Македонија
Запоставеноста на Чаир ќе стане минато и општината ќе добие нов лик како што заслужува, Ѓорѓиевски најави дека ќе го реши сообраќајниот хаос и ќе инвестира во јавната хигиена
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, на вечерашниот митинг во општина Чаир, во рамки на изборната кампањата со слоган „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“ истакна дека ќе има големи промени во општина Чаир, без поделби врз основа на етничка, верска и политичка припадност со конкретни проекти, со модел на работа за решавање на актуелните проблеми и реален развој на општината.
„Нема да дозволам да се прават поделби по етничка верска или партиска основа. Да изградиме Скопје во кои сите ќе се чувствуваме достоинствено безбедно и пред се рамноправно. Општина Чаир беше заборавена последните години од градските власти, тоа ќе го промениме, ќе се посветиме на Чаир еднакво и рамномерно како кон сите општини во Скопје, тоа вечерва ви го ветувам на сите присутни чаирчани. Мојот збор во минатото е докажан со дела, она што го направивме во Кисела Вода со работа и чесност е мојата гаранција за сите вас. Тој модел на работа каде се слуша гласот на граѓаните, се решаваат реалните проблеми, сакам да го понудам за целото Скопје вклучително и овде во Чаир“, вели Ѓорѓиевски.
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски истакна дека запоставеноста на општина Чаир ќе стане минато и општината ќе добие нов лик како што заслужува, потенцирајќи дека ќе се реши најгорливиот проблем на чаирчани, а тоа е сообраќајниот хаос.
„Со години Чаир беше оставен настрана, но тоа време мора да заврши, со заедничка работа можеме да ги решиме сите наталожени проблеми. Ќе инвестираме во чистотата, во јавната хигиена и во комуналниот ред за Чаир да добие лик каков што заслужува една централна градска општина. Нашиот план предвидува конкретни, капитални проекти, конечно ќе го решиме најголемиот ваш проблем ,сообраќајниот хаос, ќе го изградиме булеварот Цветан Димов со шест ленти, со велосипедски патеки, со зеленило и модерно осветлување. Ова е реално ветување, ова е нова модерна порта кон центарот на нашиот град. А за да го решиме паркирањето, ќе изградиме монтажен паркинг кај Чаирчанка, но нашата визија не застанува, ќе го поврземе Чаир со сите делови од главниот град. Ќе ја завршиме клучката Момин Поток, ќе ги претвориме скопското Кале и старата чаршија во живи културни сцени“, рече Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март не доби поддршка од пратениците од власта. Предлогот денеска беше на дневен ред на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта го одбила и предлогот за јавна расправа и разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.

