Македонија
Заев – Станишев: Силна поддршка за позитивна одлука од Советот на ЕУ во октомври
Премиерот Зоран Заев се сретна со европратеникот Сергеј Станишев, претседател на Партијата на европски социјалисти и поранешен бугарски премиер, а на средбата е пренесена силна поддршка од ПЕС за донесување позитивна одлука на Советот на ЕУ во октомври, кога Република Северна Македонија очекува да го добие најавениот датум за почеток на преговорите со ЕУ.
Станишев ги поздрави договорите на нашата држава со Република Бугарија и Република Грција и демократска зрелост што ја покажува нашата држава, низ политиките на премиерот Заев и на Владата, за носење на реформите во соработка со опозицијата. Тој исто така охрабри да се изнајде решение и за Законот за јавно обвинителство.
Премиерот Заев се заблагодари за континуираната поддршка од ПЕС за демократските процеси во државава, што денес резултираат со процес на интеграција во НАТО и напредок во евроинтеграциите.
„Ги затворивме сите прашања со соседите низ искрени политики на изнаоѓање решенија, ги донесовме низ консензус со опозицијата законите за потребните реформи во државата и сега сме посветени на ефективна имплементација на тие реформи. Посебно сме фокусирани на владеењето на правото и правната држава и за обезбедување еднаквост пред законите за сите. Очекувам одговорно однесување во Парламентот и да го донесеме и Законот за јавно обвинителство со повеќе од двотретинско мнозинство. Сите поранешни предмети поврзани со криминал и корупција, или евентуално нови, како и во секоја европска држава, и кај нас, мора да добијат разврска низ независен и професионален правосуден систем“, рече меѓу другото, премиерот Заев.
На средбата е изразена поддршка и за одлучноста на Владата за независно функционирање на правосудниот систем. Исто така, заеднички е констатирано дека евро-атлантските перспективи на нашата држава веќе придонесоа кон развој на економската соработка со земјите во регионот и пошироко, нови инвестиции, со тоа и повисоки плати и подобар животен стандард на граѓаните, како и дека сето ова ќе дојде многу повеќе до израз со заокружувањето на интеграциите, како што е случај со сите држави коишто станале членки на ЕУ и на НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

