Македонија
Заев-Рот: Македонија ќе ја претвори препораката во датум за преговори со ЕУ

Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска го прими во посета државниот министер за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Михаел Рот, придружуван и од амбасадорот на Германија во нашата земја, Томас Герберих.
На средбата во Владата Заев и државниот министер Рот ја афирмирале заедничката согласност за искреното пријателство и соработка меѓу двете земји, како за целата силна и искрена поддршка што Германија ја посветува на Македонија на патот кон полноправно членство во Европската Унија, соопшти владината прес-служба.
Заев и Рот се задржале и на прашањата за идната динамика на реформите во нашата земја, на односите со соседите и во регионот, како и на актуелниот момент од разговорите за проблемот што Грција го има со нашето уставно име.
Државниот министер Рот во рамки на средбата истакнал дека од Македонија сега пристигаат добри вести, и дека неусловената препорака на Европската комисија до Европскиот совет државата да добие датум за преговори за членство во ЕУ е сосема заслужена.
На прес-конференцијата по средбата Заев информираше дека заедно со државниот министер споделиле заедничка констатација дека постигнатите резултатите на Македонија се резултат на бескомпромисна политичка волја за трајни реформи, и за афирмација на заедничките водечки вредности, како што се демократија, владеење на правото, независни институции и слободни медиуми.
„Тоа нè прави да останеме максимално посветени на реформите во континуитет. Максимално посветени остануваме и на планот на добрососедските односи и регионалната соработка. Европа ја препозна Република Македонија како земја која воведе нов дух во соседските односи. Секогаш отворени за дијалог врз основа на заемна доверба и почит, фокусирани во тој дијалог да оствариме позиции победа -победа за двете страни“, истакна премиерот Заев на прес-конференцијата и додаде дека амбицијата наМакедонија е покана за влез во НАТО и почнување преговори за пристап со ЕУ во 2018 година.
Нашата земја, рече Заев, може да биде позитивен пример и да ги охрабри другите да ги удвојат напорите за реформи и надминување на споровите.
На заедничката прес-конференција Рот оддаде признание за досегашните остварувања на Македонија и додаде дека Германија и другите земји членки на ЕУ и партнери на земјата очекуваат реформите да продолжат со истата динамика.
Посебно е важно, нагласи Рот, прашањето за името да се реши годинава, и Македонија да продолжи да испорачува и понатаму посветеност во борбата против корупцијата, практицирање на владеење на правото и правната држава, за да ги увери и последните евроскептици во проширувањето на ЕУ дека Република Македонија го избрала европскиот пат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.