Македонија
Зајкова: За 20 години требаше да имаме 80 отсто усогласеност на законодавството со ЕУ, да креираме единствен национален план

Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, во излагањето пред Националниот совет за евроинтеграции (НСЕИ), порача дека доколку сите политички чинители се сложни за препораките од оценската комисија, реформите да се направат заеднички, без мешање на партиските ставови.
„Една година е помината откако се добиени извештаите од скрининг процесот. И до каде сме? Не треба само да седиме и анализираме или да се обвинуваме и бараме виновници, ама треба да направиме Национален план за имплементација на она што е нотирано во скрининг извештаите, но и по однос на препораките дадени во Извештаите“, посочува Зајкова
Зајкова додава дека секоја година ги анализираме извештаите и дамо збориме, но во одредени полиња нема напредок, ниту имплементација и иако Македонија веќе 20 години е земја – кандидат за членство, досега требаше да имаме 80% усогласеност на законодавството, но ЕУ скринингот покажа дека усогласеноста за жал, не ни е ни до половина.
„Марта Кос е европски комесар за проширување, Каја Калас е висок претставник за надворешна политика и безбедност, јас исто така сум Претседател на ЛИБСЕН, можам да лобирам за државата, не за партиите но за државата. И ВМРО ДПМНЕ и СДСМ членуваат во европските политички семејства и сметам дека мора сите да лобираме со единствени позиции за државата и процесите. Да не пропуштиме уште еден поволен моментум, затоа што времето не работи секогаш за нас“, посочува претседателката на ЛДП и пратеничка, Моника Зајкова.
Вие знаете што е национален приоритет?!? Ако ЕУ е национален приоритет, додава Зајкова, треба да знаеме дека националниот приоритет не се жалби или партиски обвинувања, туку правење Национален план со конкретни рокови, многу работа и видливи резултати.
„Процесите не треба да се одвиваат само во Брисел, тие се водат и решаваат дома. Зошто имаме ‘преговори’, ако не можеме да се согласиме за единствени позиции дома? Ако навистина 95% од пратениците сме за членство во ЕУ, дајте да седнеме и да донесеме план како да го забрзаме процесот и да имплементираме суштински реформи, а не само популистички наративи“, заклучува претседателката на ЛДП.
Зајкова повторно упати апел за сработување на нотираното во извештаите, градење на единствени позиции и покажување на конкретни резултати во однос на реализацијата на суштинските реформи.
„Сонот за ЕУ на мојата генерација е нарушен, да не го рушиме сонот на идните генрации или пак да не се залажуваме веќе сите за националните приоритети“, порачува Зајкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дигиталниот Самит на Западен Балкан 2025 повторно во Скопје – 1 и 2 октомври во Музејот на современата уметност

Министерот за дигитална трансформација, на прес конференција, ја најави организацијата на Дигиталниот Самит на Западен Балкан 2025, кој повторно ќе се одржи во Скопје, на 1 и 2 октомври 2025 година, во Музејот на современата уметност.
Ова регионална платформа ги поврзува владите од регионот, деловната заедница, академијата и меѓународните партнери со цел забрзување на дигиталната трансформација во регионот.
Самитот ќе биде организиран на две сцени – главна и технолошка, со три носечки приоритети:
• Дигитален паричник – сигурен и препознатлив пристап до јавни и приватни услуги.
• Интероперабилност – поврзување на системи и регистри за прекугранични електронски услуги.
• Сајбер-безбедност – заштита на личните податоци и критичната инфраструктура.
На технолошката сцена ќе бидат отворени теми за вештачка интелигенција, 5G и оптичка инфраструктура, дигитални вештини и пристапот на регионалните компании до единствениот европски дигитален пазар.
Министерот подвлече дека се очекуваат повеќе од 800 учесници и говорници, меѓу кои: претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министри од Црна Гора, Албанија, високи претставнци од Србија, Косово, Босна и Херцеговина, високи претставници на Европската комисија, Регионалниот совет за соработка (RCC), ITU, бизнис секторот од регионот и други меѓународни организации. Меѓу најважните гости и говорници ги очекуваме и Ренате Николаи (DG CONNECT), генералниот секретар на RCC Амер Капетановиќ, заменик-генералниот секретар на Меѓународната телекомуникациска унија (ITU) Томас Ламанускас, видео-обраќање од Томас Јарзомбек (Парламентарен Државен секретар на СР Германија), како и од приватниот сектор Свјатослав Сењута од VISA, Марк Васич од Дојче Телеком и Кејт Марш од British Council.
Министерот Андоновски, подвлече дека самитот има исклучително значење затоа што ќе го продолжи „Нашите напори за понатамошно намалување на роаминг трошоците WB6–ЕУ со патека кон „роаминг како дома“, за 0 трошоци за интернет за македонските и граѓаните од Западниот Балкан кога патуваат во ЕУ.“
Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ понуди само ароганција и лаги, ние нудиме чесни и компетентни кандидати на изборите

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на средби со граѓаните на Струга порача дека власта на ВМРО-ДПМНЕ нуди само ароганција и лаги, додека СДСМ настапува со чесни и компетентни кандидати на овие избори.
„Оваа власт е се подалечна од народот. Арогантна и самозадоволна, додека семејствата бројат денови до следната плата и ги кратат основните трошоци. Работниците чекаат повисоки плати, а тие се расфрлаат со нивните пари. Додека платите стагнираа, инфлацијата го јаде секој заработен денар“ рече Филипче.
Според него, имаме највисоки цени за храна, а власта не прави ништо да ги ограничи.
Тој порача дека СДСМ нуди вистинска алтернатива, чесна понуда со остварливи програми.
„СДСМ на овие избори оди со чесна понуда, остварливи програми и компетентни луѓе со интегритет. Граѓаните ќе бираат помеѓу докажани луѓе во општините кои ги предлага СДСМ и гол ПР на ВМРО-ДПМНЕ без никакви резултати. Ние сме подготвени да работиме сериозно, транспарентно и секогаш со слух и емпатија за граѓаните. Тоа го докажавме во минатото, ќе го докажеме и сега. Државата и општините може да се вратат на вистински пат само со луѓе кои си стојат на зборот и не бегаат како кукавици при првата криза,“ рече претседателот на СДСМ, Филипче.
Македонија
Сиљановска-Давкова ќе учествува на 80. Генерално собрание на ОН

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави по повод учеството на 80. Сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк.
Сиљановска-Давкова ќе се обрати на генералната дебата и ќе учествува на повеќе самити, лидерски форуми и состаноци на високо ниво, што се одржуваат по повод 80. Генерално собрание на ОН. Претседателката ќе оствари средба со Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, а предвидени се и други билатерални средби со светски лидери.
Темата на годинашната сесија е „Подобро заедно: 80 години и повеќе за мир, развој и човекови права“.
За време на работната посета на САД, претседателката ќе го посети и Детроит.