Македонија
Заев: Јас го пријавив „Рекет“, сѐ што е поврзано со овој случај сакам да биде обелоденето

Нека се објави се во врска со Рекет, јас не сум вмешан, вели премиерот Зоран Заев во интервју за „Радио Слободна Европа“, запрашан може ли една таква операција да се случи без негово знаење.
Заев вели дека ако вакво нешто се случело во времето на премиерот Никола Груевски сигурно немало да излезе на површина, меѓутоа тука тој самиот го пријавил случајот.
„Испадна дека на крајот тоа што го слушаме од медиумите како разработуваат одредени материјали, дека Орце Камчев којшто е вклучен во ваквиот случај на давањето поткуп, или како што некој вели рекетирањето, испаѓа дека тој давал сериозни донации за ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ е влезена во тежок криминал, и тоа на последните избори кога се конструирал самиот случај Рекет. Јас би сакал таков вид на истрага да се отвори до крај за да ги видам основите. Како тоа 400 илјади евра, кога законот вели дека правен субјект може да донира до 30 илјади евра. Порано тоа ВМРО-ДПМНЕ го правеше со медиумите, кога должеше три милиони евра. Сега испаѓа дека истото тоа се случува. Зоран Заев е пријавител на случајот, Зоран Заев не е под истрага, ако има што било поврзано со овој случај, сакам да биде обелоденето“, вели Заев.
Во однос на повлечениот закон со кој се ограничуваа правата на протести во земјата, пред да се усвои на влада и да влезе во собраниска процедура, премиерот истакна дека веднаш ги слушнале реакциите на граѓаните.
„Сакавме да видиме како другите демократии ги решиле овие прашања и така и ќе ги решиме. Секој закон не може премиерот лично да го чита, има служби, има институции, има министерства. Лично го немам читано самиот закон, ги прочитав спорните решенија кога веќе беше јавно објавено. Веднаш како влада донесовме одлука да го повлечеме законот. Вакви работи во минатото беа мисловна именка“, рече Заев.
Запрашан за последните условувања од страна на Бугарија околу прашања од историјата, премиерот вели дека бугарската страна се обидува, а секако тоа е нивно право, да се позиционира како што мисли во делот на затворањето на одредени прашања низ Мултидисциплинарната комисија.
„Ние сме втората страна, низ разговор ќе ги решиме и овие прашања. Ние имаме решено четири историски поглавја. Нема да дозволиме повторно да ги вратиме кавгите, проблемите и слично, затоа што сме мала земја. Придобивки ќе имаме ако градиме пријателство, секако не на штета на нашиот идентитет, на нашиот народ, на нашата иднина или слично. Тоа ќе го правиме на начин којшто отвора перспективи за идните генерации, за младите и за децата“, додаде премиерот во интервјуто за РСЕ.
Премиерот е уверен дека СДСМ ќе победи на парламентарните избори.
„Тргнувам од впечатокот за тоа што е постигнато во овие две и пол години, каква е алтернативата, односно што нудат нашите опоненти и определбата за идниот раст и развој на нашата земја. Верувам дека со програма којашто ќе продолжи како континуитет на сето ова што досега е направено, граѓаните ќе имаат јасна определба да победиме на следните избори на 12 април“, истакна Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.