Македонија
Заев: Свети Климент е жив паметник на нашата историјата и основач на Охридската школа

Премиерот Зоран Заев им го честита на граѓаните празникот Свети Климент Охридски. Тој истакна дека Свети Климент Охридски како еден од најблиските и најревносните соработници и учесници во мисијата на светите браќа Кирил и Методиј во Моравија за описменување на словенските народи, останал доследен на обврската што ја чувствувал да ги продолжи мисијата и делото на неговите учители, преку продлабочување и унапредување на духовната и просветната дејност.
„ Свети Климент, како голем човек и силна личност, е жив паметник на нашата историјата и како основач на Охридската школа, позната и како „прв балкански и европски универзитет“. Записите велат дека низ оваа школа минале околу 3.500 ученици. Тоа е импозантен број за тогашните, а секако и за денешните времиња.
Тоа сведочи и за исклучителните организациски, но и обединувачки способности на светиот учител од Охрид во духот на христијанското заедништво.
Со Свети Климент Охридски се поврзани и почетоците на македонската писменост и јазик, и затоа по него денес се именувани универзитети, факултети, училишта“ напиша Заев во честитката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Германската шефица на диплoматијата ќе допатува во посета на Македонија

Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, ќе оствари официјална посета на Македонија утре, на покана на министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Разговорите меѓу двајцата министри ќе се сосредоточат на пристапниот процес на државата во ЕУ, меѓудругото и на претстојните уставни измени, како наша преземена обврска за продолжување на процесот на преговори со Унијата. Како теми на разговорите ќе се најдат и билатералните односи меѓу двете земји со акцент на богатата економска соработка, нашето претседавање со ОБСЕ и соработката во рамките на НАТО алијансата во светло на разнишаната европска безбедносна архитектура.
Во рамки на својата прва посета на земјава, министерката Бербок, покрај средбата со нејзиниот хомолог, министерот за надворешни работи Бујар Османи, ќе биде примена од претседателот Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери, претседателот на Владата Димитар Ковачевски и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, а ќе оствари средби и со парламентарната Комисија за надворешна политика, како и со претставници на опозициските партии.
Посетата на германската министерка Баербок се толкува како јасен сигнал на Сојузна Република Германија за интересот на германската надворешна политика во насока на целокупна поддршка на нашата земја и нашиот евроинтегративен процес, особено во годината во која прославуваме значаен јубилеј – 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи со пријателска Германија.
Македонија
Маричиќ: Проектите со ЕУ се потврда дека европската интеграција е најдобрата формула за развој на државата

Вицепремиерот задолжен за европски прашања денеска се учествуваше на настанот по повод потпишувањето на Договорот за грант со Европсската инвестициска банка (ЕИБ) за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје, на кој истакна дека ова е уште еден европски проект кој води кон подобрувањето на квалитетот на животот на граѓаните, особено за скопјани и оние кои живеат по течението на Вардар.
– Ова е потврда дека европската интеграција е најдобрата формула за понатамошниот развој на Северна Македонија. Членството во Европската Унија не значи само исполнување на критериумите од преговарачките кластери и усогласување со законодавството на Унијата. Преговорите со ЕУ имаат цел да ги подобрат условите за живот на сите нашите граѓани, истакна вицепремиерот Маричиќ.
Тој во своето обраќање посочи дека скопјани ќе ја добијат долгоочекувана и барана пречистителна станица, која е од витално еколошко значење и е идентификувана како еден од главните приоритети во Националната стратегија за води, Националната студија за води и Националната стратегија за инвестиции во животната средина.
– Со финансиска помош од Европската Унија веќе го програмиравме и колекторскиот систем за град Скопје, којшто е поддржан од националната оперативна програма ИПА II Сектор за животна средина и климатски промени. Со ваков тип на проекти, ја носиме Европа дома, ги носиме стандардите и начинот на живеење на Европската Унија во нашата земја и во главниот град, рече Маричиќ.
Маричиќ укажа дека токму денес, на Светскиот ден на водата, е важно сите да бидеме активни и да „бидеме промената“ во начинот на кој ја користиме и начинот на кој управуваме со водата.
– Градењето инфраструктура за собирање и третман на отпадните води е токму тоа – одговорен однос и учество во заштитата на водите. На овој начин сигурно чекориме кон исполнување на целта на Зелената агенда за Западен Балкан за заштита од загадување на воздухот, водата и почвата, рече Маричиќ.
Вицепремиерот и Национален ИПА координатор Маричиќ на крајот од своето обраќање им честита на сите засегнати страни во проектот за напорите направени за да се подготви истиот и им посака успех во неговата имплементација, потенцирајќи дека ова е најдобриот начин да придонесеме во исполнувањето на обврските од преговарачкиот процес.
– Апелирам да работиме заеднички, плански и стратешки да ги користиме европските средства, за да имаме повеќе вакви проекти. Владата останува посветена на соработката со сите партнери со цел ефикасно спроведување на проектите, особено во контекст на потребата од постојано подобрување на животната средина, рече Маричиќ.
На настанот по повод потпишувањето на Договорот за гранд со ЕИБ за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје се обрати и евроамбасадорот Дејвид Гир, како и потписниците на Договорот, министерот за финансии, Фатмир Бесими, министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, евроамбасадорот Дејвид Гир и заменик претседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова.
Македонија
(Видео) Реновирани два оддела на Клиниката за токсикологија

Министерот за здравство,Фатмир Меџити, заедно со заменик министерката, Маја Манолева, денеска ја посетија Универзитетската клиника за токсикологија, каде се комплетно реновирани одделите за токсикологија и детоксикација.
Инвестицијата е во вредност од 9,5 милиони денари.
Станува збор за комплетно реновирање на болничките соби, опремување со нови кревети и мебел, 24-часовен централен надзор и мониторинг на сите витални параметри на сите хоспитализирани пациенти, како и комплетно реновирање на сите тоалети на овој кат.
Од Министерството за здравство велат дека оваа инвестиција значи унапредување на условите за третман и успешно лекување на пациентите.
Во претстојниот период е предвидено да се реновира и приземниот амбулантски простор, со што ќе се заокружи реновирањето на комплетниот амбулантско-стационарен дел на клиниката, а предвидена е и нова токсиколошка лабораторија, што ќе значи третман на акутните интоксикации по најсовремените светски протоколи.