Македонија
Земјиштето кај „Треска” набргу ќе добие нов изглед
Општина Центар на вонредна седница ја усвои одлуката за распишување јавен конкурс за урбанистичкото уредување на локацијата, позната како поранешна фабрика „Треска“.
„Ќе се формира комисија, која ќе биде составена од архитекти, сопственици на земјиштето и други што ќе одлучуваат за тоа како ќе изгледа просторот. Според мојата процена, за приближно шест месеци веќе ќе се почне со работа на терен“, вели Богдановиќ.
Советниците со 12 гласа „за“ изгласаа дека по пат на конкурс за урбанистичко решение ќе се решава за изгледот и содржината на она што ќе биде на опфатот на дел од ДУП Градска четврт З 11, локалитет Буњаковец 1 и Буњаковец 2.
„Некои од советниците се натпреваруваа во гласност и се истакнуваа да се произнесат колку се важни приватниот интерес и правото на сопствениците, можеби и додворувајќи им се на некои од инвеститорите присутни на седницата, најпрвин во задните, а потоа во првиот ред, веднаш до градоначалникот. Тоа ми отвори сомнеж во чесните намери да се пристапи кон решавање на овој простор во градот и повторно да влеземе во игри каде што формалниот конкурс би можел да се искористи како параван, а не да биде суштинска промена во планирањето на градот во партнерство со граѓаните, стручните лица и локалната власт, водени од иста цел“, вели Јана Белчева, која е претседателка на Советот и на таа позиција дојде како претставник на граѓанскиот сектор, односно иницијативата „Во одбрана на Дебар Маало“.
Во изборот и оценувањето на доставените конкурсни решенија за локацијата, Општината ќе ја вклучи целата стручна јавност – Архитектонскиот факултет, Асоцијацијата на архитектите и Комората на архитектите.
Советниците вчера во салата за седници на Општината најпрвин се расправаа за тоа дали да се продолжи со 41-та седница или да се свика нова вондредна по предлог на градоначалникот.
Дискусијата внимателно ја следеа дваесетина заинтересирани граѓани од општината.
Искра Манојлоска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре протест поради загадениот воздух
Утре во Скопје протести поради загадениот воздух. Маршот започнува во 16 часот пред Министерството за животна средина, продолжува кон Собранието и завршува пред Владата на Република Македонија.
Од „Зелен хуман град“ предлагаат неколку итни мерки, но и повеќе среднорочни, за поефикасно справување со штетните честички во воздухот.
„Протестираме бидејќи секоја година од 3.828 до 5000+ луѓе во Македонија ги губат своите животи како директна последица на изложеноста на штетните честички PM2.5. Ова претставува 17,7% од вкупната смртност во државата. Особено загрижувачки е фактот дека едно од девет починати деца под една година го губи животот поради загадениот воздух.
Бараме од надлежните институции итно и системско справување со загадувањето на воздухот преку имплементација на овие ефикасни мерки кои ќе го заштитат здравјето на граѓаните и драстично ќе го намалат аерозагадувањето“ велат од „Зелен хуман град“.
Македонија
Ловечко куче извадено од провалија од екипа на Планинската спасителна служба во Охрид
Планинската спасителна служба (ПСС) при Црвен крст Охрид спасила ловечко куче паднато во провалија од околу 50 метри.
Вчера добиле повик од група ловци, чие ловечко куче се изгубило. Поради сериозната експонираност на теренот, ловците побарал помош од ПСС, по што еден тим од двајца спасувачи веднаш излегол на терен.
„Со помош на околувратникот со вграден ГПС локатор, го лоцирале кучето на едно хоризонтално зарамнување од ископот на каменоломот во селото Речица, 100-тина метри од подножјето и околу 50 метри од горниот раб на ископот. Дополнителен проблем претставуваше тоа што кучето единствено соработува со неговиот сопственик, поради што бевме принудени во операцијата покрај припадникот на ПСС, да го обезбедиме и спуштиме до кучето и сопственикот. По неколку часа, кучето и сопственикот беа извлечени на сигурно и спуштени во подножјето на каменоломот“, соопшти ПСС Охрид.
„Вештините на планинските спасувачи, се единствени кои можат да спречат влошување на состојбите и предизвикување емотивен шок за луѓето, во случајов сопствениците на кучето, кои беа видно загрижени за неговата безбедност“, посочува Планинската спасителна служба.
Македонија
Црвениот крст од Кочани однесе помош за човекот кој на 112 пријави дека три дена е оставен без храна
Службите на Црвен крст од Кочани утрово однесоа помош до Ванчо Димитров, неподвижен човек во селото Видовиште откако тој вчера самиот се пријавил на бројот за итни случаи 112 дека е во многу лоша здравствена состојба и три дена е без храна. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) го пријавија случајот, но неколку институции се прогласиле за ненадлежни да му помогнат.
Црвениот крст кај Димитров дома однесе два хуманитарни пакети со конзервирана храна.