Македонија
Заев побара парламентот да гласа за доверба на Владата
Премиерот Зоран Заев побара од пратениците да гласаат за доверба на Владата. Тој посочи дека во последниот период кружат лажни вести оти власта немала мнозинство во Собранието. Како што образложи Заев, барањето е за да се види дали тие вести се точни или не.
„Да побарам од вас пратениците да гласате за доверба на Владата. Ред е да се соочиме и расчистиме. Да го видиме на дело толку долго време најавуваното наводно мнозинство на опозицијата. Ова е момент кога ќе покажеме колку има вистина во најавата за мнозинство на опозицијата. Мора да е едно од двете, ако не и двете заедно. Покрај сите обиди за опструкции и блокади, граѓаните секој ден се изложени на лажни вести за некое ново и непостојно мнозинство, нова нестабилност. Тоа е само поради внатрепартиските цели на ВМРО-ДПМНЕ, а со цел да се претстави поинаква перцепција на граѓаните. Вистината е најсилното оружје. Парламентарното мнозинство, јас, Владата и коалицијата, нема да дозволиме неизвесност, сопки, блокади и опструкции“, рече Заев на собраниска седница.
Заев објасни дека без дебата, бара да се гласа за доверба на Владата.
„Во име на сето претходно кажано, во име на вистината, ја преземам обврската кон граѓаните, во согласност со член 93 став 1 од Уставот и член од 217 став 2 од Деловниот на Собранието, да побарам изјаснување на Собранието за доверба на Владата“, додаде Заев.
Инаку, Уставот предвидува дека доколку на биде изгласана доверба на Владата, тоа прашање не може повторно да биде поставено на дневен ред во наредните 90 дена. Во спротивен случај, доколку ѝ биде изгласана недоверба, тогаш Владата треба да поднесе оставка.
Собранискиот Деловник, пак, предвидува Собранието да гласа за доверба на Владата на истата седница доколку предлогот доаѓа од претседателот на Владата усно на собраниска седница, како што е случај сега.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Ѓорче Петров и Кисела Вода денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 13:00 часот дел од улицата 19 во населба Илинден, oпштина Илинден;
· во периодот од 08:30 до 14:00 часот дел од корисниците во населба Волково, поточно улиците: 95, 100, 101, 102 и 103, општина Ѓорче Петров;
· во периодот од 08:30 до 14:30 часот дел од корисниците на улицата Јустинијан Први во село Драчево, поточно делот од Маркет – Вајота кон село Студеничани, општина Кисела Вода;
· во периодот од 09:00 до 14:00 часот дел од улицата Герника, општина Кисела Вода.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-125мм на улицата Светозар Марковиќ бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Светозар Марковиќ и дел од булеварот Кочо Рацин, вклучително и објектот на Веро Џамбо, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Облачно со врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни, на планините врнежи од снег
Времето денеска ќе биде облачно со врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен повремено силен северен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, облачно со врнежи од дожд. Ќе дува засилен повремено силен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во среда и четврток времето ќе биде стабилно, а во четврток ноќта и во петок ќе има нови пообилни врнежи.

