Македонија
Иванов од италијанскиот Сенат: Со недобивањето датум за Македонија и Албанија, Балканот влегува во нова неизвесност

Со недобивањето датум за почеток на преговорите за пристапување на Македонија и Албанија кон ЕУ, Западен Балкан влегува во нова неизвесност, истакна поранешниот претседател на Македонија, Ѓорге Иванов, кој имаше свое обраќање во италијанскиот Сенат на сесијата посветена на иднината на Европа, со која претседаваше поранешниот министер за надворешни работи на Италија и поранешен еврокомесар, Франко Фратини. Иванов се осврна на актуелните настани во Европа и нејзиното опкружување, како и на последните случувања во регинот во контекст на неговата европска перспектива.
„Процесот на проширување на ЕУ на Западен Балкан долго време се сметаше за најдобра, но и најуспешна европска политика“, рече Иванов додавајќи дека наместо ветената политичка стабилност и економскиот просперитет, повеќе земји од Балканот, поради спротивставените интереси на големите сили, може повторно да генерираат трајна нестабилност.
Иванов нагласи дека актуелните настани во Европа и нејзиното опкружување укажуваат дека мноштво конфликти тлеат под површина и дека иднината на Европа станува сè повеќе непредвидлива.
„Брегзитот, радикализмот, екстремизмот, тероризмот, ксенофобијата, исламофобијата… се само симптоми, а не причини за актуелните состојби во Европа. Бизмарк, очигледно свесен за тогашните состојби и ривалства во Европа на 19 век, ќе искаже едно пророштво, кое и ќе се оствари. Според него, големата војна ќе почне поради некоја глупава работа на Балканот. Такви глупави работи сега не се само на Балканот, туку и на многу други места во Европа“, рече поранешниот македонски претседател.
Осврнувајќи се на безбедносните ризици во контекст на поширокиот регион, односно европското соседство, Иванов порача дека многу позагрижувачки од односот на ЕУ кон Западен Балкан е односот на ЕУ кон Блискиот Исток и арапскиот свет и тој треба да се промени.
„Мисијата на ЕУ за 21 век е да промовира напредок и стабилност, балансиран стопански и социјален развој, сочувување на различноста на народите во Европа. Чување и негување на нејзините вредности, како што се почитување на човековите права, социјална пазарна економија, одржив развој, здрава животна средина. Дали ќе успее во тоа или ќе стане жртва на алчни интереси меѓу моќните членки на европското јадро зависи од храброста на нејзините лидери да ја позиционираат Европа како геополитички актер во 21 век.
Иванов присуствуваше и на аудиенција кај неговата светост папата Франциско, како и на прием кај претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела, кои беа организирани за учесниците на овој состанок. Тој му изрази благодарност на папата Франциско за неодамнешната посета на Македонија, како и за неговото писмо упатено до него како поранешен претседател, во кое папата Франциско го изразува своето задоволство што посетата беше реализирана на најдобар можен начин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.