Македонија
ЗНМ: Надлежните итно да постапат за нападите врз новинари
Последните инциденти кои се случија за време на изборната кампања врз новинарите потребно е да се истражат и што e уште поважно да не се повторат, беше кажано на прес-конференцијата којашто се одржа денеска во Здружението на новинарите на Македонија.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, побара итна реакција на Министерството за внатрешни работи (МВР), Државната изборна комисија (ДИК) и Основното јавно обвинителство (ОЈО).
„Изминативе денови и недели бевме сведоци на повеќекратни, тешки навреди, напади, вербални малтретирања, загрозување на интегритетот и безбедноста на новинарките и новинарите. Ја организираме оваа прес-конференција на неколку дена пред светскиот ден против неказнивоста на нападите врз новинари затоа што чувствуваме дека изборниот процес донесе премногу емоции кои се преточија во неприфатлив однос на дел од политичките актери, учесници во изборите, кандидати, партиски експоненти и партиски активисти“, рече Чадиковски.
ЗНМ регистрираше потценувачки говор на претседателот на ДИК кон новинарките среде прес-конференција, кој подоцна се извини, колеги фоторепортери и сниматели ни се жалеа за односот на дел од претседателите на општинските комисии на ДИК кои јавниот простор го толкуваат како приватна сопственост, други колеги новинари се пожалија за заканувачки тонови од политичари и експоненти на кампањите на партиите. Креираната атмосфера е предупредувачка и мора веднаш да престане. Не станува збор ниту за една партија или кандидат, туку за различни политички провениенции, велат од ЗНМ.
Поднесени се претставки до МВР и ДИК за сите пријавени досегашни случувања поврзани со напади на новинарите во изборниот процес. ЗНМ апелира да се реагира брзо, да се почитува работата на новинарите, но и тие како личности од страна на политичките актери, не само во процесот на предизборната кампања, туку и во иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

