Македонија
Почна постапката за изградба на мегапарк во Ѓорче Петров
Град Скопје и Општина Ѓорче Петров ги почнаа постапките за изградба на првиот од четирите мегапаркови што треба да се изградат во Скопје во текот на наредните години.
„Советот на Град Скопје, денеска, на иницијатива на градоначалничката Данела Арсовска ја донесе одлуката за воспоставување меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Ѓорче Петров за партерно уредување и озеленување на просторот меѓу реката Лепенец и пречистителна станица во Волково во општина Ѓорче Петров“, соопштија од Град Скопје.
Новиот парк ќе биде лоциран на опустошениот простор на исчистена депонија, што се наоѓа покрај коритото на реката Лепенец и пречистителна станица во Волково, во општина Ѓорче Петров. Ќе се простира на вкупна површина од 30.900 квадратни метри, од кои за зелени површини се планирани 17.534 квадратни метри, а за пешачки патеки 13.366 квадратни метри.
Со изградбата на новиот парк и уредувањето на просторот, каде што се планира и да се засадат 2.250 садници и грмушки, ќе се овозможи активно користење на зелените површини и движење на пешаците и велосипедистите.
Во реализацијата на овој проект Град Скопје ќе учествува со геодетски снимања, изработување на проектна документација, расчистување на теренот, изградба на пешачки површини, изградба на бунари за наводнување со подземни води, поставување урбана опрема, хортикултурно уредување на зелена површина и садење садници. Град Скопје за реализацијата обезбеди и финансиски средства од својот буџет.
Општина Ѓорче Петров во остварувањето на оваа соработката ќе учествува со изградба на урбана опрема – детски игралишта и реквизити, како и со проект за осветление. Вкупната вредост на проектот изнесува 68.500.000 денари, од кои Град Скопје ќе учествува со 67.000.000 милиони денари, а Општина Ѓорче Петров со 1.500.000 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што загинаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.

