Македонија
Почна пријавувањето за „Прв до врв 2023“
Почна раното пријавување за „Прв до врв Водно 2023“, кое оваа година ќе се одржи на 21 мај.
Традиционално на програмата на најмасовниот планински настан во регионот се трките во планинско трчање, планински велосипедизам, друмски велосипедизам, електрични велосипеди и тим-билдинг трката за компании.
Пријавувањето за трките се одвива преку веб-страницата www.prvdovrv.mk.
Настанот го организира здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“ од Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Социо-еколошки форум Скопје: Јавниот простор мора да се уредува според потребите на граѓаните
Вчера, во Скопје се одржа петтиот Социо-еколошки форум во организација на Фондација Фридрих Еберт со канцеларија во Скопје и Прогрес Институт за социјална демократија.
Форумот, почна со едукативна прошетка низ централното градско подрачје, каде што преку приказни, набљудување и заеднички дискусии се истражуваше јавниот простор. Преку оваа активност, граѓаните го искажуваа своето размислување. Тие велат дека сакаат простор што подеднакво им служи и на граѓаните и на природата. Бараат повеќе зеленило, повеќе сенка, клупи, пристапност и инклузивност. Сакаат јавен простор што го одразува достоинството и ја поттикнува благосостојбата на граѓаните.
Оваа година, Форумот е фокусиран на „placemaking“, рамка што го поима јавниот простор како заеднички процес. Во време на растечки социјални нееднаквости и еколошки предизвици, овој пристап станува клучна насока кон социо-еколошка правда: правични, зелени, инклузивни и отпорни градови. Социо-еколошката трансформација започнува токму таму каде што луѓето се движат, живеат и се среќаваат.
Странските учесници, активисти, експерти, претставници од граѓански организации и политички претставници имаа можност да ја погледнат проекцијата на филмот „Скопје Ремикс“, во којшто се зборува за девет приказни за Скопје создадени од десет реномирани македонски режисери. Секоја од овие девет приказни ја прикажува субкултурната сцена која најактивно ги користи јавните простори, ги оживува и им дава нова енергија. Преку овој филм, учесниците подобро го запознаа Скопје, неговата култура, различности, предности и слабости.
Од ФЕС потенцираат дека јавниот простор мора да се планира и уредува според реалните потреби на граѓаните. Недостигот од зеленило во Скопје е сè поочигледен како резултат на долгорочната бетонизација, а тоа го наметнува императивот јавните простори повторно да се ослободат, озеленат и стават во вистинска функција на заедницата.
Во текот на вчерашниот ден, се одржаа три тематски работилници кадешто се создаваше концепт за простор отпорен на климатски промени, понатаму форумот се фокусираше на пристапноста и инклузивноста со цел јавниот простор да биде навистина достапен за сите. На третата работилница, експертите и учесниците се посветија на модели за подобрување на енергетската ефикасност во урбаното уредување.
На панел-дискусијата се дискутираше за „placemaking“ како алатка што овозможува креирање поправедни, позелени и поприлагодливи заедници, простори во кои секој граѓанин може достојно да живее.
На петтиот Социо-еколошки форум учество зедоа проф. д-р Кирил Сотировски од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и еко инженеринг „Ханс Ем” (Шумарски факултет); инженерот, сценарист и културен работник; проектен менаџер во Pro Peace Macedonia Јаков Попоски; политичарот, поранешен градоначалник на Шабац и претставник на Демократска партија на Србија Небојша Зеленовиќ, политикологот, феминистка и активистка за социјална правда, програмска координаторка во FES Романија Тудорина Михаи; авторката во независниот медиум „Mašina” и истражувачка во областа на критички урбани студии и просторна правда Искра Крстиќ. Свое учество исто така зедоа и избраниот локален советник во Град Атина, Грција Константинос Декавалас; архитектката, урбана истражувачка и проектна директорка, активна на пресекот меѓу просторното планирање, јавните знаења и институционалното управување; Nova planska praksa, Србија Љубица Славковиќ, како и архитектката, истражувачка и урбан социолог Ива Петрунова.
Македонија
Пендаровски му одговори на Фрчкоски: Никогаш не сум мешетарел, тоа го прават други кои се занимаваат со кафеанско озборување
Поранешниот претседател Стево Пендаровски ја отфрли изјавата на Љубомир Фрчкоски дека „мешетари“ во СДСМ и дека има улога во можни промени во партијата.
Во објава на Фејсбук, Пендаровски напиша дека никогаш не се занимавал со политичко мешетарење, како што, според него, тоа го прават други чии кариери се „исполнети со заткулисни маневри и кафеанско озборување“.
„Поголем проблем е што изјавата е целосно одлепена од реалноста и фактите, што, за жал, се случува поради ‘квалитетот’ на изворите со кои некои луѓе се дружат“, додаде Пендаровски.
Фрчкоски, пак, во емисијата на Ефтов, под наслов „Кои лоби групи сакаат да го сменат Венко Филипче“, изјави: „Ме чуди што мешетари Стево Пендаровски. Нема потреба од тоа. А мешетари без везе“.
Македонија
(Видео) Николовски: ИПАРД-програмата стопирана, власта молчи, илјадници земјоделци без исплата
Информациите коишто ги споделив со вас за можната суспензија на ИПАРД 3 програмата се покажаа како точни, истакна денеска на прес-конференција Љупчо Николовски, пратеник на СДСМ.
„Во петокот околу 16 часот, од страна на националниот координатор за авторизација преку механизмот за суспендирање на плаќања, е донесена и дистрибуирана до македонските власти одлука за суспендирање на ИПАРД 3 програмата, односно одлука за суспендирање на плаќањата во ИПАРД 3.
Одлуката стапила на сила веднаш, на неопределено време, се до исполнување на одредени услови и акциски планови. Оваа суспензија опфаќа целосен прекин на исплатите кон земјоделците и компаниите коишто веќе имаат склучени договори и веќе реализираат инвестиции од оваа програма, потпишување на нови договори и преземање на финансиски обврски од платежната агенција, како и објавувањето на нови јавни повици“.
Сето ова, додава тој, е под суспензија. Причината, како што вели, е скандалот со барање и примање на мито од страна на директорот на платежната агенција и уште четири други лица, вклучувајќи и блиска соработничка на министерот од Министерството за земјоделство.
„Тоа е директна последица на овој голем корупциски скандал и тотален колапс на системот што беше граден седум години заедно со Европската комисија и со многу наши професионалци.
Седум години дамка не фалеше на овој систем. Ова се случува, за жал, само во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Во 2011 година, во ИПАРД 1, за жал останавме со 12% искористеност на европските средства и денеска, во 2025 година, во ИПАРД 3, повторно во време на ВМРО-ДПМНЕ.
За оваа одлука, според нашите информации, известена е Владата, вицепремиерот за европски прашања, министерката за финансии и министерот за земјоделство“.
Прашува зошто Владата ја криеше оваа одлука од јавноста викендот.
„Дали власта со премолчувањето на оваа одлука се обидува да ги заштити вмешаните во овој корупциски скандал? Министерот Трипуновски, наместо веднаш да преземе одговорност, или свесно ја крие ова информација од јавноста, или пак уште полошо, е неинформиран, што покажува неспособност и неупатеност во основните процеси во сопствениот ресор. Штетите за државата од овој голем скандал креиран од неспособноста на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ може да бидат големи“, нагласува Николовски.
Информира дека како претседател на Комисијата за земјоделство во Собранието, уште денеска официјално побарал детален извештај од Владата, Министерството и Платежната агенција.
„Тоа го барам писмено за причините за оваа суспензија, по што ќе иницираме итна тематска седница на Комисијата за да бидат преземени привремени мерки за заштита на земјоделците чијшто проекти се во тек, за да не се загубат веќе направените вложувања.
Ќе предложам измени во законската рамка при изборот на директор на агенцијата, но и за јакнење на независноста и контролните механизми на агенцијата со јасна одговорност за секоја злоупотреба, како и формирање на работна група со претставници од сите парламентарни партии и групи, но и со стручната и професионална јавност која беше секојдневно вклучена во реализацијата на ИПАРД 2, со цел подготовка на предлози за ревитализација на системот и помош за креирање на акциски план и обновување на довербата со Европската унија, час поскоро и враќање на можноста за аплицирање на повиците и склучување на договори од ИПАРД 3“.
Македонското земјоделство според него, не смее да биде заложник на партиски интереси и корупциски шеми.

