Македонија
Заев: Одлуката за референдумот треба да биде заедничка

Државата треба да донесе заедничка одлука за референдум. Сите имаат право на дебата, државата треба заеднички да донесе одлука и обидите треба да ги правиме заедно усогласувајќи се со коалициските партнери во однос на едно вакво исклучително важно прашање како референдумското, изјави денеска прмиерот Зоран Заев. Според него, власта, опозицијата и коалициските партнери да бидат усогласени во тој процес.
Заев вели дека во процесот на утврдување на референдумското прашање ќе биде дефинирано и тоа дали референдумот ќе биде обврзувачки или консултативен.
„Она за што се согласувам со опозицијата е дека референдумот треба да биде задолжителен, а заедно треба да утврдиме дали ќе биде консултативен или обврзувачки од причини што сите овие пораки што во последно време се испраќаат оставаат впечаток дека некој сака да ја блокира Македонија. Зборувам за задолжителен референдум ако сите 50 отсто плус еден граѓанин излезат и го поддржат референдумот, апсолутна должност на секој граѓанин е да ја почитува одлуката и буквално да се поклони, освен ако не е негативна. Јас не верувам дека тоа е возможно денес“, рече Заев.
Одговорајќи на новинарско прашање по означувањето на почетокот на изградбата на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка, премиерот потенцира дека ова се историски чекори и решенија.
„Убеден сум дека Македонија ќе смогне сили и мудрост и за решенијата, но мудрост и сила да застанеме заедно за вакви важни прашања, кои навистина отвораат блескава перспектива за генерациите денес и генерациите што доаѓаат по нас“, рече Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тошковски од Мала Преспа: Македонскиот дух тука живее силно и гордо

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со министрите за надворешни работи Тимчо Муцунски и министерот за култура Зоран Љутков се во посета на Македонците во Мала Преспа каде присуствуваат на фестивалот „Македонско културно лето“–симбол на истрајноста и духот на македонската заедница во Албанија.
„Фестивалот претставува жив сведок на богатството на македонската култура, уметност и традиција и испраќа јасна порака дека македонскиот идентитет не познава граници. Наша обврска е да го зачуваме и промовираме, секаде каде што чука македонско срце”, потенцираше министерот Тошковски.
Во рамки на посетата на Пустец министрите остварија средба со градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колевски со кого разговараа за конкретни начини на поддршка од страна на македонската држава.
„Како Министерство за внатрешни работи, подготвени сме да го олесниме процесот за издавање на лични документи на оние жители кои имаат македонско државјанство и да преземеме мерки за олеснување на граничниот проток на преминот Стење, особено во сезоната на берба на јаболка, кога многу жители од овој крај доаѓаат на работа во Ресенскиот регион“, истакна министерот Тошковски.
Присутните вечерва имаа чест да го проследат настапот на велешкиот театар – силна потврда дека македонската култура обединува, каде и да се наоѓа.
„Мала Преспа е прекрасна, но уште повредно е чувството дека македонскиот дух тука живее силно и гордо“, заврши министерот Тошковски.
Македонија
Улиците во Карпош вечерва во тотален мрак

Општина Карпош во моментов е без улично осветлување поради пад на системот.
Од Општината информираа дека во моментот се работи на отстранување на проблемот и повторно подигнување на системот.
Се очекува осветлувањето да биде нормализирано во најбрзо време.
Македонија
Костадинов го замрзнува членството во СДСМ, најави ново политичко делување

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, соопшти дека го замрзнува членството во СДСМ, незадоволен од сегашното раководство и од насоката во која се движи партијата. Како што наведе во објава на социјалните мрежи, одлуката е донесена од чесност и срце, со уверување дека СДСМ треба да се врати таму каде што и е местото.
Костадинов порача дека во моменталната политичка состојба не гледа реална понуда и визија за градот, додавајќи дека не сака да се кандидира по инерција или без конкуренција. Тој нагласи дека во изминатите 11 години не изгубил ниту едни избори и дека секоја негова победа била победа за Струмица.
Во своето обраќање, Костадинов ги потенцираше реализираните проекти во Струмица, како електричниот јавен превоз, велосипедските патеки, нови паркови.
Иако го замрзнува членството, тој изјави дека останува социјалдемократ по вредности, но и дека не може да молчи кога гледа немање став и храброст кај раководството на СДСМ.
Најави и создавање ново интерпартиско делување кое ќе биде презентирано по локалните избори, а за кое вели дека ќе има целосно прецизна стратегија со цел обединување авторитети.
Конечната одлука за неговото идно делување, Костадинов, ќе ја соопшти по завршување на локалните избори.
СДСМ денес соопшти дека за нов градоначалник на Струмица ќе го кандидира претседателот на општинската организација, Марјан Даскаловски.