Македонија
Заев од Кавадарци: 800 милиони евра за директна финансиска поддршка за земјоделството во следните 4 години
Во следниот период субвенциите и поддршката за рурален развој ќе бидат 200 милиони евра годишно, 800 милиони евра за 4 години. Ова е вистинска поддршка, но ќе има и за новите сорти и за отворање на нови винарски визби, за да ја зголемиме дополнително побарувачката на грозјето. Оваа година драги кавадарчани око да не ви трепне, бидејќи ги имате Заев и СДСМ кои можат многу повеќе да сработат и за виното и за грозјето. Трите години бевме до вас и оваа година ќе бидеме до вас, порача претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во своето обраќање на граѓанската трибина во Кавадарци.
„ Чесна власт, иако на 15 јули оди на избори а откупот е во септември, веќе во буџетот во април ставивме 5 милиони евра, тоа се 23 милиони килограми по 14 денари да ги откупиме сите. Или 7 денари да покриеме разлика на целото винско грозје и за смедервката и за вранецот. Имаме комплетно решение, нема потреба да стравувавте. Тоа никогаш не се случило во Тиквешијата. Ова е нашето богатство, нашето сонце и нашиот трудољубив народ“ рече Заев.
Тој рече дека државата им стои комплетно за сé на располагање на граѓаните и додаде дека Владата предводена од СДСМ покрила 1 милијарда и 200 милиони евра долгови оставени од ВМРО-ДПМНЕ за спомениците, палмите и галиите, исто така со 50 милиони државата им помогна на општините да се раздолжат и денеска да се на ниво од 1/4 од долговите што ги имаа.
„ Зборуваа во земјоделството нели ако дојде Заев и СДСМ ќе ги укинеа субвенциите?! Не, не ги укинаа, ги укинаа на тие бандитите Камчевци и другите. И тие 30 милиони евра од големите компании ги пуштивме на индивидуалните земјоделци и сега имаме навремени субвенции, стигаат тогаш кога им требаат на земјоделците. Оваа година беше корона криза, а 95 % од субвенциите се исплатени и секогаш сме тука да слушнеме кога треба на народот веднаш да интервенираме“, заклучи Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Македонија
Андоновски учесник на најголемиот светски конгрес за мобилни оператори – MWC26 во Барселона: во фокусот проектот „Роаминг како дома“
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска е во работна посета на Барселона, Шпанија каде учествува на MWC26 (Mobile World Congress) – најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди и дигитални решенија во светот.
Во рамки на својата посета, министерот се задржа на лобирање за принципот „роаминг како дома“, со цел понатамошно унапредување на условите за граѓаните и бизнисите преку намалување на трошоците за роаминг и приближување кон европските стандарди.
Министерот Андоновски беше дел од GSMA Ministerial Programme, каде се дискутираше за клучни политики и приоритети поврзани со поврзливоста, дигиталната инфраструктура, безбедноста и идните мрежни технологии.
„Ова е најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди во светот. Заедно со претставници на Влади и претставници на приватниот сектор, разговараме за прашањата кои најмногу ги засегаат нашите граѓани и корисниците, а тоа за нас секако е проектот „Роаминг како дома“ – што значи цени како дома за користење на мобилни услуги, СМС пораки и интернет било каде во Европската Унија. Можам да кажам дека од владите и од нашите меѓународни партнери добиваме голема поддршка за овој проект, но и разбирање од големите телеком оператори“, истакна Андоновски.
Министерот додаде: „Во текот на денот имав можност да се сретнам со мобилни оператори кои се присутни во Македонија, но и со бројни светски производители на опрема, даватели на облак (cloud) услуги, каде што разговаравме за најважните прашања кои во моментов го засегаат секторот на дигитализација: изградба на дата центри, вештачка интелигенција, сајбер безбедност и целосна дигитална трансформација на општеството.“

