Македонија
Зошто уште не се фатени сите потпалувачи и нарачатели на пожарите, прашуваат од „Зелен хуман град“
По еден од најкацерогените месеци во Скопје, каде што речиси секој ден имавме нов пожар, тренд кој дури и уште продолжува, ние немаме никакво известување од МВР дека сите сторители и нарачатели се приведени. На сите ни е јасно дека вакво потпалување не е спонатно и несреќен случај. Зарем се исцрпени државните капацитети за лоцирање луѓе што директно убиваат скопјани со загаден воздух, прашуваат од Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“.
„Како вистински терористички напад, зошто не се пуштени сите капацитети на државата за лоцирање на сите одговорни за нападот врз нас скопјаните? Се апси спорадично и не се апсат нарачателите, туку (дел од) извршителите.
Може во моментот не осетивме премногу импакт врз нашето здравје, но за неколку години, кога ќе рипнат бројките на белодробни заболувања, карциноми, инфертилност и сите други сериозни здравствени нарушувања поради загадувањето, тогаш ќе се свестиме?
Некој денес да дојде и да ти удри тупаница, веднаш ќе очекуваш полицијата да го уапси. Е, па, така овие нелуѓе ни удираат тупаници нам и на сите наши најмили (читај деца, внуци, родители), чии модринки ќе ги чувствуваме до крајот на животот“.
Дополнително, од „Зелен хуман град“ прашуваат зошто не се сите сторители и нарачатели веднаш зад решетки.
И зошто, како што додаваат, од МВР сè уште не се преземени построги мерки за превенција на идни пожари.
Според нив, ова досега, како што велат, не беа инцидентни пожарчиња, туку смислен терористички напад врз скопјани и потенцираат дека мора да биде третиран како таков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Коцевски: Ако градоначалникот Ѓорѓиевски има докази за злоупотреби во јавните претпријатија нека пријави
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, доколку има докази за злоупотреби во јавните претпријатија, е надлежен тоа да го пријави во Министерството за внатрешни работи или во Јавното обвинителство.
„Во однос на изјавите на градоначалникот, ќе кажам дека тој како градоначалник, доколку има докази и е надлежен, тоа може да го пријави на надлежните органи – МВР, и да ги достави тие документи евентуално во Јавното обвинителство. И досега Обвинителството така постапувало, што значи дека ќе постапува и натаму. Ако има злоупотреби, стоиме на располагање“, изјави Коцевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски претходно на социјалните мрежи објави дека во скопските јавни претпријатија се отпуштени 500 лица кои со месеци или години не доаѓале на работа, и дека нема да има толеранција за такви случаи.
Дополнително во телевизиско гостување, Ѓорѓиевски објасни дека до него пристигнале документи кои укажуваат на можни незаконитости во работењето на повеќе претпријатија.
Македонија
Следната недела почнува судењето за пожарот во „Пулс“, обвинителството со тим од 15 обвинители
Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, почнува следната недела, на 19 ноември.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители, со веќе утврден план за нивна координација.
„Во судница обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што беа и досега, но најверојатно ќе ангажираме уште неколку, за да не се одолговлекува постапката. Од наша страна сме целосно подготвени и екипирани“, изјави Коцевски, додавајќи дека вчера се одржал координациски состанок во Јавното обвинителство.
Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница бил кабарето „Пулс“.
Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.
Во Основното јавно обвинителство Кочани се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.
Македонија
Утре делови од Шуто Оризари без вода за пиење
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( среда ) поради промена на затворач ф-125мм на крстосницата Индира Ганди/Гвадалахара, прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици; Гвадалахара, Индира Ганди, Метохиска, Јован Хаџи Шишко и Гарсија Лорка.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Шуто Оризари)

