Македонија
Заев – Шаленберг: Јасен став од Австрија за позитивна одлука за отворање преговори со нашата држава на октомврискиот Совет на ЕУ
Претседателот на Владата, Зоран Заев, се сретна со Александер Шаленберг, сојузен министер за Европа, интеграција и надворешни работи на Република Австрија.
На средбата е изразена јасна порака од Австрија со поддршка за проширувањето на ЕУ и за европските интеграции на нашата држава. Пренесено е дека има силен консензус во Република Австрија за позитивна одлука за Република Северна Македонија на октомврискиот Совет на ЕУ и дека таков јасен ќе биде и ставот на Австрија на Советот во октомври. На состанокот е констатирано дека позитивна одлука е единствената исправна одлука за нашата земја. Констатирано е дека Република Северна Македонија ги испорача потребните услови и дека сега е на ред Европа да испорача.
Премиерот Заев се заблагодари за големата принципиелна поддршка од Република Австрија во сите клучни процеси за демократскиот развој на нашата држава и посебно за напредокот во евро-атлантските интеграции.
„Позитивната одлука од Европскиот совет за отворање преговори на ЕУ со Република Северна Македонија, за институциите и за граѓаните ќе значи продолжување на силната мотивација низ европските вредности да придонесуваме во развојот на нашата држава и регионот. Преспанскиот договор е редок пример на договор преку којшто низ искрен дијалог за чувствителни прашања дојдовме до решение на децениски отворено билатерално прашање, реформите ги правиме во консензус со опозицијата, цврсто сме определени за владеење на правото и борбата против корупцијата низ конкретни премиери дека законите важат еднакво за сите. Република Северна Македонија е добар пример како со посветеност на европските вредности на дело се можни резултати“, рече премиерот Заев.
На средбата е констатирано дека можноста што ја доби Република Северна Македонија, заедно со Република Бугарија да копретседава со Берлинскиот процес во следната година е силна порака за европската поддршка на нашата држава. Премиерот Заев соопшти дека позитивната одлука од октомврискиот Совет на ЕУ само ќе ја зацврсти довербата и на другите земји во регионот, кандидатки за членство во ЕУ, дека реформите и решенијата на билатералните прашања, на мирен начин низ дијалог, носат придобивки во европските аспирации.
На средбата е констатирано дека Република Австрија е еден од значајните инвеститори во нашата земја. Пренесено е дека Република Австрија има силна доверба во Република Северна Македонија и дека економската соработка ќе се развива во иднина.
На состанокот е разговарано и за добрата соработка во врска со решавањето на мигрантската криза, како и за унапредувањето на добрите билатерални односи меѓу двете држави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

