Македонија
Првпат лице со попреченост е носител на листа за Советот на Град Скопје – Коалицијата за зелена иднина ги претстави листите за советници

На вчерашната прес-конференција, Коалицијата за зелена иднина, формирана од Зелената партија ДОМ, Движењето за демократија, права и слобода (ДПС) и локални активисти и иницијативи, ја претстави листата за претстојните локални избори и ја нагласи историската одлука на македонската политичка сцена – првпат лице со попреченост, Ана Карајанова-Димитрушева, е носителка на листата за Советот на Град Скопје.
Овој исчекор ја потврдува заложбата Коалицијата да отвори простор за ранливите и за маргинализираните и да ја преточи инклузијата во конкретни локални политики.
Един Јакуповиќ, претседател на Движењето за демократија, права и слобода (ДПС), истакна дека Коалицијата е изградена и рамо до рамо со локални активисти и со граѓански иницијативи во државата.
„Нашите листи ќе се натпреваруваат во 12 општини: Град Скопје, Центар, Карпош, Куманово, Битола, Ранковце, Охрид, Штип, Демир Капија, Дојран, Дебар и Маврово-Ростуше. Оваа одлука за коалиција не е партиска манипулација, туку политички завет: завет за здрава животна средина, чесност, граѓанска партиципација и грижа за ранливите – тоа ќе биде сржта на нашата коалициска платформа“, порача Јакуповиќ
Според Александар Анѓушев, копретседател на ДОМ и носител на листата за Советот на Општина Карпош, оваа Коалиција е одговор на празнината што ја оставија класичните партиски монополи. Платформата се темели на јасни приоритети: заштита на природата, транспарентност на одлучувањето, интегритет во администрацијата и вистинска грижа за оние што најмногу страдаат.
„Влегуваме во кампања со кандидати и кандидатки што знаат да донесуваат одлуки – не само да добиваат места“, рече Анѓушев и нагласи дека со гордост го истакнува историскиот избор на листата за Град Скопје: првпат една личност со попреченост, Ана Карајанова-Димитрушева, ќе ја предводи листата за советнички места. Таа не е симболична фигура, туку гарант дека во Советот ќе влезе вистински застапник за правата на ранливите. Ние сме длабоко уверени дека таа ќе биде избрана и ќе работи како глас за илјадниците граѓани чии проблеми долго беа системски игнорирани. Уште одамна кажавме дека оваа коалиција е отворена за независните активисти и тоа го покажуваме на дело – ние ја споделуваме нивната енергија и им даваме политичко искуство“, додаде Анѓушев.
Ана Карајанова-Димитрушевска, носителка на листа за Советот на Град Скопје, истакна дека кандидатурата ја прифаќа како обврска пред луѓето со попреченост, пред лицата со посебни потреби и нивните семејства и пред сите оние што секојдневно се соочуваат со бариери во нашето општество.
„Моето учество јасно кажува дека политиката може и мора да се отвори за оние кои порано беа отфрлени и оставени надвор од системот. Ги носам искуствата од невладиниот сектор во суштинските дебати за основните човекови права: пристапност во јавните простори и јавни институции, грижа во здравството, подобра социјална заштита на локално ниво и решавање на реалните проблеми на семејствата на пациентите и најранливите“, рече Карајанова – Димитрушевска, притоа поздравувајќи ја соработката со локалните активисти кои со години се борат за чист воздух, за парковите, за зеленилата, за спречувањето на дивите депонии.
„Јас доаѓам од Битола, град со долгогодишна културна и историска традиција, но и град кој одамна заслужува фер и чесна локална власт. Како Ром и како граѓанин на овој град, секогаш сум се борел за еднаквост во секојдневниот живот“ порача Рамадан Рустемов, носител на листа за Совет на општина Битола.
Тој посочи дека Битола се соочува со предизвици во образованието, во здравството, во пристапот до работни места и до јавни услуги.
„Оваа коалиција за мене е гаранција дека мојот народ конечно ќе има глас во Советот и ќе биде слушнат кога зборува за проблемите што со години се игнорирани. Денеска, кога зборуваме за зелена иднина, ние не зборуваме само за паркови и чист воздух – зборуваме за достоинствен живот. За маала што нема да бидат оставени на маргините, за училишта во кои децата ќе имаат еднакви услови, за град во кој јавните простори ќе бидат достапни за сите. Нашата борба не е борба само за Ромите, туку за сите граѓани на Битола кои сакаат чесна, правична и еколошка власт. Со оваа коалиција, ние ја отвораме вратата за промена која ги обединува различностите околу една заедничка цел – зелена, достоинствена и праведна иднина“, рече Рамадан Рустемов.
Проф. д-р Ана Угринска, копретседателка на ДОМ и второ место на листата за Советот на Град Скопје, потенцираше дека Коалицијата за зелена иднина е друг вид на политичка сила која ја отфрла логиката на партискиот клиентелизам.
„Зелената партија ДОМ и ДПС ги соединуваат најдобрите карактеристики: близина до граѓаните и искуство во управувањето. Се нудат конкретни мерки за транспарентни јавни буџети, локални планови за енергетска ефикасност, стандарди за пристапност, механизми за вклучување на граѓаните во донесувањето одлуки и социјални програми за ранливите. Во секоја од 12-те општини, ние ќе влеземе со барем еден советник што ќе го бранат интересот на граѓаните и граѓанките – ова не е оптимистичка реторика, туку целосно реална и планирана стратегија“, истакна Угринска.
Притоа таа порача дека Коалицијата за зелена иднина на овие локални избори нуди нешто што другите политички партии не можат да го спојат, а тоа е етичка политика, реални и одржливи решенија и вистинска грижа за природата и луѓето.
„Ги повикуваме и сите оние гласачи кои се неопределени да ни се придружат и преку Коалицијата за зелена иднина да станат дел од одлучувачките процеси и ние ќе работиме секој ден за да го оправдаме секој даден глас. Коалицијата за зелена иднина е повик за солидарност, за правда и за конкретна промена на локално ниво. Ве повикуваме да ни се придружите заедно да ја градиме општинската власт како место на доверба, одговорност и зелена променa. За зелена иднина“, заклучи проф. д-р Ана Угринска, копретседателка на ДОМ, која е второто место на листата за Советот на Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Гласот за СДСМ е одлука за решавање на маката на луѓето, СДСМ не лаже

Лидерот на СДСМ Венко Филипче во своето излагање на денешната Конвенција за промоција на кандидатите за градоначалници и советници истакна дека партијата е обединета околу воспоставување на вредносен систем во кој патриотизмот и достоинството не се злоупотребуваат за партиски рејтинг, туку значат обезбедување безбедни, чисти и здрави средини за македонските граѓани, како и секојдневна грижа за тоа како животот на сите ќе биде подобар.
-Денес стоиме со јасна порака, ова е момент на нов почеток, рече Филипче на Конвенцијата за промоција на кандидатите за градоначалници и советници за локалните избори 2025 година.
Како што посочи, Македонија не смее да биде дом на малкумина, туку дом на сите.
-Секој глас е важен. Нашиот избор е борба за нашиот дом. Ова е наш дом и ова е наша борба. Македонија не е и не смее да биде дом на малкумина, туку дом за сите. Македонија нема да биде дом каде ние, домаќините, ќе бидеме безгласни, без право на одлука, без право на достоинствен живот во домот. Нашиот дом е нашата Македонија, но и нашата партија, а нашите вредности се темелите на тој дом. И тие темели ќе ги чуваме и јакнеме, рече денеска Филипче.
Тој потенцирање дека борбата за тоа каков дом сакаме, почнува од сега. Притоа правејки паралела за развојот и напредокот со СДСМ и очигледниот застој со ВМРО-ДПМНЕ.
-Ако се откажеме сите, тогаш иднината ќе ја оставиме во раце на оние кои ја водат земјата назад, во темнината на корупцијата и стравот. Ако пак застанеме заедно, можеме повторно да ја изградиме Македонија како наш заеднички дом. Ние не сме совршени, но сме оние што ја носат државата и граѓаните кон јасна иднина и кои се грижат за реалните проблеми, рече Филипче на Конвенцијата.
Тој исто така порача дека постои нешто поголемо од партијата, а тоа е заедничкиот дом, државата во која сите живеат сите граѓаните. Затоа гласот за СДСМ е одлука за решавање на маката на луѓето, затоа рече Филипче, СДСМ е онаа која не се повлекува во криза, не лаже, туку се соочува со проблемите.
„Вашиот глас е штит за вашето семејство, за вашите права и за вашата иднина“, порача Филипче.
Македонија
Романец осомничен за тешка кражба во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против романски државјанин, осомничен дека во Скопје извршил кривично дело – Тешка кражба според член 236 став 1 точка 3 од Кривичниот законик.
Осомничениот 41-годишник делото го извршил на 21 март, во Ѓорче Петров, кога на дрзок начин и со сила одзел златен ланец со крст од еден оштетен, тргајќи му го од вратот. Потоа почнал да претура по полицата од дневната соба, ја отворил фиоката и одзел 2.500 денари. Така осомничениот се стекнал со вкупна противправна имотна корист во износ од 11.500 денари, по што веднаш се дал во бегство.
Имајќи предвид дека станува збор за странски државјанин без регулиран престој во државава, јавниот обвинител оцени дека постои опасност од бегство и до Судот достави предлог за определување мерка притвор.
Македонија
Јакимовски: Карпош не е кафана, туку сериозна општина

Карпош е сериозна општина и народот тоа го знае. Народот е со мене, а вистината ќе ги стигне и нив, се вели во соопштението од ГРОМ од актуелниот и кандидат за градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски.
„Кога ВМРО-ДПМНЕ нема аргументи, тогаш пуштаат соопштенија со лаги и навреди. А најиронично од сè е што во Карпош ни го доведоа за кандидат човек кој до вчера седеше по кафани, со купена диплома пред една година, и единствено искуство му е чашката, а не проекти и работа
Граѓаните треба да знаат дека овој нивни „кафанџија-кандидат“ денеска седи во канцеларија и оперира со државниот буџет. Преку фирмата Алкалоид Конс се набавуваат лекови за Онкологија – па нека проверат зошто доцнат терапиите и колку тендери имаат добиено. Таму лежи вистинската приказна.
Докторите од Онкологија имаат многу што да кажат. Јавноста има право да знае дали профитот и договорите им се поважни од здравјето на пациентите.
Затоа, наместо да измислуваат лаги за Карпош, нека одговорат на едно едноставно прашање: Кој профитира од тендерите за лекови и кој го пушти „кафанџијата“ да биде кандидат за Карпош?
Карпош не е кафана, ниту ќе биде експеримент на нивните школски другарчиња. Карпош е сериозна општина и народот тоа го знае. Народот е со мене, а вистината ќе ги стигне и нив“, вели Јакимовски.