Македонија
За директорот на ЕЛЕМ систематизацијата е интерен документ, но според законот мора да е јавно објавен
За директорот на ЕЛЕМ, Драган Миновски, систематизацијата на работни места во компанијата е интерен документ и не е од јавен карактер. Ова е одговорот на Миновски на прашањето зошто документот кој треба да покаже дали синот на пратеничката Мира Стојчевска е вработен на оглас со посебни критериуми не се доставува до медиумите. Спротивно од неговите тврдења, од Комисијата за заштита на информации од јавен карактер за „Макфакс“ потврдија дека документот треба да биде објавен на веб-страницата на компанијата и истиот не е документ со класифициран карактер.
„Систематизацијата е интерен акт. Систематизацијата не е акт кој може да се сподели со јавноста и не акт од јавен карактер на компанијата. Така е одлучено со Управниот одбор. Документот е доставен само до aнтикорупциска комисија. Сè додека таа не одлучи по однос на доставените документи, ние не можеме да го споделиме со јавноста“, рече Миноски.
Според Законот за пристап до информации од јавен карактер, правилникот со кој се регулира бројот на вработени, нивниот распоред, како и потребните квалификации за вработување, е дел од 21 документ кои мора да бидат јавно достапни.
Државната ЕЛЕМ одбива да го достави и годишниот план за вработување на компанијата, каде што е наведено колку работни места е предвидено да се отворат во текот на годината, а во кој се гледа и дали е предвидено ново работно место на позицијата на која е вработен Виктор Стојчевски. Токму овие документи треба да го дадат одговорот дали синот на пратеничката Мира Стојчевска е незаконски вработен во ЕЛЕМ, бидејќи тој имал работно искуство од 19 месеци, а неофицијално, за работното место на кое работи сега, според систематизацијата е потребно искуство од 24 месеци.
Условите за вработување, според систематизацијата, на работното место инженер за нови технологии – приправник, ги исполнувале другите двајца пријавени кандидати, кои пријавиле дека имаат работно искуство од 10 и 20 години. Но, овие кандидати не биле подобни оти ЕЛЕМ одлучила да не се води според стажот, туку според возраста бидејќи нивната определба била да инвестираат во млад кадар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.

