Македонија
„Здравствен дом Скопје“ повикува на штрајк за достоинствена плата на Први мај

Јавната здравствена установа „Здравствен дом Скопје“ најавува протест за достоинствена плата на 1 мај. Синдикалната организација на ЈЗУ „Здравствен дом Скопје“ , Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална работа и Сојузот на синдикати на Македонија го повикаа членството на 1 мај да излезе на протест.
„Повик до сите колеги и колешки од сите останати здравствени установи да ни се придружат на големиот синдикален протест за исполнување на барањата поднесени од ССМ и Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална работа до надлежното Министерство. Овој пат заборавете на излети и скари, имаме побитни работи за решавање на нашата егзистенција. Немојте за еден ден да ги ризикувате останатите денови и можности за покачување на платите кои се енормно ниски поради големите поскапувања. Размислете убаво дали треба да излеземе сите заедно компактни и сплотени и да се избориме за нашите права или ќе одите по излети, на скари и пијанки“, стои во повикот.
Синдикатите повикуваат на компактност, единственост и лично присуство за остварување на барањата наместо да се чека некој друг да ја заврши работата за потоа да се негодува и да се демонстрира незадоволство.
Протестот ќе се одржи вo недела на Први мај. Собирот ќе биде во 12.00 часот пред Сојузот на синдикати на Македонија проти големиот паркинг кај Градскиот трговски центар.
Сојузот на синдикати на Македонија пред три дена ги повика на протест на Први мај, Денот на трудот, сите работници за усогласување на платите со минималната плата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ковачевски повторно воздржан за случајот со Џафери: „Во Собранието се кажуваат многу работи“

Нема коментар ниту осуда од премиерот Димитар Ковачевски за пцостите искажани од собранискиот спикер Талат Џафери.
Ковачевски останува на ставот дека од снимката не се гледа кој со кого зборува. За него, тоа е доволна причина за да не дава субјективно мислење.
Единствено што посочи во однос на снимката на која се слушаат навредливи зборови е: „Во Собранието се кажуваат многу работи“.
Прашан дали ќе ги осуди пцостите, Ковачевски одговори: „Тоа е снимка на која не се гледа кој со кого зборува. Јас во Собранието имам поминато долго време. Во Собранието се кажуваат многу работи. Дел сме биле сведоци преку малите екрани. Да се дава оценка за нешто што не се гледа, бидејќи јас не сум бил таму… Најдобар одговор може да дадат тие кои биле во салата“.
Новинарите укажуваа дека аудио-снимки на кои не се гледа кој со кого зборува се користени и во низа судски предмети како што се покренатите од СЈО за кои има пресуди.
Премиерот, пак, тврди дека пресудите не се врз основа на телефонските разговори.
„Еднаш зборував и за таква работа. Судот пресудува врз основа на материјални докази. Тие кои се осудени, тие за кои има случаи, судот ги води врз основа на закони. Пресуда не се носи врз основа на телефонски разговори, туку врз основа на релевантни документи“, посочи Ковачевски.
Дали има одговорност, според него, треба да одреди Собранието.
„Собранието има етички кодекс на однесување, соодветни комисии каде се разгледува однесувањето на пратениците. Колку што знам дел од пратениците имаат инцијативи во таква насока. Би повикал на следење на процедурата. Да не заборавиме, Собранието е посебна законодавна власт во државата. Претседател на Влада не може да спроведува процедура во Собрание. Се надевам дека согласно сите наводи и докази дека ќе биде испочитувана процедурата и соодветно ќе бидат донесени одлуки во надлежност на Собранието. Мора да ја видиме дисциплинската постапка и да видиме како пратениците ќе постапат“, додаде Ковачевски.
Македонија
(Видео) Амир Дестанов, кој на натпреварот по математика на „Кенгур 2022“ освои трето место, на прием кај Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Амир Дестанов, ученик во ООУ „Браќа Рамиз и Хамид“, Шуто Оризари кој на натпреварот по математика на „Кенгур 2022“ освои трето место и е вклучен во активностите на „Дневниот центар за деца на улица“.
Пендаровски беше запознат со исклучително тешкото детство на Амир и со суровите услови на живот кои ги искусил од најмала возраст. Импресиониран од успесите и посветеноста на Амир, претседателот Пендаровски му го честиташе 3-то место на математичкиот натпревар и му посака светла иднина и безгрижни тинејџерски денови.
На средбата Пендаровски го охрабри Амир да продолжи со посветеноста во образовниот процес за да ги постигне своите цели за подобра иднина.
На средбата присуствуваа и наставничката по математика на Амир и претставници на дневниот центар, со кои се разговараше за постигнатиот успех на осмоодделенецот, како и за предизвиците и условите за работа на „Дневниот центар за деца на улица“.
Македонија
Протест поради 18-месечната затворска казна што ја доби возач кој прегази битолчанец

За 18-те месеци затвор што ги доби возачот кој го прегази и усмрти битолчанецот Оливер Петровски ќе има и протест. Семејството на загинатиот смета дека пресудата е срамна. Бара поддршка од сите, со цел да се изрази револт и да се побара правда. Протестот има мото „Стоп за неказнивоста за убијците со возила“.
„Имајќи ја предвид срамната пресуда на судијката во Основниот суд Битола, Татјана Петровска, која убиецот на брат ми го казни со срамни 18 месеци затвор, за сообраќајката во која загина брат ми, а за која немаше никаква вина, ве повикувам сите заедно да излеземе на мирен протест во сабота, на 21 мај на плоштадот Магнолија во Битола (кај споменикот на Филип Втори), во 12 часот, и да го изразиме нашиот револт со поворка до Основниот суд во Битола“, се вели во најавата за протестот.
Бојан Петровски, брат на загинатиот Оливер, посочува дека протестот е за да се побара правда и за сите убиени во сообраќајки.
„Да побараме правда за Оли, но да побараме правда и за сите убиени во сообраќајки бидејќи сведоци сме дека во последните неколку години убијците во возила, згаснувајќи многу животи со своето бесно возење, поминуваат неказнето, или со прениски казни, изречени од страна на корумпираната судска власт во ‘нашата држава’“, вели Петровски.
Ова не е прв протест поради изречени судски казни за возачи кои усмртиле пешаци. Претходно, протест имаше и во Скопје пред кривичниот суд по пресудата за сообраќајката кај „Сити мол“, каде младата Викторија Николова го изгуби животот, а Леонид Даов беше повреден. Во овој случај возачот доби казна од три години.
За прегазувањето на 25-годишниот битолчанец кој управувал електричен тротинет обвинетиот 21-годишен возач на „фолксваген туран“ добил казна затвор од 18 месеци.
Несреќата се случи во месец јули 2020 година, а пресудата е донесена пред неколку денови. За семејството за трагично загинатиот Оли Петровски кој тргна, но не стигна на работа, казната е ниска. Неговиот брат Бојан Петровски посочи дека државата го убила Оли по вторпат.