Македонија
ЗНМ на тест, изборот на Чадиковски под прашалник

По којзнае кој пат новинарската фела е исправена пред нови поделби. Вчерашниот избор на Младен Чадиковски за претседател на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) создаде комплетен хаос околу толкувањето дали изборот е легитимен. Претставници од телевизиите Телма и Канал 5 реагираат на изборот, дел медиуми го поддржуваат, некои претставници од верификационата комисија тврдат дека требало да има втор круг на гласање, а дел честитаат за изборот на Чадиковски, кој го наследи досегашниот претседател, Насер Селмани.
Социјалните мрежи вријат од кавги, препукувања и навреди меѓу новинарите и уредниците од различни медиуми, па оттаму, како и да завршат последните случувања, останува фактот дека новинарската фела е далеку од обединување.
Правилникот на ЗНМ под тест

Правилник на ЗНМ
На вчерашното Изборно собрание, од 555 членови на ЗНМ, се појавија односно се регистрираа 175 претставници, а од нив гласаа 169. Се претпоставува дека тие шестмина си заминале по регистрацијата.
Од 169 гласови, за Чадиковски гласале 86, за неговиот противкандидат Столе Наумов 77, а шест ливчиња биле неважечки.
Претседателот на ЗНМ, според Статутот, се избира со мнозинство гласови од присутните на изборното собрание. Тука дојде и најголемата забуна, односно дилемите се развија околу делот дали за присутни се смета бројката од 175 претставници (колку што се регистрирале на почетокот на собранието) или пак бројката од 169, колку што гласале.
Со оглед на тоа што мнозинство од 175 е 88, а не 86 (колку што доби гласови Чадиковски), дел медиуми и новинари си зедоа за право да го прогласат изборот за нелигитимен. Дел пак, за присутни членови ги сметаат само оние што гласале.
„На списокот пишува колку членови зеле избирачки листови и тој список е веднаш предаден. На него пишува 169 членови. Едно е верификација на кворум за собрание, а друго верификација на гласање. Второто одеше по име и презиме, сите кои се регистрираа беа повикани. Шестмина си заминале. По таа логика требаше воопшто да не се бројат гласовите затоа што немаше 175 пријавени за гласање. Никој не го оспори бројот на гласачи, ниту броењето, ниту пак резултатите. Така што или е неразбирање или е тенденциозност. За првото се обидувам да објаснам, за второто немам намера да влегувам во дебата бидејќи не го организирав собранието“, вели Тамара Чаусидис од изборната комисија.
Новинарот од веб-порталот „Сакам да кажам“, Горан Трпеновски, кој беше дел од верификационата комисија, се повикува на Правилникот на ЗНМ, каде што се вели дека „доколку ниту еден кандидат не го добие мнозинството, се преминува на втор круг на гласање“.
„Јас морав да реагирам како член на верификационата комисија за да бидам чист пред себе, пред кандидатите и пред колегите. ЗНМ треба да ја реши оваа дилема и сакам да излезат и да кажат дали има некакви неправилности“, вели тој.
Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ вели дека на самото Собрание немало ниту еден приговор и сè поминало во најдобар ред.
„Приговор немаше од страна на присутните ниту по објава на резултатите од гласањето по што истото беше затворено од страна на претседавачот. Ако има било какви дилеми околу легитимноста околу примената на статутот сакам да укажам дека автентично толкување на одредбите на Статут на ЗНМ дава Собранието на ЗНМ на седница на Собранието. Освен ова, помеѓу две собранија, толкување на одредбите на Статутот дава Управниот одбор на ЗНМ“, вели Секуловски, одбивајќи да се впушти во толкување на Правилникот на ЗНМ.
Селмани: Губитници блиски до СДСМ го спорат процесот

Насер Селмани и Атанас Кировски
Поранешниот претседател на ЗНМ, Насер Селмани, се огласи на Фејсбук велејќи дека „губитниците го спорат процесот“. Тој пишува дека од моментот кога се утврдил кворумот до моментот на гласањето поминале повеќе од два часа и шест делегати си заминале.
„Значи на Собрание за време на гласањето присутни биле 169 делегати. Младен доби 86, Столе 77, шест беа неважечки. Кој малку знае математика разбира дека Младен доби 50+1 глас од гласовите“, пишува Селмани и додава дека целата оваа операција е водена од „некои директори на националните телевизии, а новинарите што се вклучени во оваа валкана игра против ЗНМ и новинарството се само извршители“.
„Еве да објаснам од прилика како се однесуваше ова губитничка група на Собранието, блиска до владејачката партија СДСМ, потопомогната од директорите на некои национални приватни телевизии. Знаејќи дека ја немаат поддршката од колегите поради нивната јасна намера да ја инструментализираат ЗНМ за политички и лични интереси, побараа одлагање на Собранието. Нивниот предлог беше поддржан само од шест делегати од вкупно 175, колку што имаше на почеток на Собранието, кога се утврдуваше кворумот“, пишува Селмани.
„Интересот на директорите на приватните национални телевизии е да ги оневозможат новинарите да имаат свој глас во јавноста. Овие неспособни луѓе, кои единаест години беа најсилните сојузници на режимот на Груевски, сега се обидуваат да се врзуват со новиот режи за да цицат уште пари од буџетот на државата. За да ги одржат овие коруптивни врски со новата власт ќе треба претходно да ја парализираат ЗНМ, во што не успеа“.
На ова, врати главниот и одговорен уредник во ТВ Телма, Атанас Кировски, кој напиша:
„Кај мене во маало, претседателот на куќен совет го избраа со поголем број на гласови. Многу силна организација станала ЗНМ, нема што… Доколку се формира ново здружение на новинарски работници со три-четири пати повеќе активни членови, јасно е кој ќе го има легитимитетот. Друго прашање е дали вреди човек да се замара со тоа. Инаку, за какви проекции си прават муабет доволен е фактот што од Телма гласаа двајца или тројца вкупно. Јас на моите вработени сум им кажал дека е нивна работа дали ќе членуваат во ЗНМ, МАН, Синдикат, или никаде. За жал 98% не ги интересира ЗНМ. Не е тоа до мене Насер друже, до ЗНМ е….“
Нетранспарентност пред изборното собрание на ЗНМ

Од вчерашното изборно собрание на ЗНМ
Изборот за претседател на ЗНМ го следеа и други реакции од новинарската фела, почнувајќи од тоа дека краток беше периодот од кандидатурите до гласањето, односно медиумските работници имаа рок од само 2 дена да одлучат за кого ќе гласаат. Друг беше проблемот што немаше време ниту да се отворат дебати за тоа какви промени во ЗНМ предлагаат кандидатите, а немаше можност ниту прецизно да се видат програмите на кандидатите.
Освен тоа, на медиумските работници кои сакаа да се зачленат во ЗНМ последниот ден од рокот за зачленување, а 10 дена пред изборното собрание, како на пример новинарите, снимателите и останатиот кадар од „А1он“, „Макфакс“ и „Репортер“, им беше соопштено дека можат да се зачленат, но дека ќе немаат право да гласаат на претстојното собрание, бидејќи немало доволно време за ажурирање на списокот и издавање легитимации.
Некои новинарски редакции воопшто не беа известени за претстојното собрание односно од ЗНМ не пристигна официјално соопштение дека ќе се врши избор на ново раководство.
Сите овие тесни рокови кај дел од новинарската фела јавија недоверба кон организацијата, па најверојатно тоа е и една од причините зошто на собранието присуствуваа околу 170 членови, а новиот претседател беше избран со 86 гласови.
Мери Јордановска, Габриела Димковиќ – Мишевска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.