Македонија
Зоран Теофиловски, член на Судскиот совет, под истрага за злоупотреба на службената положба

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе наредба за отворање истрага против осум лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување. Меѓу нив е и Зоран Теофиловски, член на Судскиот совет.
„Кон крајот на месец август 2011 година првоосомничениот како тогаш одговорно лице претседател на спортско здружение од Тетово, со намера противправно да се изврши упис на право на сопственост, поднесувајќи лажни докази, започнал постапка за легализација. Кон барањето за утврдување правен статус на непостоечки објект, до Општина Тетово, приложил нотарски заверена изјава со која лажно изјавил дека станува збор за објект изграден во 1995 година и геодетски елаборат изготвен од второосомичениот во кој е прикажан непостоечкиот објект во површина од 122 метар квадратен. На почетокот на 2012 година, постапувајќи по поднесеното барање, две осомничени лица како членови на надлежната комисија, со неизвршување на својата службена должност, извршиле увид на лице место и изготвиле записник, внесувајќи невистинит податок дека на парцелата постои бесправно изграден објект што претставува градежна и функционална целина. Подоцна, третоосомничениот со искористување на својата службена положба и овластување, иако знаел дека постојат правни пречки за издавање урбанистичка согласност и продолжување на постапка за утврдување правен статус за непостоечки бесправно изграден објект, изготвил и потпишал урбанистичка согласност на име на непостоечко правно лице, со оглед на тоа што правниот наследник на спортското здружение е регистриран во Централниот регистар на РМ три месеци по донесување на урбанистичката согласност. Во декември 2012 третоосомничениот изготвил и потпишал решение за утврдување правен статус на бесправно изграден објект“, соопштија од Обвинителството.
Во меѓувреме, кога постапката за легализација сè уште не била завршена со правосилен акт, шестоосомничениот во својство на службено лице – управител на Друштвото за спортски активности, со намера да прибави противправна имотна корист за правното лице, поднел барање за купување градежно земјиште сопственост на РСМ. Со барањето приложил извод од ДУП што по негово барање противзаконски бил изготвен од страна на третоосомничениот, кој внел невистинити податоци во планот.
Постапувајќи по барањето за приватизација, административен службеник е осомничен дека извршил увид на предметната парцела и со искористување на својата положба и овластување изготвил записник, внесувајќи невистинити податоци, по што предметот го доставил на понатамошно постапување. По добивање на записникот, осмоосомниченото лице, постапувајќи по предметот, наместо да го одбие поради неисполнување на законските услови за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост, без извод од урбанистички план и без донесен ДУП, изготвило решение за приватизација на градежното земјиште.
На овој начин осомничените овозможиле правното лице да се стекне со право на сопственост на градежно земјиште со површина од 4410 м2 откупувајќи го по цена од 43,00 денари за 1м2 или во вкупна вредност од 188.307,00 денари , а на штета на средства на Буџетот на РСМ во висина од 52.920.000 денари.
Надлежен обвинител што постапува по предметот во текот на денот ќе достави до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд предлог за определување мерка притвор за шест осомничени и мерки на претпазливост за две осомничени лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.