Македонија
Засаден нов дрворед со 300 дрвја на булеварот АСНОМ
Во Аеродром, на булеварот АСНОМ, се засадија 300 нови листопадни и зимзелни дрвја, кои веќе напролет ќе развијат убави крошни, чии сенки ќе придонесат за намалување на температурата во жешките месеци и овозможување попријатни услови за прошетки во овој дел на Скопје.
„Со овој дрворед ги потврдуваме новите стандарди на квалитет што го воведовме во текот на изминативе три години во нашиот град. Овде на булеварот АСНОМ се засадени 300 висококвалитетни дрвја. Непосредно зад дрворедот на листопадните дрвја можете да ги видите дрвјата што претходно биле засадувани од моите претходници, кои сè уште се со послаб квалитет и во големина и во развојот на крошната од оние што ние изминатава недела ги засадивме, и токму тоа се стандардите за кои јас денес зборувам. Овде имаме типични примери во општина Аеродром, во непосредна близина го имаме булеварот Србија, кој нема тротоар од едната страна, а од другата страна лани ја изградивме велосипедската патека, го имате во Лисиче булеварот Трета македонска бригада, каде што поради лошото планирање, еден сервис за миење автомобили ни стоеше околу четири или пет години на трасата и сега еве го булеварот АСНОМ“, рече градоначалникот Петре Шилегов на прес-конференцијата.
Тој додаде дека булеварот АСНОМ е модерно булеварско решение со три коловозни ленти во секоја насока, тротоари и велосипедски патеки, средишно и странично зеленило со прекрасни дрвореди од двете страни, урбана опрема со клупи и корпи за отпадоци и соодветно осветление. Шилегов изрази уверување дека граѓаните забележуваат дека сите нови булевари Град Скопје ги гради во согласност со овие стандарди, а и не само новите, туку по овие стандарди се преуредуваат и постојните на местата каде што тоа го дозволуваат просторните услови.
„Засадуваме висококвалитетни садници кои веднаш влегуваат во екоситемот на нашиот град, толку потребно за прочистување на воздухот како дел од секојдневната посветеност и моја, на градските претпријатија и на градската администрацијата. Тоа се стандардите што јас како градоначалник на овој град ги воведувам и ги охрабрувам и сите градоначалници да ги следат овие стандарди при изградбата на инфраструктурите објекти“, нагласи Шилегов.
На засадувањето на садниците од двете страни на булеварот АСНОМ присуствуваа и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Адријан Муча.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

