Македонија
Избрани новите членови на Управниот и Извршниот одбор на АД МЕПСО: приоритет е стабилизација и развој на електропреносниот систем
Министерството за транспорт како единствен акционер на АД МЕПСО ги назначи новите членови на Надзорниот одбор на компанијата.
За членови на Надзорниот одбор на операторот на електропреносниот систем АД за пренос на електрична енергија и управување со електроенергетскиот систем – во државна сопственост Скопје, избрани се: Јован Лазарев, Зоран Тодоровски, Елизабета Гиовска, Симона Домазетовска-Марковска, Агрон Рустеми, Звонко Бошков и Али Исмаиљ.
На вчерашната седница Надзорниот одбор ги избра членовите на Управниот одбор, и тоа во состав: за претседател на Управениот одбор и директор е назначен Бурим Љатифи, заменик-директор Александар Пауноски, а за членови назначени се Сашко Лакински, Васе Јовевски, Анастасија Илиеска, Иван Иванов и Мартин Малиновски.
Со изборот на новите членови на Управниот и Надзорниот одбор приоритет се дава на ефикасно управување на електропреносниот систем преку оптимален и оддржлив развој на компнијата сѐ со цел задоволување на потребите од електрична енергија за крајните кросиници.
Притоа Управниот и Надзорниот одбор ќе имаат задача да го консолидираат акционерското друштво од наследените проблеми, да се справат со корупцијата и да ги зајакнат капацитетите на компанијата во насока на реализација на развојни проекти, со кои ќе придонесат за унапредување на преносната мрежа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

