Македонија
Иванов: ОН уште истиот ден кога започна конфликтот требаше да бидат во Киев, а следниот ден во Москва

Поранешниот претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов, вчера се обрати на форумот за дипломатија во Анталија кој се одржува под покровителство на Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, во периодот 10-13 март 2022 година.
Темата на Дипломатскиот форум во Анталија е „Прекодирање на дипломатијата“, а Претседателот Иванов се обрати на панелот на тема „Ревитализација на мултилатерализмот: ОН и подалеку“. На панелот, покрај претседателот Иванов, учествуваа Министерот за меѓународни односи и соработка на Јужна Африка, претставничката на ОН за меѓународни дискусии во Женева и Претседателот на 75-та сесија на Генералното собрание на ОН и поранешен министер и амбасадор на Република Турција. Сите учесници на панелот се согласија дека се неопходни промени и реформи на ОН и Советот за безбедност.
Во своето излагање, Претседателот Иванов нагласи дека кризата во Украина ја враќа повторно на сцена дебатата за ОН и Советот за безбедност и нивната поставеност во 21-виот век. Потсети дека денешните ОН се резултат на состојбата после II Светска војна кога победниците биле мудри и храбри луѓе и го започнале тој проект соодветен за тоа време и тие услови. Сепак, во денешно време тој проект ја губи својата моќ да воспоставува мир. Истакна дека можни се три модели на функционирање на ОН, прво, да останат како што се, второ, да излезат од воспоставениот модел и да се реформираат, и, трето, да ги користат придобивките од технолошкиот развој и дигитализацијата како начин за носење одлуки. Според претседателот Иванов, ако системот на ОН остане во статус-кво состојба, после конфликтот во Украина, знаејќи ја позицијата на Русија, нѐ очекуваат долги и тешки преговори користејќи ги сите досегашни дипломатски механизми и искуства. Ако се замени моделот на носење одлуки, да се напушти сегашниот и се замени со нов, современ, постои можност за нивно подобро функционирање. Третиот модел, пак, според претседателот Иванов е да се користат сите дострели и технолошки достигнувања за носење дипломатски решенија, дигитална дипломатија. Нагласи дека ОН се човечка креација и тие, како и секој организам, кога ќе остарат се соочуваат со немоќ, тромавост, помала ефикасност. Потенцираше дека ОН се најефикасни во кризни ситуации, но, за да се покаже нивната ефикасност, Генералниот секретар на ОН, заедно со Претседателот на Генералното собрание на ОН, мораше, уште истиот ден кога започна конфликтот, да бидат во Киев, а следниот ден во Москва. На крајот на дискусијата, претседателот Иванов им се обрати на присутните со пораката, дека живееме во време на голема неизвесност и дека нѐ очекуваат големи предизвици. Но, човештвото секогаш наоѓа решение во кризни ситуации, и да се надеваме дека и сега ќе најдеме решенија кои ќе бидат од корист за сите, не само за одредени земји. Светот станува сѐ покомплексен и посложен, но и сѐ повеќе меѓусебно зависен, па затоа, помагајќи си себе си, им помагаме на сите.
За време на Дипломатскиот форум во Анталија, претседателот Иванов оствари повеќе кратки средби со учесници на форумот. Учесници на форумот се актуелни и поранешни шефови на држави и влади, министри, дипломати, бизнис лидери, академици, експерти и претставници на младите и медиумите.
Дипломатскиот форумот во Анталија е собир на високо ниво на професионалци кои се занимаваат со дипломатија како што се државници, политички лидери, дипломати, креатори на мислење или академици и претставува одлична платформа за регионалните и глобалните актери од сферата на дипломатијата, политиката и бизнисот за размена на идеи и справување со меѓународните предизвици. Дипломатијата останува основниот метод на комуникација меѓу лидерите и државите. Има цела група други структурни и системски промени на меѓународната политичка сцена на кои треба да одговори дипломатската професија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Гази Баба и Кисела Вода денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од село Инџиково од улиците: 3, 7, 14, дел од ул. 10 и дел од ул. Маџари. (Општина Гази Баба)
· од 08:30 до 15:30 часот, корисниците од дел од ул. Студеничанска и дел од ул. Драчевска. (Општина Кисела Вода)
· од 09:30 до 13:30 часот, корисниците од ул. Добре Ивановски, и дел од ул. 22 во нас. Инџиково. (Општина Гази Баба)
Македонија
Денеска максималната температура до 38 степени, од утре потопло

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток до средината на наредната седмица кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надмине 40°C. Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.