Македонија
Почна изградбата на регионален пат во Орман и мултифункционално игралиште во Кондово
Почна изградбата на регионален пат од село Орман до општина Чучер Сандево за унапредување на руралниот развој во овој регион. Министерството за локална самоуправа за патот инвестира 3 милиони денари, а ќе биде реализиран преку Центарот за развој на Скопски Плански Регион. Денеска на терен извршија увид министерот Милевски и градоначалникот Наумоски, како и директорот на Центарот, Мицковски.
„Инвестирањето на регионален пат од село Орман до општина Чучер Сандево е важно за патната инфраструктура за унапредување на рурален и локален развој, со тоа и развој на Скопски Регион. Министерството за локална самоуправа за овој проект издвои 3 милиони денари. Денеска со градоначалникот Наумоски сме на увид за проектот кој е во почетна фаза. Сакам да истакнам дека со вакви проекти во селата ќе се намали миграцијата на село-град и воедно ќе има поголема безбедност на патот и ќе имаат непречено функционирање на околните општини во однос на комуникација со градот Скопје“, изјави министерот Горан Милевски.
Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски, истакна дека овој навидум маргинален пат од 500 метри всушност е клучна делница што ќе ги поврзе руралните со урбаните средини, но истовремено е и бајпас кон обиколницата и транзитаритирањето кон Косово.
„Најдиректно, жителите на Орман и Никиштани за два месеца ќе добијат побезбедно и поквалитетно сообраќање, а општина Ѓорче Петров ќе добие уште една линија на својата северна граница. Секој метар пат значи олеснување и подобрување на условите за живот“, истакна Наумоски.

Министерот Милевски беше и во Сарај каде што изврши увид на проектот за изградба на иновативно мултифункционално игралиште, кој е во завршна постапка.
„Развојот на децата и младите преку спортот во општеството е важен сегмент кој треба да се негува и да се развива. Самиот проект ‘Спорт за сите, здравје за сите’ ќе придонесе со ова иновативно мултифункционално игралиште во Кондово. Со градоначалникот, Беџети и директорот на Скопски Плански Регион увидовме дека проектот е во завршна фаза и наскоро кондовчани ќе се гордеат со ова игралиште. Министерството за локална самоуправа партиципираше со над 394 илјади денари, а дополнителни средства беа во соработка со швајцарската Агенција за развој и соработка. Ги охрабрувам и останатите општини во иднина да аплицираат за вакви проекти во кои ќе имаат примарна компонента, а тоа е здравјето на граѓаните, за да имаме здрава нација“, вели Милевски.
Целта на проектот е да се подобри квалитетот на образовната програма и физичкото воспитување во руралните средини преку таргетирање на придобивките од спортувањето и здравиот начин на живот. Проектот го имплементира Центарот за развој на Скопски Плански Регион во рамките на иновативната компонента на националниот проект „Одржлив инклузивен рамномерен регионален развој”.
„Токму овој проект е потребен за учениците кои учат во училиштето. Проектот е финансиран од швајцарската Агенција за развој и соработка, Министерството за локална самоуправа и Општина Сарај во вредност од околу 2 милиони денари. Навистина ова ќе им значи како на учениците така и на наставниот кадар во училиштето ‘Бајрам Шабани’ во Кондово. Игралиштето освен преку ден ќе може да се користи и навечер, така што сите ќе може спортски да се рекреираат“, вели градоначалникот на општината Сарај, Блерим Беџети.
Со овозможување на различните физички активности може да се влијае на младата популација да се занимава со спорт, а во таа насока децата и учениците од руралните средини ќе се поттикнат да имаат здрави навики и побогат социјален живот и меѓусебна интеракција.
„Овие два проекта се за развој на Скопски Плански Регион од програмата на Владата за рамномерен регионален развој, проекти коишто имаат исклучителен регионален и спортско-рекреативен карактер. Ние и понатаму ќе работиме со останатите проекти да овозможиме поквалитетен живот на граѓаните“, додаде Љупчо Кец Мицковски, директор на Центар за развој на Скопски Плански Регион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

