Македонија
Извршителите да ги почитуваат законските измени за застарување на долговите, бараат граѓаните
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2018/03/28584408_1508205682623190_582895345_o-1.jpg)
Извршителите да ги почитуваат измените од Законот за облигационите односи, кои се однесуваат на застарувањето долгови, побараа граѓаните на мирен протест пред Министерството за правда.
Тие преку писмени барања се обратија и до министерот Кренар Лога.
Оценуваат дека не се применуваат измените во конкретниот закон од страната на извршителите, кои се однесуваат на застарувањето долгови и покрај тоа што беа изгласани од Собранието и објавени во „Службен весник“ пред повеќе од седум месеци, како и покрај потврдата за уставноста на законот од Уставниот суд во јануари 2024 и одлуката на Законодавно-правната комисија во Собранието дека не е потребно автентично толкување на законот.
„Уставниот суд застана на наша страна, народниот правобранител застана на наша страна. Само вие, извршната власт, не сте на наша страна. Законот е дециден, 10 години од извршна исправа секаде во светот застарува“, изјави Ана Глигорова од здружението „Човекот над профитот“.
Од здруженијата „Човекот над профитот“, „Но Пасаран“, КСОМ и ПЦЕР бараат во рок од осум дена овие барања да се процесираат и да им се нареди на извршителите предметите да почнат да застаруваат.
Самка Ибраимовски, претседател на политичката партија ПЦЕР, побара министерот за правда да го исполни ветувањето што им го дал дека ќе постапува по одлуката на Уставниот суд.
Според него, во овој момент има 220 илјади блокирани сметки.
На ова реагираа и од Министерството за правда.
„Министерството за правда нема законски надлежности да дава автентично толкување на законските норми, што е во исклучива надлежност на Собранието на Република Северна Македонија.
Министерството за правда информира дека исклучива надлежност за постапување по основа на застареност на предмет кај извршител има судот во соодветна постапка.
Правниот институт – застарувањето, роковите, прекинот и начинот на утврдување се регулирани со многубројни одредби од Законот за облигационите односи (член 349-382 ) и тој не се применува автоматски, туку се утврдува во судска постапка на предлог на должникот.
Извршителот е должен да постапува по барањето на доверителот и притоа не е овластен да носи никакви процедурални одлуки во однос на текот на извршувањето, што е во исклучива надлежност на судот“, се истакнува во реакцијата од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
(Видео) Полициските хеликоптери исфрлија над 120 тони вода врз пожарите кај селото Тажево и „Јасен“
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Screenshot-2024-07-26-203439.jpg)
Денеска Одделот за воздухопловни единици при МВР учествуваше со два хеликоптери во гасење на пожарот во реонот на Јасен.
Во 62 налети исфрлени се преку 120 тони вода со што успеа да се локализираат новите реактивирани краци на пожарот и да се спречи прошорување на пожарот кон селото Брезница , селото Тажево и националниот парк Јасен.
Македонија
Пронајдено детето од Скопје кое беше пријавено дека се оддалечило од домот
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/02/policija-5.jpg)
Вечерва околу 19.20 часот полициски службеници од СВР Скопје го пронајдоа осумгодишното дете за кое денеска околу 18.40 часот неговата мајка С.Н. во ПС Карпош пријави дека околу 17 часот се оддалечило од домот.
Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје ги презеле сите неопходни мерки и активности и детето било пронајдено во добра здравствена состојба и ќе биде предадено на родителот, соопшти МВР.
Македонија
На Табановце за влез во државата се чека околу еден час
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/07/tabanovce.jpg)
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце за влез во државата се чека е околу 1 час. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани –Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Термините се следни:
– петок од 17:00 – 22:00 часот,
– сабота од 09:00 до 18:00 часот и
– недела од 09:00 до 22:00 часот.
На магистралниот пат А2 делница: Скопје – Охрид – Скопје се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони за време на викендите, во следните интервали:
– петок од 15:00 – 22:00 часот,
– сабота од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот и
– недела од 07:00 до 22:00 часот.