Македонија
Заев: Сѐ уште се утврдуваат имињата на заменик-министрите

Се утврдуваат имињата на заменик-министрите, кои ќе бидат партиски предлози на СДСМ и коалициските партнери, соопшти премиерот Зоран Заев и дополни дека во тек се интервјуа со сите што се потенцијални кандидати за тие места. Тој не соопшти имиња за ниту еден од ресорите објаснувајќи дека не се утврдени до крај заедно со неговите партнери. Предлогот со заменик-министри на гласање пред пратениците очекува да стаса идната недела.
„Постапката за утврдување на имињата е во тек, на самиот крај сме. Парламентот ги оформи своите помошни тела, комисиите се веќе избрани за да може понатаму да се димензионираат седниците во парламентот. Знаете дека имавме пратеник кој од здравствени причини не беше присутен. Тој е вратен на работа. Имаме пратеник чиј мандат треба да се верифицира. Овие се две активности што треба да се одржат денес. Ако се завршат, јас сум подготвен утре или задутре да ги дадам предлозите за заменик-министрите во Собранието, а потоа, најверојатно, по 20 овој месец, ќе одлучи да ги стави на дневен ред за да може пратениците да ги прочитаат биографиите и слично. Не можам да кажам имиња бидејќи не сум ги утврдил до крај со партнерите. Некои од партнерите, кои ги имаат позициите во заменичките места, соопштија одредени имиња. Јас како мандатор не сум до крај подготвен бидејќи сè уште правам интервјуа со кандидатите како потенцијални заменик-министри. Верувам дека ќе завршам до утре порано за да можам да ги соопштам во јавноста и да ги доставам до Собранието“, рече Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денес сончево време и температура до 34 степени

Времето денес ќе биде сончево и малку посвежо со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 18, а максималната ќе достигне од 26 до 34 степени.
Во Скопје, сончево со слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Во наредните денови следува период на стабилно, претежно сончево и топло време со пораст на температурите.
Македонија
Протестираме за вашите деца оти утре ден не дај боже да се случи истото – татко кој загуби син ги повика кочанчани масовно да им се приклучат

Таткото кој го загуби синот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, го повика населението во градот масовно да излезе и да им се приклучи на протестите.
„Марширам на секој марш, моето дете отиде, за кого марширам? За вашите деца, тие што ги имате дома, оти утре не дај боже ќе ви се случи и вас истото. Да не кукате и вие како што ние кукаме и да одите по гробиштата“, рече таткото.
Тој ги повика кочанчани да не стравуваат ако им се врши притисок оти мнозинството секогаш победува. Ги повика и членовите на општинските комитети од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да им се придружат.
„Страшен е овој живот што го живееме сега, ни отидоа дечињата. Прашајте нѐ како живееме“, рече таткото.
Родителите како и претходните саботи маршираа низ градот, со слики од децата во рацете. Побараа одговорност од МВР, како и средба со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Македонија
Во Кочани од Словенија стигна донација од 4.070 лепенки за третман на изгореници

„Супорт Кочани“ обезбеди донација од 4.070 силиконски лепенки за третман на изгореници и чувствителни повреди на кожа. Лепенките се донирани од граѓани кои живеат во Словенија, како и од словенечка фирма, додека транспортот бил овозможен со поддршка од компанијата Белдона ММС.
„Упатуваме голема благодарност до граѓаните и фирмата што беа вклучени во донацијата, до возачите на Белдона ММС и самата фирма, кои беспрекорно се погрижија за логистичкиот дел и за помалку од 24 часа овозможија донацијата да стигне до нас“, велат од „Супорт Кочани“.
Се додава дека донацијата е уште еден потсетник дека вистинската поддршка понекогаш доаѓа таму каде што најмалку ја очекуваме – од срцата на обичните луѓе, преку граници и без големи зборови.