Македонија
Заев: СДСМ е партија на прогресот, кревавме плати додека ја враќавме слободата

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, се обрати на 24-тиот конгрес на партијата, на кој треба и официјално да бидат објавени носителите на листи и кандидати за претстојните парламентарни избори на 12 април. Тој ја претстави програмата со име „Можеме уште повеќе, уште подобро“, која се темели на пет столба:
- Нови работни места и повисоки плати
- Грижа за сите
- Ред, дисциплина и правда
- Сите за екодржава
- Ние сме за НАТО, одиме во ЕУ
„Две и пол години СДСМ ја предводи власта. Толку време напредуваме на секое поле, правиме пресврт на подобро. Во 2016 најавивме концепт со кој парите ги враќаме назад кај граѓаните. Денес, тој концепт е целосно исполнет“, рече Заев образложувајќи дека ја укинале радиодифузната такса, ги намалиле трошоците за адвокатски, нотарски и за извршителски услуги, ги намалиле казните за физичките лица, ги зголемиле социјалната помош и субвенциите за земјоделците.
Тој го спомена и законот за Јавното обвинителство, кој треба да го зајакне капацитетот на правната држава.
„Предметите ќе имаат завршница, а политичарите остануваат настрана од судиите и обвинителите. Ќе нема веќе скриени амнестии. Некому ова не му се допаѓаше, но оние што се за правда надгласаа со две тритини во Собранието. Сега правосудството е на ред да испорача правда, без да се соочува со политички или други притисоци“, рече Заев.
Тој рече дека нивната програма нуди повисок економски раст и одговорни институции, воведување ред, правда и дисциплина, иновативна, зелена и дигитализирана држава, во која ќе се цени трудот на секој поединец, држава во која младите ќе останат тука.
„Кревавме плати додека ја враќавме слободата“, рече партискот лидер, кој истакна дека веќе нема медиуми што рабодат под диктат.
„Парите одат кај народот, а не во стиропор-фасади, жални врби и галии. Државата од изолација и стагнација ја донесовме на патот на евроинтеграциите. Денес, нашата убава земја, Северна Македонија, е 30-та земја членка на НАТО и е на чекор пред почнување преговори со ЕУ“, нагласи Заев.
Лидерот на СДСМ вети 100.000 нови работни места и повисоки плати за сите. Притоа рече дека минималната плата ќе биде 300 евра, а просечната 600 евра до крајот на мандатот. Пензиите ќе пораснат до 21 процент до крајот на мандатот. До 2024 година ќе има бесплатна зелена нафта за сите земјоделци, вети Заев.
Тој рече и дека ќе вложува во инфраструктурата, а социјално ранливите ќе бидат згрижени. Речиси 34.000 домаќинства, според Заев, ќе примаат социјална парична помош, а 65.000 деца детски додаток.
До 2024 година, вети Заев, ќе се реконструираат сите студентски домови. Тој ја најави изградбата на новиот клинички центар и уште неколку регионални.
Повторно најави прочистување во правосудството преку разрешување судии кои намерно ќе застаруваат предмети и ја најави ревизијата на судските предмети по случаен избор.
„Ако направивме правична држава, ќе обезбедиме и правда“, рече тој.
До крајот на мандатот, вели Заев, планирани се да се отворат 80 проценти од поглавјата на ЕУ.
„Со отворањето на поглавјата Северна Македонија има пристап од 2 милијарди евра за инвестиции, иновации, нови работни места, за патишта, за здрав живот…“
Тој рече дека ќе се воведат повисоки казни за загадувачите – и за фабриките, и за фирмите и за граѓаните, кои несовесно загадуваат.
„Воедно, ќе ги субвенционираме домаќинствата да користат алтернативни начини на затоплување“, рече Заев.
Тој на својот опонент Христијан Мицкоски му порача дека сè уште се држи до старата режимска политика, тој е извшрител на Груевски и е против евроинтеграциите.
„Со ваква политика тој ќе остане во минатото затоа што за ваква политика нема гласови, нема иднина. Самиот тој знае дека го чека пораз, па затоа побегна од соочување во Четвртата изборна единица, исто како и неговиот шеф. За овој кукавички потег ќе има казна на 12 април бидејќи – ‘од мене можеш да бегаш, но од волјата на граѓаните не’“, му порача Заев на Мицкоски.
Во моментот се одвива затворениот дел на конгресот, на кој речиси 700 делегати ќе ги разгледуваат предлозите за носители на листи во шесте изборни единици и кандидатите за пратениципо што повторно ќе се обрати Заев пред јавноста за да ги соопшти резултатите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.