзитетскиот кампус во кругот на касарната „Илинден“, со што, како што подвлече, ќе се создадат услови за изградба на универзитетскиот комплекс, што како проект е дел од Програмата на Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

