Македонија
ЗНМ и СЕММ го осудуваат кршењето на изборниот молк
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) најостро ги осудуваат случаите на, како што велат, грубо прекршување на изборниот молк од страна на повеќе онлајн медиуми во текот на вчерашниот ден, што, како што се наведува во соопштението, претставува сериозно компромитирање на изборниот процес.
„Се оди дотаму што медиуми коишто и самите потсетуваат како да се избегнат изборните нерегуларности, со своето известување ги нарушуваат правилата на известување од избори, до степен што си дозволуваат да објавуваат и проценки на изборните резултати и да соопштуваат непостоечки, неофицијални податоци од досегашното гласање. Освен што на овој начин сериозно ги нарушуваат етичките стандарди и норми за известување при избори, со своето известување, овие портали се однесуваат во спротивност и со Изборниот законик, во којшто јасно е наведено дека „за време на изборниот молк престануваат сите облици на изборно медиумско претставување на учесниците во изборната кампања“ и дека се забранети „какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија изборна кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите“. Дополнително, штетат на самиот изборен процес, станувајќи орудие во рацете на партиски центри“, велат од ЗНМ и СЕММ.
Од таму потсетуваат и на фактот дека дел од овие портали се наоѓаат на списокот на Државната изборна комисија за платено политичко рекламирање со парите на сите граѓани, од буџетот, при што, велат од ЗНМ и СЕММ, со непочитувањето на фундаменталните принципи на известување тие се ставаат во ист кош со професионалните редакции.
„ Ги потсетуваме медиумите дека изборниот молк е фаза во којашто на гласачите треба да им се овозможи да ги анализираат добиените информации за политичката понуда во текот на кампањата и да одлучат кому ќе му го доделат својот глас. Упатуваме повик до членките на Регистарот на професионални онлајн медиуми (www.promedia.mk) доследно и целосно да ги почитуваат професионалните и етичките стандарди во известувањето и да не послужат како средство за политичка агитација и пропаганда“, пишува во соопштението.
ЗНМ и СЕММ ги повикуваат и агрегаторите на вести сериозно да се ангажираат во преиспитување на тоа дали ќе го отстапуваат својот простор за содржини со коишто се заобиколуваат и игнорираат професионалните стандарди и законските одредби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нестабилно време со дожд и грмежи до среда
По врнежите и невремето по кое во текот на ноќта полавени беа подруми во Охрид, од УХМР најавуваат дека до среда ќе се задржи нестабилно време, претежно во попладневните часови со локален пороен дожд и грмежи.
Во четврток ќе има услови за краткотраен дожд, претежно во планинските подрачја, а преодно стабилизирање на времето се очекува во петок.
Температурите ќе бидат без значителна промена.
Македонија
Делови од Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров утре без струја
Без електрична енергија утре ќе останат делови од општините Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров.
Како што соопшти РЦУК – Скопје, без струја во периодот од 09:00 до 15:00 часот ќе останат корисниците на дел од село Долно Лисиче, реонот околу чаталот, ул.10 во општина Аеродром, од 10:30 до 14:30 часот дел од улица 16, на патот кон Визбеговово општина Карпош, а од 13:00 до 14:30 часот објектите на градинката Росица, на ул.„Мечкин Камен“, бр.45А. во општина Ѓорче Петров.
Македонија
Скопските и тетовските пожарникари гасеа три огнови на отворено, соопшти ЦУК
Во изминатото деноноќие Центарот за управување со кризи информира дека биле евидентирани три пожари на отворено.
Регионалниот ЦУК Скопје соопштил дека БППЗ на Град Скопје во изминатото деноноќие имала две помали интервенции поради запалено ѓубре и тоа на ул. „Ферид Заири“ во Општина Чаир и кај Езерото Треска во Општина Сарај.
Регионалниот ЦУК Тетово известил дека ТППЕ Тетово имала една помала интервенција поради запалена ниска вегетација кај село Чифлик во Општина Желино.
Центарот за управување со кризи соопшти дека изминатите 24 часа имало вкупно 1.491 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 62,84 отсто, а 37,16 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
Кон полиција биле упатени 63,18 отсто, кон итната медицинска помош 29,09 проценти, кон пожарникарите 2,73 отсто, a кон АМСМ 1,36 отсто од повиците кон бројот 112.