Македонија
Заев: Пописот е статистички процес неопходен за креирање на долгорочни развојни економски политики
„Остануваме целосно посветени на успешното спроведување на пописот, на неговата афирмација во делот на спроведување и поддршка на самиот попис. Оваа поддршка доаѓа од сите коалициони партнери и претставниците во парламентот, Владата и во институциите. Убеден сум дека ќе имаме статистичка операција која ќе ги евидентира и ќе покаже релевантни и точни податоци, кои ќе ни помогнат за креирање на економските политики, рамномерни регионални планови за развој, соодветни политики во образование, култура, здравствена заштита. Податоците од пописот се статистички податоци кои им требаат на државните институции, извршната, парламентарната, локалната и судската власт, како и на сите чинители во општеството“, истакна премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.
Премиерот апелираше да бидеме сите позитивни кон пописот кој ни фали веќе 19 години, а успешното спроведување е должност на сите граѓани и затоа треба да го поддржиме максимално.
„Законот за попис е во Собранието, жалам што денешната седница се одложи поради тоа што не се воведува онлајн работа на парламентот, бидејќи има пратеници кои се позитивни на Ковид-19 или се во самоизолација. Со ова само се докажува неодговорноста на опозицијата и тоа не на целата партија, туку на раководството. Повикувам да се вразумиме сите, срамота е државата да нема попис – тоа е статистичка операција која нема ретроградни процеси. Нема да има никаква рефлексија во делот на стекнати права, во делот на Уставот и законите“, објасни премиерот Заев и дополни дека во светот постои искуство кога некој не ги признава резултатите да го повтори процесот кога ќе дојде на власт, но апели за бојкотирање на попис е буквално впуштање на граѓаните кон одговорност. Сите граѓани имаат обврска да бидат попишани и убеден сум дека нашиот народ целосно ќе ја исполни својата обврска.
Премиерот објасни дека пописот ги опфаќа сите граѓани, кои се регистрираат по етничка припадност, резидентните и нерезидентните граѓани. Меѓуграничната контрола дава можност во секој момент да знае државата колку од граѓаните живеат надвор од државата повеќе од една година. Сите граѓани слободно ќе ја изразат својата верска и етничка припадност.
На крај тој заклучи дека Законот за попис ќе се донесе што поскоро, затоа што и после тоа има голем број на активности во делот на подготовка за спроведување на пописот, како на пример да се обезбедат соодветни простории и човечки ресурси за менаџирање на целата постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

