Македонија
Заев од Дебрца: Влогот во инфраструктурата е влог во развојот

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денес го започна караванот на „Најдоброто за мојата општина“ од Белчишта во Општина Дебрца.
„Градиме за нашиот народ – асфалт наместо кал. Затоа се обврзуваме да донесеме водовод и канализација онаму каде што нема, а онаму каде што има редовно да го одржуваме и унапредуваме. Ќе продолжат и инвестициите во атмосферска канализација, како и реконструкција на улиците во општините, локалните и полски патишта“, најави Заев.
Покажавме, рече Заев, дека има пари во државата и да растат платите и да се инвестира во капитални проекти.
„Има пари во државата оти сега тие не одат на споменици, на барок, на палми, жални врби и криминални тендери. Денес секој денар од Буџетот се троши рационално, во проекти кои носат придобивки за граѓаните“, нагласи претседателот на СДСМ.
Оцени дека во овие четири години како никогаш досега се инвестирало во патната и комуналната инфраструктура насекаде низ државата. Кога ги димензиониравме инвестициите, додаде Заев сериозно внимававме на рамномерниот развој, вложувавме повеќе и финансиравме повеќе проекти во руралните и општините кои цела деценија беа заборавени.
„И тука во Дебарца се инвестираше во такви проекти кои го олеснуваат животот на граѓаните, а општината ја прават поразвиена. Пробиени се и асфалтирани улици и локални патишта, поставени се водоводи, а преку ТАВ програмата ја финансираме изградбата на фекална канализација со пречистителна станица во село Лешани. Она што е најважен проект за вашата општина, а е проект на државата е секако автопатот Кичево – Охрид кој ќе донесе неограничени можности за развој и буквално ќе ја промени социјално економската карта на Дебрца“, потенцира Заев од Дебарца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.