Македонија
Здружено против нелегални активности во тешко пристапните предели на заштитените подрачја

Секој трет петок во месец мај низ светот се одбележува Денот на загрозените видови со идеја да се подигне свеста на јавноста за проблемите со кои се соочуваат овие видови и да ја поттикне да се вклучи во нивната заштита.
Живоиновиот смил од Националниот парк Галичица, салепот од Националниот парк Маврово и жолтата линцура од Споменикот на природата Вевчански извори се помалку познати примероци од ендемскиот див свет, кои можат да се најдат во планинските предели високи над 1650 мнв, во склоп на заштитените подрачја во Северна Македонија.

Жолта линцура од Споменикот на природата Вевчански извори
Заедничко за овие видови е тоа што имаат статус на загрозени видови. Дел од нив се наоѓаат на Националната црвена листа, па дури и на Црвената листа на Меѓународната унија за заштита на природата како видови кои треба да се заштитат.
Нивниот опстанок е под ризик поради нелегални активности на човекот како што е неконтролираното собирање или, пак, уништување на нивните живеалишта. Токму ваквите активности ќе бидат во фокус на проектот „Здружено против нелегални активности во тешко пристапните терени на заштитените подрачја“ кој НатураМК го започнува во соработка со ЈУНП Галичица, ЈУНП Маврово и СП Вевчански извори.

Живоиновиот смил од Националниот парк Галичица
„Одбравме да работиме за високопланинските предели на заштитените подрачја токму поради тоа што се тешко достапни, а воедно и податоците кои се однесуваат за овие предели се ретки и површни“, вели Анела Ставревска Панајотова од Натура МК.
„Тоа е во согласност со мисијата на Натура МК да нуди решенија со кои луѓето ќе бидат подобро поврзани со природата. Нашата визија е да создадеме поинаков свет во кој луѓето живеат во хармонија со природата“, додава таа. Во идниот период, НатураМК преку социјалните медиуми ќе споделува информативни објави и видео со кои ќе ја едуцира јавноста да ги препознае нелегалните дејствија кои ѝ штетат на природата и да ја ангажира да се вклучи во борбата против нив. Воедно, ќе побараат начин за нивно решавање во рамките на локалната заедница, но и на ниво на национални политики.
Во одбележувањето на Денот на загрозените видови се приклучија и од Националниот парк Галичица.
„ЈУНП Галичица во последниве неколку години прави сериозен напор да го рефокусира управувањето од одржливо користење на природните ресурси во интегрална заштита и зачувување на природните вредности на паркот кои биле причина за негово прогласување. Ваквата определба е придружена со активности на повеќе полиња од зголемувањето на базата на податоци за природното наследство, промоција и презентација на вредностите за подигнување на свеста за потребата од нивна заштита и подобрување на непосредната заштита“, вели Андон Бојаџи, раководител на Одделението за заштита на природа при ЈУНП Галичица.
Од септември 2019 година, општина Вевчани го презеде управувањето со заштитеното подрачје Споменик на природата „Вевчански извори“. Според градоначалникот Сашо Јанкоски, предизвиците за справувањето со нелегалните активности од аспект на човечки, технички и финансиски капацитети се големи. Тој забележува дека добрата соработка со невладините организации, државните органи и меѓународните фондови е од огромно значење за успешно спроведување на Планот за управување со СП „Вевчански извори“.
„Примарната цел на визијата утврдена во Планот за управување е да се обезбеди заштита и зачувување на природното наследство и животната средина, притоа овозможувајќи услови за развој на одржлив екотуризам во функција на локален економски развој и едукација со одржливо користење на природните ресурси. Целта на општина Вевчани со усвојувањето на оваа долгорочна визија е преку вклучување и активно учество на засегнатите страни, локалните чинители и невладини организации кои работат на ова поле, сè повеќе природните вредности да ги ставаат во функција на заштита, унапредување на животната средина и природата во локалитетот и пошироко“, изјави градоначалникот Јанкоски.
Активностите се дел од грантовата шема од проектот „Заштитени подрачја за природата и луѓето II 2019-2022 година“ спроведуван од Светскиот фонд за природа – WWF Adria, а поддржан од Шведската меѓународна агенција за развој и соработка – SIDA. Содржините и ставовите искажани се на авторите и не ги отсликуваат тие на SIDA.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Костадиновска-Стојчевска: Со ребалансот власта крати средства за социјални надоместоци, а вработува партиски кадри пред изборите

Ребалансот на буџетот за 2025 година, иако навидум не менува многу во клучните макроекономски параметри како вкупни приходи, расходи, дефицит и економски раст, претставува јасен показател за владините приоритети и стратегии, особено во пресрет на локалните избори, истакна пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска, на денешната расправа посветена на ребалансот на Буџетот за 2025 во комисијата за финансирање и буџет.
Костадиновска Стојчевска нагласи дека 14 милиони евра не се за зголемени плати, како што рече и самиот заменик министер се дообезбедуваат средства за исплата на плати, пензии, програмски, проектни активности со едновремено искористување на средства од претходни години.
„Ова најверојатно е заради претстојните локални избори, па тактиката е добро позната – нови вработувања на партиски кадри пред изборите, што е долгогодишна практика која го оптоварува буџетот и ја нарушува професионалноста на јавната администрација, наспроти најавите на министерот за јавна администрација“, истакна Костадиновска Стојчевска, додавајќи дека за тоа зборува и зголемувањето на ставката „стоки и услуги“, за околу 30 милиони евра во однос на 2024 година, која е недоволно транспарентна и вклучува договори на дело како форма на квази-вработување во јавната администрација.
Костадиновска Стојчевска нагласи дека истовремено со зголемувањето на расходите за пензии и плати, владата прави кратења кои директно ја погодуваат економијата и најранливите категории граѓани.
„Кратењето на социјалните надоместоци е најголема критика за владата. Намалувањето на парите за „социјалните случаи“ е антисоцијална и антисоцијалдемократска политика. Недозволиво е да се крати од најсиромашните слоеви на населението, а во исто време да се вработуваат партиски кадри пред избори. Ова покажува висок недостаток на емпатија и социјална одговорност“, рече Костадиновска Стојчевска.
Таа го истакна и, како што рече, очајното ниво на реализација на капиталните инвестиции од само 22,5 проценти, кое е за 13,6 процентни поени помалку од истиот период во 2024 година, а признанието дека претходната влада била подобра во реализацијата на капитални проекти е силна критика за неефикасноста на сегашната влада во спроведувањето на развојни проекти.
Во своето излагање пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска, особено се осврна на состојбите во министерството за култура и туризам, каде е намалена ставката за плати, што според неа значи дека заложбите за поголеми плати за вработените во министерство за култура останале само предизборни ветувања а и додатокот на плата за 30 отсто денес во министерство за култура се прави по партиски клуч.
„Не се предвидени средства за зголемувањето на платите на културните работници. Иако некои од нив два месеци немаат земено плата и добиваат само закани дека нема да земат плата, не се предвидени средства за исплата на 700 тужби за неисплатените проценти согласно колективниот договор“, нагласи Костадиновска Стојчевска, додавајќи дека културните работници го добија достоинството во 2019 година со потпишувањето на колективниот договор, а во 2025 година им го ускратува еден од нив.
Костадиновска Стојчевска наведе дека Буџетот на инспекторатот за употреба на македонски јазик е намален за 2/3, се крати од ставката за културно наследство, не е помрднато со прст за завршување со изградбата на центарот за промоција на макеоднски јазик во село Љубојно, првото училиште по македонски јазик, се намалува и сумата за реконструкција на Музеј на Македонија и покрај тоа што министерот наследи готов проект и завршена процедура.
„Во буџетот на самото министерство зголемена е ставката за патувања. Тука ништо не не изненадува. Осака чинеше 90.000, а само за министерот и неговата шефицата на кабинет беа платени 10.000 евра трошоци“, рече Костадиновска Стојчевска.
„Она што е најевидентно се средствата за инфраструктурни објекти во општините коишто од 275 милиони сега со ребалансот изнесуваат 335 милиони. За користење на овие средства оваа година нема распишан конкурс па така не е јасно како овие и така зголемени средства ќе се користат“, рече Костадиновска Стојчевска.
Таа истакна дека финансирањето на дејностите од областа на култура е зголемено, во средствата овој јануари беа распределени на најнетранспарентен можен начин, без јавно објавување на резултатите од конкурсот, така и овие зголемени средства ќе одат во нечии џебови, а не таму каде треба.
Македонија
Азизи: Одобрени 829 проекти од околу 15 милијарди денари за патишта, училишта, градинки

На 88 седница на Владата која се одржа вчера, 6 ресорни министерства вклучени во потпрограмата за капитални дотации на единиците на локалната самоуправа – позната како АА, доставија предлог одлуки до Владата за проектите на општините кои ги исполнуваат условите наведени во самиот повик.
Оваа потпрограма, како што објаснија од владините служби, претставува значаен инструмент за поддршка на општините и нивното институционално и инфраструктурно јакнење, во насока на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
„Во рамки на втората фаза, вкупно се одобрени 829 проекти во вредност од околу 15 милијарди денари, кои ќе се реализираат преку следниве министерства:
Министерство за транспорт и врски – над 8 милијарди денари
Министерство за животна средина и просторно планирање – околу 2, 5 милијарди денари
Министерство за образование и наука – околу 1,6 милијарди денари
Министерство за култура – 622 милиони денари
Министерство за социјална политика, демографија и млади – 520 милиони денари
Министерство за спорт – 544 милиони денари
Со ова продолжуваме континуирано да ја поддржуваме секоја општина која ги исполнила условите според јавниот повик, без разлика на политичката припадност на нејзиното раководство. За нас, единствено важни се граѓаните, нивната благосостојба и создавање подобри услови за живот во секој дел од државата“..
Во рамки на првиот јавен повик, беа доделени 4,1 милијарди денари за 274 проекти, дел од кои се веќе реализирани, а другите се во реализација, соопштија од Владата.
Македонија
Минчев: Јавната администрација повеќе не смее да биде заштитена зона за привилегирани поединци

По повод една година од формирањето на Министерството за јавна администрација, министерот Горан Минчев презентираше преглед на клучните резултати и реформски потези што, како што потенцираше ја поставија основата на новата култура на управување во јавниот сектор.
Минчев истакна дека преку политичка волја, транспарентност и вложување во човечкиот капитал, министерството спровело системски промени насочени кон департизација, професионализација и дигитализација на администрацијата. Овие чекори, како што нагласи, претставуваат почеток на една нова ера во која јавната администрација која станува вистински сервис на граѓаните, а не привилегија за поединци
-Формирањето на Министерството за јавна администрација не беше бирократски потег. Тоа беше политичка порака. Порака дека веќе нема место за партиски вработувања, за нефункционални институции, за тајни договори и за неучење, изјави Минчев, нагласувајќи дека јавната администрација повеќе не смее да биде „заштитена зона за привилегирани поединци“, туку сервис на граѓаните.
Од клучните преземени мерки тој ги издвои корекцијата на Балансерот, односно методологијата за пресметка на етничката застапеност во јавниот сектор.
-Пресметката ја усогласивме согласно тогашниот актуелен Закон, врз база на реалната резидентна популација, а не по дотогашната пресметка на нерезидентно население, објасни Минчев.
Министерот најави дека законските решенија кои произлегле од јавните консултации се веќе во завршна фаза во Собранието.
-Ги поставивме темелите на таа нова култура. Македонија е решена да стане модерна, европска држава и тоа не може да се постигне со стари навики, туку со нова култура на управување, заклучи Минчев.
Новите закони за јавната администрација во Северна Македонија, како што образложи Минчев, носат значајни реформи насочени кон департизација, професионализација и дигитализација на јавниот сектор.
„Конечно, Македонија стана активен член во европската мрежа за квалитет преку имплементација на CAF моделот. Овие чекори претставуваат системска трансформација насочена кон департизација, професионализација и европеизација на јавната администрација, рече министерот.
Овој европски систем за самоевалуација, како што информираше, веќе е применет во неколку институции.
„Преку CAF, институциите не само што зборуваат за квалитет – тие го мерат, го применуваат и го наградуваат“, рече министерот.