Македонија
Увозот на половни возила паднат 42 отсто

Во согласност со последните податоци од Царинската управа, увозот на половни возила во државата во првите 9 месеци е значително намален.
Од Царинската управа велат дека лани во овој период биле увезени над 26.000 илјади половни возила, а оваа година се увезени речиси 11.000 возила, што претставува намалување од 42 %. Падот на увозот на половни возила, како што наведуваат од Царинската управа, во најголем дел е резултат од воведувањето на механизмите во новиот данок на моторни возила, чија цел беше спречување и демотивирање на граѓаните за купување половни возила со високи емисии на СО2, што веќе се покажува и во пракса. Ова значи помал влез и користење возила што драстично го загадуваа воздухот во државата.
Увозот на нови патнички возила е намален 18 %, така што лани во првите 9 месеци биле увезени над 6.300 нови возила, а оваа година се увезени околу 3.800 возила.
И покрај намалениот број на увезени возила, приходите остварени со примената на новиот данок на моторни возила, кој ја замени акцизата, бележи позитивна разлика во приходот за над 280 милиони денари или 4,5 милиони евра повеќе во однос на лани истиот период, што претставува пораст над 50 %.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.