Македонија
Зибери: Во владата на ДУИ министрите ќе депонираат оставки на денот на нивниот избор
Кандидатот за прв премиер Албанец, Насер Зибери, денес на прес-конференција ги презентира принципите по кои ќе функционира новата влада. Ветувајќи цврсто почитување на овие заложби, Зибери посочи на транспарентност во управувањето, одговорноста, ефикасноста и професионалноста како клучни принципи по кои ќе се раководи во неговиот мандат како иден премиер.
„Ние мора да го напуштиме клишето на досегашното управување со Владата на затворени седници, Транспарентноста е основниот елемент и принципот на секоја демократија, затоа во новиот мандат ќе се заложам седниците на владата во иднина да бидат јавно достапни, така што јавноста може директно да ги следи сесиите и случувањата на неа. Содржината на владините седници не треба да бидат предмет на разни шпекулации, толкувања и меѓусебни несогласувања. Дебатите и одлуките на владата треба да бидат достапни за јавноста за граѓаните да бидат информирани за сите круцијални теми“, истакна Зибери посочувајќи дека овој принцип ќе се имплементира на неделна основа, како што се организирани и редовните седници на владата.
„Покрај транспарентноста, на седници на владата ќе биде поканет и најистакнатиот експерт во одредени области кога темата на владата ќе бидат основните реформи за прашања од економски развој, образованието, социјална помош и други специфични сегменти од општествено значење. За нас, многу е неопходно пред донесувањето на одлуките да се слушне гласот на експертите, гласот на професорите, академиците, луѓето од науката, така што одлуките на владата ќе имаат научни поткрепувања и ќе се засноваат на идеите и предлозите од академскиот свет“, посочи Зибери како предуслов за професионализација и ефикасност на работењето на идната влада.
„Одговорноста треба да биде основен принцип на функционирање на која било влада, затоа јас ќе побарам уште на самиот ден кога ќе бидат назначени новите министри и заменик-министри, да ми достават изјава за оставка за во моментот кога премиерот ќе процени дека потребно е да се направат измени и освежувања во неговиот кабинет, тоа веднаш да се спроведе“, посочи Зибери упатувајќи на мерката со која секој министер ќе биде предмет на процес на верификација на спроведувањето на владините политики на секои два месеца, со што ќе се создаде можност за оценка на носителот на јавната фунцкија од аспект на неговата инвентивност, успешност и активност. Доколку одреден министер не ги исполни критериумите и стандардите што ќе ги поставам во тој момент, ќе ја активирам однапред доставената оставка“, истакна Зибери.
Зибери вети посебно внимание и за важните меѓународни практики и особено во насока на стекнување на меѓународно искуство во лидерство и управување, како и создавање економски политики што ќе бидат во функција на развојот на приватниот сектор. Во насока на привлекување на меѓународните искуство, Зибери најави дека при формирањето на идната влада, ќе ги замоли партнерите на коалицијата – 20 проценти од позициите што ќе ги предложат, без разлика дали се во ранг на министри, заменик-министри или директори на државни институции, да бидат од дијаспората или, пак, еминентни претставници со докажано искуство од бизнисот.
„За среќа, имаме албански, македонски и други граѓани кои се докажани на меѓународниот пазар, а на Северна Македонија ѝ е потребно ова искуство. Верувам дека владата изградена врз основа на овие темели и врз овие принципи може да биде многу поефикасна, може да биде многу поуспешна, може да биде многу потранспарентна и, пред сè, одговорна“, истакна Зибери посочувајќи дека одговорноста треба да биде основа за градење доверба меѓу владата, гласачите и парламентот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

