Македонија
Почна постапката за изградба на мегапарк во Ѓорче Петров

Град Скопје и Општина Ѓорче Петров ги почнаа постапките за изградба на првиот од четирите мегапаркови што треба да се изградат во Скопје во текот на наредните години.
„Советот на Град Скопје, денеска, на иницијатива на градоначалничката Данела Арсовска ја донесе одлуката за воспоставување меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Ѓорче Петров за партерно уредување и озеленување на просторот меѓу реката Лепенец и пречистителна станица во Волково во општина Ѓорче Петров“, соопштија од Град Скопје.
Новиот парк ќе биде лоциран на опустошениот простор на исчистена депонија, што се наоѓа покрај коритото на реката Лепенец и пречистителна станица во Волково, во општина Ѓорче Петров. Ќе се простира на вкупна површина од 30.900 квадратни метри, од кои за зелени површини се планирани 17.534 квадратни метри, а за пешачки патеки 13.366 квадратни метри.
Со изградбата на новиот парк и уредувањето на просторот, каде што се планира и да се засадат 2.250 садници и грмушки, ќе се овозможи активно користење на зелените површини и движење на пешаците и велосипедистите.
Во реализацијата на овој проект Град Скопје ќе учествува со геодетски снимања, изработување на проектна документација, расчистување на теренот, изградба на пешачки површини, изградба на бунари за наводнување со подземни води, поставување урбана опрема, хортикултурно уредување на зелена површина и садење садници. Град Скопје за реализацијата обезбеди и финансиски средства од својот буџет.
Општина Ѓорче Петров во остварувањето на оваа соработката ќе учествува со изградба на урбана опрема – детски игралишта и реквизити, како и со проект за осветление. Вкупната вредост на проектот изнесува 68.500.000 денари, од кои Град Скопје ќе учествува со 67.000.000 милиони денари, а Општина Ѓорче Петров со 1.500.000 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Грковска: Политичарите треба да бидат пример за работење со интегритет и тоа понатаму треба да се бара и од останатите

„Убедена сум дека жените и младите се носители на позитивните промени во општеството. И затоа ми е драго што денеска ја прошируваме мрежата за соработка и поддршка на жени, кои се или биле вклучени во напорите за промоција и вградување на принципите за добро владеење, за превенција и справување со корупцијата, но и за поддршка на младите од регионот, за да се обединат во зголемување на притисокот за градење на општества засновани на интегритет, чесност и одговорност“, истакна заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска на втората регионална конференција на Форумот на жени лидери од ЈИЕ за добро владеење и антикорупција, која денеска се одржува во Скопје, со поддршка на Канцеларијата на „UN Women“ во Северна Македонија.
Грковска го модерираше првиот панел во рамки на конференцијата, посветен на жените во сферата на правдата и на корупцијата во правосудниот систем, на кој учествуваа: Мирјана Лазарова Трајковска, судијка во Врховниот суд на Северна Македонија и поранешна судијка во ЕСЧП, Ина Рама, судијка во Специјалниот Апелационен совет при Уставниот суд на Република Албанија, Ленче Ристовска, јавна обвинителка и прв обвинител за врска на Република Северна Македонија со „Eurojust“ – Агенција на ЕУ за соработка во областа на кривичното право, Бојана Савовиќ, заменик-обвинителка во Вишото јавно обвинителство во Белград, Република Србија и Јелена Перовиќ, директорка на Агенцијата за спречување на корупција на Црна Гора.
Еминентните говорнички споделија свои лични искуства во вршењето на својата професијата и за состојбата во стручната фела. Тие беа согласни дека жените се навистина бројно застапени во земјите од целиот регион, но дека тоа не ја одразува реалната моќ и застапеноста на одлучувачко ниво. Осврнувајќи се на родово заснованите ризици во вршењето на одговорните задачи во борбата против криминалот и корупција, тие се осврнаа на притисоците и омаловажувањата на кои биле подложени.
,,Клучна е политичката волја. Ние, политичарите треба да бидеме пример за работење со интегритет и понатаму тоа да го бараме од останатите“, истакна Грковска и додаде дека зголемувањето на личниот интегритет е важно на сите општествени нивоа, како и транспарентоста во работењето, за граѓаните да имаат вистинска слика за состојбите.
Сумирајќи ги излагањата на панелистиките таа заклучи дека општата атмосфера на неказнивост ги дерогира нашите општества, како и двојните стандарди и немањето доволно солидарност за лугето со интегритет.
Македонија
35-годишен маж загина во пожарот во зградата во Хром

Триесет и петгодишен скопјанец е пронајден изгорен во стан во пожарот што избувна утрово во скопската населба Хром.
Според информациите од МВР за „Макфакс“, пожарот избувнал во 9.47 часот на улицата Исаија Маџовски.
„Пожарот е изгаснат од Бригадата за противпожарна заштита, а во опожарениот стан пронајден е починат И. Ј. (35) од Скопје. Смртта ја констатирал лекар од итната медицинска помош“, велат од полицијата.
Од таму додаваат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Пожарот го гаснеле три противпожарни возила, а горело на четвртиот кат од петкатницата. Причините за пожарот дополнително ќе се утврдуваат.
Македонија
Од недела пороен дожд, грмежи и локално невреме, се препорачува поголема внимателност

Под влијание на влажен бран в недела на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално и во форма на невреме. Пороен дожд и грмежи ќе има и в понеделник. Повеќе врнежи во овие два дена ќе има во западните делови, каде што локално се очекува да наврнат над 30 л/м2.
Потоа времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и со слаб локален дожд. Температурата ќе опадне неколку степени.
Во Скопската Котлина в недела попладне ќе има пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за краткотрајно невреме. Потоа ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди и малку посвежо.
Во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.