Македонија
Извинување од Арсовски и судска постапка против него, најави директорот на скопски водовод

Смешни и трагикомични се денешните клевети изнесени од страна на портпаролот на ВМРО ДПМНЕ Димитар Арсовски, дадени пред почеток на престојната изборна кампања за локалните избори, реагира директорот на скопскиот водовод.
„Јас, како генерален директор на ЈП Водовод и канализација Скопје, категорично тврдам дека целата постапка за реконструкција на водоводната и канализациона мрежа на улица Варшавска е спроведена согласно законските прописи, градежните стандарди и нормативи. Врз основа на усвоена инвестициона програма и годишен план за работа, спроведена е постапка за јавна набавка, по што е склучена рамковна спогодба за реконструкција на водоводната и канализациона мрежа. По добиеното одобрение за реконструкција во месец јули 2020 година од Општина Карпош, е спроведена постапка за јавна набавка за склучување на посебен договор преку јавно негативно аукциско наддавање, при што наведената фирма е избрана за најповолен понудувач. Во спроведенета постапка останатите четири учесници немаат вложено жалба за изборот на најповолниот понудувач“, пишува во соопштението.
Од таму дообјаснуваат дека по склучениот посебен договор, фирмата е воведена во работа и започнала со извршување на градежните активности, што може да се утврди од градежните дневници и книги, кои се потврдени и одобрени од страна на овластен градежен надзорен орган.
„Градежни активности од посочената фирма не се започнати без претходно слкучен посебен договор. За манипулацијата со јавноста да биде уште пофантастична, на посочената фирма, ЈП Водовод и канализација Скопје ги нема во целост исплатено времените градежни ситуации за реконструкцијата. Во недостаток на идеи и проекти од страна на ВМРО ДПМНЕ, кои улицата Варшавска ја оставија со еден куп новоизградени бетонски чудоивишта, опозициската партија се обидува со лаги, клевети и манипулации да фрлат дамка врз решението на ЈП Водовод и канализација Скопје, со кое граѓаните на овој дел од Општина Карпош добија трајно решение за водоводната и канализационата мрежа“, е потенцирано во писмениот допис.
Дополнуваат дека ЈП Водовод и канализација Скопје како најтранспарентно јавно претпријатие во државата според сите индекси на демократија, целокупната документација, градежните дневници и градежните книги ги става на увид на сите надлежни органи.
„За искажаните клевети и невистини, од страна на Димитар Димса Арсовски, потпарол на ВМРО ДПМНЕ упатуваме јавно барање за извинување и повлекување на изнесените лаги и невистини, а во спротивно ќе поведеме соодветна судска постапка за утврдување на граѓанска одговорност за изречените лаги и клевети“, пишуваат од оваа институција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Гази Баба и Кисела Вода денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од село Инџиково од улиците: 3, 7, 14, дел од ул. 10 и дел од ул. Маџари. (Општина Гази Баба)
· од 08:30 до 15:30 часот, корисниците од дел од ул. Студеничанска и дел од ул. Драчевска. (Општина Кисела Вода)
· од 09:30 до 13:30 часот, корисниците од ул. Добре Ивановски, и дел од ул. 22 во нас. Инџиково. (Општина Гази Баба)
Македонија
Денеска максималната температура до 38 степени, од утре потопло

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток до средината на наредната седмица кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надмине 40°C. Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.