Македонија
Иванов: Процесот на обезличување на Македонија почна со Охридскиот договор
Поранешниот претседател Ѓорге Иванов денеска се обрати на свечениот собир во МАНУ на тема: „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој 1941 – 1991/1991 – 2021 година“.
Иванов во својот говор ја критикува актуелната власт велејќи дека постојано се повторува една мантра: дека друга алтернатива, освен членство во Европската Унија, немаме.
„Денес многу ретко или воопшто не се чита Мисирков и неговата книга ‘За македонцките работи’, особено не од страна на актуелната власт и нејзините советници. Стравот да се отвори и прочита оваа книга е од сопствената гризење на совеста затоа што е напакостено и испогането сè што било и ќе биде свето за Македонците и за Македонија“, нагласи тој.
Поранешниот претседател смета дека обезличувањето на Македонија не е дело само на, како што рече, грчкиот договор од Преспа и договорот со Бугарија, туку тој процес смислено почнал со Охридскиот договор.
„Со Охридскиот договор, покрај сите предупредувања, македонскиот народ од националитет се сведе на етницитет – етничка група. Од тогаш сè веќе беше подготвено за она што денес ни се случува… Со тоа Република Македонија и македонскиот народ се втурнати во правна, политичка, историска бездна. Пандорината кутија е отворена и сега речиси секој си зема право да го негира она што е наше стекнато право. И тоа на повеќе нивоа и во повеќе наврати“, посочи Иванов, кој порача дека денеска на Република Македонија повеќе од кога и да е ѝ се потребни луѓе, што, како што рече, со гордост ќе се изјаснуваат дека се Македонци и дека се припадници на македонскиот народ.
Тоа, како што објасни, се луѓе што нема да се автоцензурираат и кои со храброст ќе говорат која е Македонија.
„Македонија има потреба од луѓе што нема да се плашат да ги посочат виновниците. Виновниците што посегнаа да ги цензурират и нашите колективни сеќавања. Да ја цензурираат македонската историја, македонската култура, да ги менуваат фактите онака како што им треба на другите. Виновниците кои дури посегнаа да ја цензурирааат и конторолираат македонската свест“, истакна Иванов во своето обраќање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

