Македонија
Запленети 18 килограми сребро, облека, обувки и играчки со потпис на заштитени трговски марки

Царинските службеници на влез во државата на граничен премин Богородица спречија обид за криумчарење на околу 18 килограми сребрен накит и 180 парфеми од 100 милилитри со вкупна вредност од 1,18 милиони денари. Против едно лице, косовски државјанин е поднесена и изречена пресуда од надлежен суд. Сребрениот накит и парфемите се откриени при контрола на автомобилот со кој сторителот патувал со својот брачен другар. При извршената контрола, во просторот за резервна гума биле пронајдени 180 машки и женски парфеми, додека во фабричка празнина позади задното седиште и просторот за резервна гума, како и во десната странична фабричка празнина на багажникот биле пронајдени вкупно 26 пакетчиња со вкупно близу 18 килограми сребрен накит (нараквици, обетки, синџирчиња, приврзоци и прстени), соопшти Царинската управа.
„Откриени шест дела на повреда на право на интелектуална сопственост, при што запленети се 1852 парчиња облека, обувки со потписот на Валентино, Прада како и играчки Мерцедес:
– Царински службеници на влез во државата на граничен премин Дојран открија три дела на повреда на право на интелектуална сопственост, при што запленети се 789 парчиња облека најголемиот дел со потписот на Валентино и 80 парчиња патики со потписот на Прада и Келвин Клајн.
– Мобилен тим заплени 770 парчиња тренерки со потписот на ОYSHO поради сомневање за повреда на право од интелектуална сопственост. Случајот е откриен на царинска испостава Скопје 4 при преглед на стока за увозно царинење.
– Мобилен тим заплени 93 сета детски коли Мерцедес, со вредност од 301,7 илјади денари поради основано сомневање за повреда на право од интелектуална сопственост. Случајот е откриен при преглед на стока пријавена за увозно царинење во царинска испостава Тетово.
– Во друг случај мобилен тим заплени и 120 парчиња играчки со лого на заштитени трговски марки кои се откриени при преглед на стока за увозно царинење во Царинска испостава Скопје 3.
Царинските службеници и мобилен тим на граничен премин Дојран и на граничен премин Богородица, во три случаи спречија и шверц на близу 300 парчиња облека.
27 штеки цигари без акцизни маркички се пронајдени при контрола на два камиони-кипери со македонски регистарски таблички, пријавени за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Цигарите се пронајдени во кабините, во фабричка празнина зад возачкото седиште како и под конструкцијата на креветот.
Алуминиумски бандажи и фарови за товарно возило се пронајдени во товарно возило со норвешки регистарски таблички, управуван од македонски државјанин на граничен премин Ново Село.
Македонски државјанин се обидел да шверцува осум делови за товарни возила кои се пронајдени во багажникот на автомобил со македонски регистарски таблички со кој македонски државјанин се пријавил за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат.
Три машини и две маси за пекарска индустрија се пронајдени во товарниот дел на товарно комбе со кое македонски државјанин се пријавил за влез во државата на граничниот премин Ново Село.
Запленети 43 маси откако мобилен царински тим при контрола на стока пријавена за увозно царинење во царинската испостава Блаце, утврди дека истите не биле опфатени со царински документи.
Во друг случај мобилен тим, во царински склад, при контрола на стока пријавена за увозно царинење, откри 13 парчиња употребувани кујнски апарати кои не биле пријавени со царинските декларации“, информираат надлежните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Арсовска до Мицкоски: Им се извинувам на граѓаните што сум мислела дека си чесен, професор и интелектуалец не знаејќи каков навистина си

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, со реакција по изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека чуствува одговорност што ја поддржал Арсовска и најави дека за сегашната состојба поради која градот е затрупан со ѓубре ќе има одговорнсот.
„Мицкоски, несреќо, јас завршувам со борбата во која твојот претседател на Советот на Град Скопје и твоите советници 4 години го блокираа и урнисаа градот: не гласаа за нови автобуси, не гласаа за бесплатен превоз, не дозволија да се набави нова механизација за да се чисти ѓубрето, не гласаа ништо во интерес на граѓаните за да биде задоволена твојата суета.
Ни за вработување нови пожарникари ни за нови противпожарни возила не им рече да гласаат“, пишува Арсовска во својата реакција.
Ако сакаше да има одговорност, требаше, додава таа, твоите советници да дадат оставка, за сега ти, заедно со нив, да не си директно одговорен за хаосот во Скопје.
„Еве сега и јас им се извинувам на граѓаните што сум мислела дека си чесен, професор и интелектуалец не знаејќи каков навистина си.
Администрација во Град Скопје јас не ја донесов, работев со луѓе што се професионални, вредни и го сакаат градот за разлика од вас, тоа се луѓе што вие и таквите како вас ги вработиле во изминатите 30 години.
И за крај, ти и твојата администрација имате одговорност затоа што:
– над 60 деца без вина ви настрадаа во Кочани и ништо не презедовте;
– ви изгоре половина држава за да си прави некој простор за фотоволтаици;
– ви изгоре отпад во Трубарево, екокатастрофа, пред очите на сите твои институции, кои не реагираат;
– убиства ви се случуваат пред очи секој ден;
– убиваат жени, кои тебе и твојот министер Тошковски во очај ве молеле за помош.
Арсовска дополнително прашува дали ќе има одговорност за над 150 небезбедни нелегални дивоградби висококатници, кои секој момент може да се срушат во Чаир.
Оди скриј се и молчи!
Отпадот ќе се исчисти за една недела бидејќи тебе ќе ти треба успешен градоначалник, фирмичките приватни ви се подготвени за акција, ама животите и здравјето на невините за кои си ти одговорен нема да ти ја исчистат совеста!
П. с. Луке, бргу смислувај нов постер за Мицкоски да дефокусира, да глуми жртва и да бега од новинарски прашања“, додава во напишаното Арсовска.
Македонија
Алиу го промовира електронскиот систем за евиденција и управување со барањата за листата на лекови

Во Министерството за здравство денеска беше промовиран нов информациски електронски модул – систем за евиденција и управување со барањата за листата на лекови.
Со модулот, како што истакна министерот за здравство, Азир Алиу, првпат се почнува со дигитализација на постапката за ставање нов лек на позитивната листа.
Тој појасни дека модулот е изработен од Управата за електронско здравство, во соработка со Секторот за фармација во Министерството за здравство, ќе биде јавно достапен на интернет-страницата на Министерството (www.lekovi.zdravstvo.gov.mk) и во функција ќе биде веднаш кога ќе стапат во сила измените на прописот, со кој се уредува оваа постапка, а кој се очекува деновиве да се објави во „Службен весник“.
Модулот, како што рече, овозможува електронско поднесување на барањата и внесување на неопходната документација за лекот во системот, што досега се доставуваа исклучиво во хартиена форма. Со ова, според него, се постигнува значителен напредок во дигитализација на одделните процеси на стандардната оперативна процедура на уредената постапка.
„Станува збор за прва електронска евиденција и управување со барањата за листата на лекови во националниот систем, со што се овозможува и транспарентност на процесот преку достапен јавен портал и следење на одделните процеси и на напредокот на постапката во реално време.
Придобивки на новиот е-модул се: подобрено управување со барањата за листата на лекови и ефикасност на постапката, намалување на административниот товар за фармацевтските компании, кои се јавуваат како апликанти во постапката, транспарентност на постапката и размена на информации, прецизна евиденција и управување со поднесоците и лесен пристап до податоци, унапредување на пристапот за лековите на позитивна листа“.
Македонија
Реконструкција на улицата Боро Кралевски во Радишани

Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски изврши увид во активностите за реконструкција на улицата “Боро Кралевски”, во должина од 568 метри.
Од општината најавија дека градежната офанзива во населба Радишани продолжува.
„Локалната самоуправа целосно ги реконструираше улиците “Симче Настевски”, “Киро Димушков” и “Скоевска”. Покрај тоа, во завршна фаза е изградбата на мега-паркот и плоштадот, на површина од 10.000 м2.
Реализацијата на овие проекти во Радишани претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот и уште еден чекор кон обнова и подобрување на патната инфраструктура на општина Бутел“.