Македонија
Запленети 22 автомобила при заедничка акција на Царината и МВР

Во дводневна заедничка акција на Секторот за контрола и истраги при Царинската управа и Министерството за внатрешни работи запленети се 22 патнички моторни возила со странски регистарски таблички управувани од македонски државјани.
Запленетите возила се од разни водови марки, а меѓу нив, четири возила се „мерцедес, три патнички возила се „ауди“, две „бмв“, едно патничко товарно возило „тесла“ и др., а сите возила биле управувани од македонски државјани на територијата на Република Северна Македонија повеќе од 6 месеци, велат од Царината.
Против сторителите на прекршоците ќе биде поднесено Барање за поведување прекршочна постапката до надлежниот суд.
„Имено, во согласност со законските надлежности на Царинската управа, кои се во согласност со критериумите и условите пропишани во Истанбулската конвенција за привремен увоз, одредби од Царинскиот закон и одредби од уредбата за спроведување на царинскиот закон, граѓаните на РСМ и странците може привремено да внесат и да управуваат возило на територијата на Република Северна Македонија за време на нивниот престој, но најмногу 6 месеци во период од 12 месеци по што возилото мора да ја напушти територијата на Република Северна Македонија.
Во спротивно ќе треба да се пријават на најблиската царинска подружница во местото во кое привремено престојуваат и да почнат соодветна царинска постапка за увоз или привремен увоз на возилото“, се додава во соопштението на Царинската управа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.