Македонија
(Видео) Иванов во ОН: Никој не може да биде повикуван на одговорност ако гласа или не гласа на референдумот
Претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето на 73. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк упати порака до македонските граѓани дека гласањето на референдумот е право, а не обврска.
„Во овие неколку часа пред референдумскиот молк сакам да упатам порака до сограѓаните – гласањето на референдум е ваше право, а не обврска. Никој не може да биде повикуван на одговорност за гласање, односно негласање на референдумот“, рече Иванов.
То додаде дека секој граѓани има право сам да одлучи дали да излезе да гласа или да бојкотира.
Според него, овој референдум може да донесе состојба на потчитеност на Македонија под друга држава. „Не само што се менува името на државата туку се формира нова држава со ново име. Ќе бидеме држава само по име, а не по суштина“, рече Иванов.
Македонскиот претседател рече дека како граѓанин ја донел својата одлука дека нема да излезе да гласа на 30 септември и рече дека се надева дека и македонските граѓани ќе донесат, како што рече, мудра одлука.
Иванов рече дека доколку овој референдум не е успешен, тогаш се отвора нова можност. „Можност да разговараме и да ги разгледаме новите опции за решавање на прашањето во согласност со меѓународното право, преку почитување на нашето фундаментално право на самоопределување. Да го обновиме националниот консензус што го постигнавме на почетокот на независноста“, порача Иванов.
Според него, поради грчките блокади ни се одзема правото на просперитет. „Ги повикувам сите држави кои ја признале Република Македонија под уставно име да не ги менуваат своите одлуки. Помогнете ни со тоа што ќе бидете чувари на нашето право на самоопределување“, порача Иванов.
Според него, многумина ќе го осудат неговиот говор пред ГС на Обединетите нации.
„Можеби додека зборувам се пишуваат изјави кои ќе го осудат мојот говор. Но вистината ослободува. Единствената вистина е дека ние сме Македонци, а нашата држава е Република Македонија“, заклучи Иванов.
Од правото на самоопределување, рече тој, извира и правото на народот да го одбере своето име и името на државата што ја создал.
„Сепак, Грција со конечната спогодба од Преспа ни наметнува ново име и бара истото да се применува erga omnes – и за меѓународна и за домашна употреба. Предвидено е да го промениме Уставот, при што Грција би била конечниот авторитет што ќе ги одобрува уставните измени. Преку оваа спогодба Грција ќе добие постојан надзор за тоа како ние ќе се именуваме себе си, но и како вие, државите-членки на Обединетите нации ќе ни се обраќате нам. Грција се овластува да ги преименува нашите институции, да ја цензурира содржината на учебниците на нашите деца, да го спречува правото на граѓаните да го изразуваат својот македонски идентитет. Се регулира именувањето на нашиот македонски јазик“, рече Иванов.
Според него, еден многу важен дел од нашиот начин на живот ќе зависи од волјата на Грција. „Тоа е цензура на светот и автоцензура на колективната свест на македонскиот народ. Тоа е насилство врз нашата историска меморија. Во архивите на Обединетите нации постојат илјадници страници документи и сведоштва за тоа што Грчката држава им правела на Македонците во Грција. Сега, со Преспанската спогодба Грчката држава сака да им го направи истото и на Македонците во Република Македонија. Целта е употребата на името Македонци да ја ограничи на најмалиот можен простор – а тоа е просторот меѓу нашите две уши, држејќи ја притоа нашата уста затворена. Тоа е флагрантно кршење на правото на самоопределување“, рече Иванов.
Македонскиот претседател рече дека при приемот на Република Македонија во Обединетите нации е прекршено правото на самоопределување. Според него, времената и Преспанската спогодба се донесени за да се оправда тоа кршење. „Мора да знаете дека текстот на таа Преспанска спогодба е изготвен без мое знаење и без моја согласност како претседател на Република Македонија. Спогодбата повредува одредба од внатрешното право од фундаментално значење. Кажано со други зборови, јазолот што започна да се заплеткува со Резолуциите 817 и 845 и со Времената спогодба, сега, со Преспанскиот договор стана јамка за бесење. Од Република Македонија сега се бара да изврши правно и историско самоубиство, за да може правното укинувањето на македонскиот народ да се протолкува како негова сопствена волја. Се прашувам што зборува ова за глобалното лидерство и споделената одговорност на Обединетите нации?“, праша Иванов.
Тој упати прашање до високите странски претставници кои ја посетија Македонија во изминатиов период и кои ги повикаа граѓаните да гласаат на референдумот.
„Многумина од нив ги убедуваат македонските граѓани да ја прифатат грчката спогодба. Нив ги прашувам, дали тие би прифатиле да го дерогираат право на самоопределување на нивните сопствени народи и држави? Дали тие би прифатиле мешање во нивните внатрешни работи, нарушување на сувереноста и политичката независност? Зошто тогаш од нас се бара да прифатиме нешто што никој во светот не би го прифатил? Не не убедувајте да јадеме од овој отровен плод. Крајно време е отровното стебло, сосе неговиот отровен плод, да бидат отстранети“, истакна Иванов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Битола објави Јавен повик за поддршка на лица со ретки болести
Општина Битола објавува Јавен повик за поддршка на лица со ретки болести за патни трошоци до болница надвор од Битола и нивни потреби, односно финансиска поддршка на лица со ретки болести кои што се наоѓаат во незавидна положба за надминување на истата, соопштија од Општината.
Критериумите и условите како и потребните документи кои едно лице треба да ги исполнува и достави за искористување на средства од Програма за социјална заштита на Општина Битола во делот на финансиска поддршка на лица со ретки болести се на следниот линк: https://www.bitola.gov.mk/lica-so-retki-bolesti/
Периодот на пријавување е отворен во текот на цела година до целосно искористување на средствата при што исплата ќе се врши два пати годишно, јули и декември, а едно лице има право на искористување на средства еднаш во текот на годината, до максимален износ од 30.000,00 денари бруто износ од лице во зависност од потребите за лекување надвор од Битола.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.

