Македонија
ЗНАМ: Горанчо Котевски, поранешениот началник на Генералштабот на АРМ, носител на советничката листа за Скопје

Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија на денешната прес-конференција ги соопшти ноителите на советничките листи за претстојните локални избори во скопските општини и во градот Скопје. Портпаролот на движењето, Никола Мемов рече дека на последната седница на Извршниот одбор била усвоена одлука на претстојните избори да настапат со свои советнички листи во 53 општини, плус Градот Скопје.
„Оваа бројка е гласот на народот. Оваа бројка е доказ дека Движењето ЗНАМ е најбрзо растечкото движење во Македонија.
Дозволете ми да ги соопштам носителите на советничките листи во скопските општини:
-за носител на листата во Аеродром, предложен е Љупчо Марковски Калц, поранешен капитен на фудбалската репрезентација на Македонија и член на златната шампионска генерација на Вардар.
-за носител во Центар е предложен м-р Крумислав Мишко Барзов магистер по спортски менаџмент, член на европскотo жири за автомобил на годината и еден од најистакнатите автомобилски ентузијасти во државата
-за носител во Карпош е предложен проф д-р Јасмин Циривири, професор на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, врвен хирург ортопед во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје;
– за носител во Бутел е предложен Ѓорги Станко Чековски, член на кошаркарската репрезентација на Македонија и дел од тимовите на „МЗТ Скопје“ и „Работнички“;
-за носител во Гази Баба е предложен Зоран Доневски, пензиониран началник во полицијата, дипломиран економист, почитуван и познат помеѓу граѓаните на Гази Баба како чесен и професионален во неговата кариера;
– за носител во Ѓорче Петров предложен е Тони Симиќ, легендарен центар на кошаркарската репрезентација на Македонија и омилен играч на тимовите на „МЗТ Скопје“ и „Работнички“;
-за носител во Кисела Вода предложен е Сашо Петровски, дипломиран економист, истакнат приватен стопанственик;
-за носител во Чаир предложен е Николче Наумов, дипломиран правник, докажан експерт од областа на кривичното право, истакнат адвокат кој ќе биде коректор на одлуките и гарант на законитоста во работењето на Општина Чаир“, соопшти Мемов.Тој нагласи дека ова се луѓе со интегритет, со знаење и со чиста и искрена намера да работат за нивните соседи, за нивните заедници, за наша Македонија.
Тие се нашата најголема гаранција дека ветувањата ќе станат дела, дека ќе изградиме поуредени општини, поурбанизирани места за живеење, почиста животна средина и подобар квалитет на живот за сите.
Извршниот одбор донесе одлука за поддршка на натпартискиот кандидат за градоначалник на Општина Кочани – д-р Влатко Грозданов“, рече Мемов и додаде дека со оваа одлука јасно покажуваат дека нивната борба не е за партиски интереси, туку за визија, одговорност и напредок.
„Во градот Скопје ќе настапиме со силна листа, предводена од Генерал Горанчо Котески, поранешен Началник на Генералштабот на АРМ.
Дозволете ми покрај носителот на листата Генерал Горанчо Котески да ви претставам само дел од предложената градска листа: Проф. д-р Билјана Андреска Богданоска, доктор на економски науки, актуелен Ректор на Европски универзитет – Скопје;
– проф д-р Горан Ајдински, редовен професор на Филозофскиот факултет на УКИМ, декан на Факултетот во два мандати
-Мире Јанев, скопска урбана легенда, сопственик на култниот локал „Плеј кафе“ на улица „Македонија“, познат како Миро Плеј;
Дополнително, на последните места од градската листа ќе препознаете актуелни носители на јавни функции од Движењето ЗНАМ, луѓе кои немаат ниту една дамка во своето работење.
На листата се предложени:
– д-р Лилјана Којиќ, директор на Здравствен дом „Железара“
– Виктор Јовановски, Член на УО и директор на секторот за комерција во
ЕСМ;
-д-р Злате Мехмедовиќ, директор на Универзитетската Клиника за физикална медицина и рехабилитација;
– Марин Докузовски, истакнат спортски работник, селектор на кошаркарската репрезентација на Македонија и тренер на „Работнички“;
– Игор Трајановски, доктор на општествени науки, Генерален директор на АД „Аеродроми на Македонија“, рече Мемов.
„Тоа е најсилниот доказ за нашата суштина и пристап во политиката – во ЗНАМ нема привилегии, нема затворени кругови, нема политика за фотелји и за лични интереси“, рече Мемов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Паркинг ќе се плаќа без пораки, јавен превоз без картички, музеј и жичарница без редици, Ѓорѓиевски претстави нова паметна картичка за Скопје

Актуелниот градоначалник на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, презентираше нова картичка со која сите услуги што ги нуди градот ќе бидат достапни на едно место. Проектот „Скопје сити гоу- паметна картична“ е наменет пред се на младите со цел Скопје да стане вистински модерен европски град што ќе нуди едноставни, практични и паметни решенија за сите граѓани.
„Ова е еден од проектите со кој особено се гордеам, Скопје сити гоу – паметна картичка со која сите услуги што ги нуди Градот ќе бидат достапни на едно место. Наместо десетици различни карти, апликации и плаќања, секој граѓанин ќе има една унифицирана и дигитална алатка. Јавен превоз – едноставен пристап без редици, готовина и посебни картички. За младите ова значи повеќе мобилност и слобода. Паркинг без пораки, автомати и губење време. Брзо и практично решение преку самата картичка. Културни и забавни содржини – музеите, кината, театрите, жичарата и зоолошката градина ќе бидат достапни преку едно средство“, најави Ѓорѓиевски.
Картичката „Скопје сити гоу“ Ѓорѓиевски вели дека ќе биде симбол и на социјална еднаквост.
„Средношколците, семејствата со ниски примања, пензионерите, невработените и лицата со попреченост ќе ја добијат бесплатно. За нив, услугите ќе бидат бесплатни или со драстично намалени цени. Никој нема да биде изоставен“, вели градонаалникот Ѓорѓиевски.
Картичката тој очекува да има вредност и надвор од јавниот сектор, одноно општествено одговорни компании ќе овозможат преку неа дополнителни услуги и поволности.
Предвидено е „Скопје сити гоу“ да биде достапна и како мобилна апликација, но и како физичка картичка за оние кои ја преферираат класичната форма, а секој, без разлика на возраста и технолошките навики, ќе може лесно да ја користи.
„Ова е визија за поинакво Скопје, град кој им штеди време и пари на своите жители, кој се грижи за младите и за ранливите категории, и кој ја користи технологијата за да им служи на луѓето. Со ’Скопје сити гоу’ започнуваме ново поглавје – модерно, дигитално и европско Скопје“, рече Ѓорѓиевски.
Македонија
Побаран притвор за четири лица во врска со пожарот во Трубарево

Скопското Обвинителство поведе постапка против четири лица поради сомнение за загрозување на животната средина и природата со отпад, во врска со пожарот што избувна во Трубарево, а за кои од судија на претходна постапка вечерва ќе побара определување мерка краткотраен 48-часовен притвор за обезбедување докази.
Станува збор за 56-годишен управител и сопственик на две фирми, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишен раководител на подружница и 59-годишен вработен во правно лице. Воедно се испитува потенцијалната одговорност и на други лица.
Во текот на денот јавниот обвинител издаде повеќе наредби за прибирање докази, по кои сè уште постапуваат надлежните органи. Се очекуваат и резултатите од мерењата на загадувањето што ги спроведува Министерството за животна средина.
Македонија
Се користи специјална пена врз песокта за да се доизгасне чадењето во Трубарево

Од опожарениот простор во Трубарево моментално има слабо чадење само од неколку места кои веќе се затрупани, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Како што истакна, врз песочната покривка се фрла специјална пена со цел целосно сопирање на чадењето и спречување на повторна појава на пожар.