Македонија
Зелената градина на ГТЦ му се наметнува исто како и барокот, архитектите разочарани
Зелената градина за покривот на Градскиот трговски центар ги разочара архитектите како стручна јавност, а незадоволни се и скопјани, кои од градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, бараат конкретни проекти место шминка.
Архитектите сметаат дека покажаната зелена градина е несериозен обид за уредување јавна површина, револтирани се што немало конкурс за да се избере најдоброто решение, а скопјани му порачуваат, наместо да сади дрвја на ГТЦ, да изгради кружни текови кај поранешна „Нова Македонија“ и кај Соборниот храм.

Претседателот на Асоцијацијата на архитектите на Македонија (ААМ), Мартин Пановски, вели дека понуденото решение воопшто не заслужува да се коментира.
„Мене ми е веќе преку глава да разговарам за детски работи. Она што е таму ставено го има правено некој што или не работи проектирање сериозно или е ангажирана градежна компанија што си има вработено некој млад архитект. Не вреди понатаму да се коментира. Прва работа, доколку нема конкурс за тоа решение, џабе разговараме, дури и да е најдоброто. Втората работа е што тоа стварно изгледа смешно за да се даде во јавност, сепак сме 21 век. Ова се зачетоци на 3Д-рендери, а дизјанот како дизајн е смешен“, вели Мартин Пановски, претседател на Асоцијацијата на архитектите на Македонија.

За зелената градина на ГТЦ, Асоцијацијата ќе има и официјален став, кој претседателот Пановски го најави за утре.
На социјалните мрежи нема крај на коментарите за зелената градина. Граѓаните бараат градоначалникот да направи приоритети и да почне да ги решава приоритетните проблеми, а козметичките интервенции, каде што ја вбрујуваат градината на ГТЦ, да ги остави за подоцна. Имаат забелешки и зошто не е опфатен целиот покрив, туку само дел од него, зошто, место само зазеленување, предвидено е и поплочување со бекатон и сметаат дека зелената градина му се наметнува на ГТЦ на ист начин како што претходната владејачка гарнитура му го наметнуваше барокот.

На прашањата зошто не е распишан конкурс за идејно решение, кој го изработил проектот и зошто е избрано токму покажаното решение, од Град Скопје не одговараат, но објаснуваат дека се работи за предизборно ветување на градоначалникот.

„Изградбата на зелен кров на покривот на ГТЦ е еден од проектите за враќање на загубеното зеленило во Малиот ринг во Скопје, како и проект што ќе придонесе и за намалување на температурата во централното градско подрачје преку намалување на ефектот на урбаните топлински острови, подобрување на квалитетот на воздухот и управување со врнежите. Зелениот покрив на ГТЦ беше предизборно ветување на градоначалникот Шилегов и барање на голем број организации, активисти и посетители на трговскиот. Процесот се водеше според важечките правила за јавни набавки на УНДП во согласност со договорот меѓу УНДП и Градот, како и во согласност со меморандумот за соработка со АД ГТЦ“, појаснуваат од Град Скопје.

Градоначалникот Шилегов вчера го претстави заедничкиот проект со УНДП и со ГТЦ за зелена градина на покривот на трговскиот на 1.800 квадратни метри, со 29 високи повеќегодишни дрвја, летна сцена и кафетерија. Не кажа колку пари за градината ќе бидат потрошени од градската каса, чиј е проектот и врз основа на кои критериуми е избран.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одземени лиценците за канабис на шест фирми: не им работеле камерите, немале обезбедување, едно имале на хартија друго во магацин
На шест од досега провери 13 компании им се одземени лицентие за одгледување канабис за медицински цели. Министерот за здравство, Азир Алииу, најави дека контролата продолжува во останатите комании кои одгледуваат канабис, а кога ќе заврши проверката кај сите 43 фирми, кои имаат лиценци, ќе се изготви нов, посторг закон.
„Компаниите на кои им е доземена лиценцата за одгледување канабис за медицински цели се ‘Алфафарм’, ‘Грин лајф’, ‘ЦБД медплан’, ‘Лајф плант’, ‘Ата фарм’ и ‘Канаби доис’. Имаат недостатоци од различни аспекти од административна гледна точка, од инфраструктурна гледна точка, од технолошка гледна точка, од човечки капацитети и така натаму. Во некои од нив внатрешната структура за следење, значи камерите, не работат. Во дел од нив нема човечки капацитети, во дел од нив нема обезбедување, во дел од нив недостасува документација или не се вредностите кои се ставени во извештајот исти или слични со тие што ги имаат внатре. Во дел од нив не се известени институциите, значи Министерството, како надлежно Министерство, во рок од три дена за промените. Затоа комсијата цени дека тие компании не треба да се бават со производство“, рече денес министерот Алиу.
Досегашните контроли во фирмите покажале несоодветно складирање на сув цвет. Тој бил затекнат отврен, без соодветно запечатување и без складирање во пропишаните картонски кутии како што пропишува Законот. Утврдени се и недоставени известувања до комсијата за ивршено производство, берба и купопродажба на сув цвет, откриена е и недоставена целокупна документација и договори поврзани со продажба и трансфер на сувиот цвет како и несовпаѓање меѓу евидентираните и фактички затекнатите количини сув цвет во сеф-собите.
Во контролирањето на компаниите учествуваат МВР, МАЛМЕД, Инспекторатот за земјоделство и Државниот санитарен инспекторат, а откога ќе се исконтролираат сите компании и ќе бидат заведени сите регистрирани пропусти, министерот Алиу вели дека ќе почне подготовка на нов закон.
„Овој процес за контрола на производителите на канабис за медицински цели откри и низа системски слабости, но и назнаки за интернационални празнини во регулативата што може да се користат за злоупотреба. Дефинитвно детектирани се пропусти во Законот. Ќе чекаме до крајот, да се завршат контролите во сите 43 компании, досега се поминати 13, а потоа ќе имаме ново законско решение кое ќе има рамка која нема да може да се злоупотреби, нема да има реченици кои не се до крај доречени за да може да се злоупотребат. Тоа ќе го оставиме на стручните лица кои врз основа на крајниот извештај што ќе го добиеме ќе направат законско решение согласно ЕУ директивите и во согласност со она што недостасува на терен“, рече министерот Алиу.
Вонредни контроли во компаниите кои одгледуваат канабис Владата нареди да бидат направени откога во Србија беа откреини пет тони марихуана произведена кај нас. Во заеднички акции Обвинителството за гонење организиран криминал и полицијата изминатиов период од компаниите кои имаат лиценци за одгледување канабис за медицински цели запленија над 40 тони канабис, а меѓу комапниите на кои денес им е одземена лиценцата е и компанијата поврзана со петте тони марихуана откриена во Србија.
Македонија
(Видео) Тренчевска: Пратениците да гласаат за 600 евра минималец, трудот на работникот мора да се вреднува
Воведувањето и зголемувањето на минималната плата е една од клучните економско-социјални политики насочени кон заштита на животниот стандард на граѓаните и секоја влада која сака да го заштити стандардот на работниците треба да ја зголеми минималната плата согласно инфлацијата и куповната моќ на граѓаните, нагласи пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска на денешната собраниска Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, на која на дневен ред е Предлог на законoт за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Северна Македонија, поднесен од пратенчката група на СДСМ и коалицијата.
Во образложувањето на предлог-измените, Тренчевска ги повика сите пратеници да го поддржат зголемувањето на минималната плата на 600 евра, за да се почитува трудот на работниците и да се овозможи секое семејство кое живее со минимална плата да има достоинсвен живот.
Тренчевска посочи дека барањето за 600 евра минимална плата е оправдано. Инфлацијата и трошоците за живот континуирано растат, а мерките кои што владата ги презема не дадоа никаков ефект.
„Имаме годишна инфлација од 4,1%, а кај храната таа инфлација е многу повисока, односно над 5%. Оваа инфлација многу повеќе ја чувствуваат оние граѓани и работници кои имаат ниски примања. Сите оние мерки кои божем ги преземаше владата за да се органичи растот на цените не дадоа никаков ефект. Куповната моќ на граѓаните од месец во месец, од ден во ден, сè повеќе паѓа. Во февруари годинава, само за еден месец синдикалната кошничка се зголемила за околу илјада денари, а во однос на февруари 2025 година, таа се зголемила за 3.609 денари, а во споредба со 2022 година за повеќе од 30.000 денари. Денес ни требаат скоро три минимална плати за да може да се исполни она што е предвидено како основни производи за живот во синдикалната кошничка“, рече Тренчевска.
Во образложението таа нагласи дека улогата на владата во Економско-социјалниот совет како трипартитно тело не треба да се сведе на посредник.
„Таа секогаш треба да биде во заштита на работникот, а не да смета дека е само посредник или модератор на Економско-социјалниот совет. Напротив, Владата е дел од советот, партнер и учесник којшто директно преговара и соработува и со работниците и со работодавачите, а не ги остава работодавачите сами да одлучуваат дали им одговара да се покачи минималната плата на барање на работниците, затоа што тоа никогаш нема да го видиме“, рече Тренчевска.
Потсети дека во 2022 и 2023 година, кога се зголеми минималната плата, владата на СДСМ не ја префрли целата тежина врз работодавачите, ги субвенционираше придонесите, за компаниите да ги зголемат платите а истовремено да не им се наруши ликвидноста.
„Преку субвенционирање на придонесите се обезбеди поддршка за околу 130 илјади граѓани кои зимаа повисоки плати во компаниите. А за сите оние кои беа на минимална плата, Владата обезбеди поддршка на разликата помеѓу претходната минимална плата и онаам минимална плата што беше утврдена во 2022–2023 година. Тоа значи дека компаниите не беа оставени сами на себе, туку и тука се гледа улогата на Владата, да може да ги поддржи и барањата на работниците, но и барањата на работодавачите“, рече Тренчевска.
Македонија
Филков ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор
Министерот за правда Игор Филков на прес-конференција упати пораки во врска со одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случај поврзан со истрага за проневера од над осум милиони евра.
Во своето обраќање, министерот потенцираше дека Министерството за правда нема да биде нем сведок кога довербата на граѓаните во правниот систем е разнишана, ниту ќе стои на страна кога јавноста со право бара одговори.
„Досега, почитувајќи го принципот на поделба на власта, не сум коментирал конкретни судски и обвинителски одлуки. Тоа е темел на правната држава. Но кога одлуките отвораат сериозни дилеми и ја доведуваат во прашање еднаквоста пред законот, должност ми е да побарам отчетност“, истакна Филков.
Тој нагласи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое бил утврден ризик од бегство – ризик што се остварил – и дека јавноста има право да знае врз основа на кои конкретни факти и правни аргументи е донесена одлуката за поблага мерка.
Министерот јавно ги повика сите инволвирани во постапката да дадат детално и транспарентно образложение за своите одлуки, потенцирајќи дека одговорноста мора да биде лоцирана со име и презиме.
,,Јавно ги повикувам сите актери во постапката да дадат објаснување:
Јавниот обвинител Даниел Коцев,
– да објасни, врз основа на кои конкретни факти и правни аргументи е дадено позитивно мислење за замена на притворот?
Раководителот на обвинителството Анел Фидоски, –дали стои зад оваа одлука и дали смета дека ова е порака за еднаква примена на законот?
Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, Марин Станевски,
– кои околности го надминале ризикот од бегство кај лице кое веќе 14 месеци беше недостапно?” изјави министерот за правда Игор Филков.
Тој информираше дека побарал објаснување и од надлежните институции во однос на условите во притворските установи и најави вонреден надзор во казнено-поправните установи со цел утврдување на безбедносната состојба.
„Залудно носиме закони ако не се спроведуваат. Залудно зборуваме за реформи ако практиката ја руши довербата. Ова не е прашање на политика, туку на принцип“, порача Филков.

