Македонија
Запленети девизи и гориво, откриена и илегална патничка во македонски камион

Во текот на минатите две недели царинските службеници открија еден илегален патник и повеќе обиди за криумчарење стока, при што се задржани девизи, гориво, свежа риба, автоделови, велосипеди, технички производи, производи за електронски цигари, инсектициди, ѓубриво и рачен часовник.
Од Царинската управа информираат дека на 4 јуни околу 15 часот, на граничниот премин Ќафасан, за влез во државата се пријавил македонски камион управуван од македонски државјанин. При преглед на возилото, во кабината зад горниот кревет кој бил подигнат, мобилните царински тимови откриле сокриена албанска државјанка, која се обидела нелегално да влезе на територијата на земјава. Лицето е предадено на службеници од гранична полиција за понатамошна постапка.
Изминатите недели привремено се задржани: девизи од 15.000 евра, откриени во соработка со полициските службеници, при контрола на грчко товарно комбе управувано од грчки државјанин, пријавено за излез од државата на граничниот премин Богородица. Во кеса сместена во фиока пред совозачкото седиште биле пронајдени 35.000 евра, од кои на возачот и сопатникот им биле вратени по 10.000 евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата. Проив возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
Гориво – 160 литри дизел гориво и 40 литри бензин, откриени при контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавеното гориво, пронајдено во вкупно 12 пластични канти сместени под долниот кревет и пред совозачкото седиште во кабината на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
Запленети се и околу 30 килограми свежа риба, откриени при контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Ќафасан. Непријавените риби, пронајдени во кеси сместени во страничните сандаци на приколката се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
Разна стока – велосипеди, автоделови (гуми со бандажи за виљушкар и патнички возила, сетови гуртни и дискови, сет автомеханичарски алат, сајли за рачна сопирачка и ламбда сонда), техничка стока (фрижидер, столна ламба, преносни компјутери, компресор, пумпа за базен, iPad Pro 12, тастатура и печатач), филтри за цигари, течност и испарувач за електронски цигари, рачен часовник, инсектициди, ѓубриво и плински скари, откриени во 5 одвоени случаи од страна на мобилните царински тимови.
Во првиот случај, во соработка со одделението за истраги, била извршена контрола на стока со потекло од Швајцарија, наменета за увозник од с. Слепче, Демир Хисар, пријавена за увозно царинење во царинската подружница Струга. Притоа во товарниот дел на возилото биле пронајдени 6 употребувани велосипеди, 2 употребувани гуми со бандажи за виљушкар, 1 нов фрижидер, 2 употребувани плински скари, 1 столна ламба и 2 употребувани преносни компјутери, кои не биле опфатени со царинската декларација.
Во вториот случај, на граничниот премин ГП Ново Село била извршена контрола на македонски камион управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата. Притоа, на креветот во кабината на возилото биле пронајдени по 2 сета дискови и гурни за патнички возила, 1 сет автомеханичарски алат, 2 сајли за рачна кочница, 1 ламбда сонда Bosch, 4.800 парчиња филтри за цигари, 30 парчиња со вкупно 1.350 ml течност за електронски цигари и 1 испарувач за електронски цигари.
Во третиот случај, на граничниот премин Блаце бил извршен детален преглед на македонски камион за превоз на возила, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата. Притоа, во внатрешноста на едно патничко моторно возило и едно товарно комбе, натоварени на камионот, биле пронајдени 18 употребувани производи – 13 гуми со бандажи за патнички возила, 1 компресор, 1 пумпа за базен, 1 iPad Pro 12, 1 тастатура и 1 печатар.
Во четвртиот случај, на граничниот премин Дојран била извршена контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата. Притоа, во хартиена кеса сместена под совозачкото седиште бил пронајден 1 рачен часовник марка TAG Heuer, за кој возачот изјавил дека е негова сопственост.
Во петтиот случај, на граничниот премин Табановце автопат бил извршен детален преглед на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата. Притоа, во просторот за сместување палети, зад празни пластични туби, како и во кабината на камионот, биле пронајдени непријавени 450 килограми инсектицид Galition Ekstra, 5 литри течно ѓубриво Leaf-MT и 2.250 милилитри суспоемулзија DuPont Exirel.
Во сите случаи, непријавените производи се привремено задржани, а против прекршителите ќе бидат поднесени барања за поведување прекршочни постапки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.