Македонија
(Видео) Заев: Правичен закон за обвинителство ќе ни ги отвори вратите во октомври

По средбата со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јохнес Хан, премиерот Заев истакна дека периодот кој преостанува до октомври треба да го искористиме за потврда дека се работи на состојбите во правосудството.
„Ни претстои работа и овој вакуум период треба да го искористиме да покажеме дека работиме на подобрување на системот на правосудството и она што е клучно да се усвои Законот за јавно обвинителство. Да донесеме закон што нема да амнестира никој, ниту власта, ниту опозицијата. Претстои работа и очекувам до крајот на август или почетокот на септември да го изгласаме законот“, истакна премиерот Заев.
Тој додаде дека земјава имала задача до јуни да испорача резултати во 4 области – правосудство, јавна администрација, безбедносен систем и борба со криминал и корупција. Истакна дека државата била успешна на патот на реформите, како и дека континуирно работи на нив.
„’Рекет’ е конкретен случај за борба против криминалот. Таа истрага треба да биде завршена да крај, без разлика до кој ќе води – дали до политичар, лидер на партија или сопственик на медиум. Ова не е важно само за ЕУ, туку поважно е за нас дома. Граѓаните треба да бидат сигурни дека владеењето на правото важи за сите“, рече Заев.
Премиерот посочи и дека треба да се изнајде начин за ветинг, односно проверка на сите носители на јавни функции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.