Македонија
ЗНМ, ССНМ, СЕММ се против избрзани решенија за финансирање на медиумите
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Независниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) сметаат Владата треба да се воздржи од избрзани и недоволно обмислени решенија во медиумската сфера, особено во период на предизборие.
Тие сметаат дека економската криза предизвикана од коронавирусот влијае на кревката финансиска моќ на медиумите генерално и затоа Владата треба да ги исцрпи сите други можности за поддршка на медиумите пред да се размислува за каква било директна финансиска помош.
„Во таа насока предлагаме Владата дополнително да ги ослободи телевизиите и радијата од многубројните давачки кон државата, пред сè, кон ААВМУ и кон Агенцијата за електронски комуникации, а со цел да го помогне нивното работење во услови на криза. Освен ова, дополнително треба да се направи анализа за нови линеарни даночни олеснување на традиционалните, но и онлајн-медиумите, зашто на тој начин Владата ќе демонстрира дека се грижи медиумите да имаат поволни услови за функционирање во кризно време, а истовремено нема да покаже дека има селективност во поддршката“, се наведува во заедничкото соопштение.
Од друга страна, се додава во него, доколку кризата на програмската содржина на медиумите, која постои и пред коронавирусот, и натаму не покаже знаци на закрепнување, сметаме дека во иднина Владата треба да размислува за креирање привремена поддршка за иновативни и креативни медиумски проекти, односно продукти од јавен интерес, за сите медиуми, со што би се подобрил квалитетот на програмата, како и економската состојба на новинарите.
„Со цел дефинирање на критериуми и инклузивност во процесот за обмислување на моделот што треба да ги запази стандардите од ЕУ-членките, ќе биде нужно овој процес да мине низ широка дебата со вклученост на релевантните фактори. Собранието, веднаш по конституирањето, ќе треба да донесе законско решение со поширок консензус за оваа исклучително важна тема. Битен аспект за ваков тип финансиска поддршка е тоа што сите медиуми што се заинтересирани, ќе може да аплицираат. Притоа, напоменуваме дека овие финансии не смеат да го нарушат медиумскиот пазар или да создадат услови за нови непазарни влијанија. Затоа ,нивниот обем треба да биде умерен“, пишува во соопштението.
Освен тоа, велат новинарските здруженија, треба да постојат гаранции дека тие средства би се користеле за подобрување на социјално-економската положба на новинарите и медиумските работници и за создавање квалитетни медиумски содржини, кои се од интерес на јавноста.
ЗНМ, ССНМ и СЕММ и другите партнерски новинарски и медиумски организации во наредниот период ќе побараат помош од дел од нашите стратешки партнери, како што се Меѓународната федерација на новинарите, Европската федерација на новинарите, Делегацијата на ЕУ во Скопје, Амбасадата на САД, како и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, за споделување на позитивните компаративни искуства за да послужат како насока во пошироката јавна дебата по изборите за изнаоѓање на најдобрите решенија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

